عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

The Bee [An-Nahl] - Macedonian Translation

Surah The Bee [An-Nahl] Ayah 128 Location Maccah Number 16

1. Тоа што Аллах го одредил, ќе се случи, затоа не избрзувајте го тоа! Возвишен нека е Тој и нека е многу високо над тие што Му ги здружуваат!

2. Тој ги испраќа мелеците со Објавата по Своја волја, на тие Свои робови на коишто сака: „Опоменувајте дека нема друг бог освен Мене и плашете се од Мене!“

3. Тој небесата и Земјата со Вистината ги создаде, Тој нека е многу високо над тие што Му ги здружуваат.

4. Тој го создава човекот од капка семе, а тој одеднаш – отворен противник!

5. И Тој добитокот за вас го создава; со него од студот се штитите, а и други користи имате, со него и се храните;

6. тој ви е украс кога од пасиштата го враќате и кога на пасиште го изведувате,

7. а ви ги носи и товарите на местата на кои без голема мака не би стигнале – Господарот ваш навистина е Благ и Милостив –

8. и коњите, мазгите и магарињата за да ги јавате и за украс, а ќе го создаде и тоа што не го знаете.

9. Аллахово е да укаже на Вистинскиот пат, а ги има и погрешни; а Тој да сака, сите би ве упатил.

10. Тој од небо ја спушта водата која ја пиете и со која се наводнуваат растенијата која стоката ги пасе.

11. Тој прави со нејзина помош да ви растат житото, маслинките, палмите, грозјето и разновидните плодови – тоа е навистина доказ за луѓето кои размислуваат.

12. Тој прави со ноќта и со денот да се користите и со Сонцето и Месечината, а ѕвездите се потчинети на Неговата волја – тоа се навистина докази за луѓето кои имаат памет –

13. и со сето тоа што на земјата разнобојно го создава – тоа е навистина доказ за луѓето кои примаат поука.

14. Тој прави со морето да се користите, од него свежо месо да јадете и да вадите накит со кој се украсувате. Ти ги гледаш бродовите како го сечат за нешто од неговото богатство да стекнете и за благодарни да бидете.

15. Тој по Земјата неподвижни планини расфрла за таа да не ве потресува, а и реки и патишта за правилно да се насочувате,

16. и патокази, а и по ѕвездите тие се ориентираат.

17. Па дали е тогаш Тој што создава како тој што не создава?! Вразумете се!

18. Ако вие ги броите Аллаховите благодати, нема да ги наброите; Аллах навистина простува и Милостив е.

19. Аллах знае што криете, а што јавно покажувате.

20. А тие на коишто, наместо на Аллах, им се молат – ништо не создаваат; тие самите се создадени;

21. предмети се, не се живи и не знаат кога ќе бидат оживеани.

22. Вашиот Бог е еден Бог! Срцата на тие што во оној свет не веруваат, негираат, тие со вообразеноста се расфрлаат.

23. Нема сомнеж дека Аллах го знае тоа што тие го кријат, а и тоа што јавно го изнесуваат; Тој навистина не ги сака тие што се вообразуваат.

24. А кога некој ќе ги праша: „Што објавува вашиот Господар?“ – тие одговараат: „Измислици од древните народи“,

25. за на Судниот ден да го носат сиот товар свој и дел од товарот на тие кои без вистинско знаење во заблуда ги донеле. А грозно е тоа што тие ќе го носат!

26. И тие пред нив смислуваа интриги, па Аллах од темел нивните згради ги сруши, и покривот над нив се сруши – казната ги стигна од каде што не очекуваа!

27. А на Судниот ден Тој ќе ги засрами и ќе ги запраша: „Каде се тие кои Мене Ми ги здружувавте, тие за кои се спротивставувавте?“ Тие што знаат ќе речат: „Денеска срам и мака ќе ги стигнат неверниците,

28. на кои мелеците душите им ги земаа во моментот кога неправда си правеа.“ И тие ќе се покорат и ќе речат: „Ние никакво зло не правевме!“ „Навистина, Аллах добро го знае тоа што го правевте,

29. затоа влегувајте на портите на Џехенемот, во него вечно ќе останете!“ О, колку грозно ќе им биде престојувалиштето на тие што беа вообразени!

30. А на тие што се плашеа од Аллах ќе им се рече: „Што објавувал Господарот ваш?“ „Добро!“ – ќе одговорат. Тие што прават добри дела уште на овој свет ќе имаат убава награда, а оној свет, сигурно е уште подобар. О, колку прекрасно ќе им биде живеалиштето на тие што се плашеа од Аллах:

31. Еденски долини во кои ќе влезат, низ кои реки течат, и во кои сè што ќе посакаат ќе имаат. Така Аллах ќе ги награди тие што ќе се плашат од Него,

32. на тие на кои мелеците душите ќе им ги земат, а тие чисти, и на кои ќе им велат: „Мир со вас! Влезете во Џенетот поради тоа што го правевте!“

33. Зарем многубошците чекаат да им дојдат мелеците, или да дојде казната од Господарот твој? Така постапија и тие пред нив; Аллах не беше неправеден кон нив, тие самите кон себеси беа неправедни,

34. и ги стигна казната за грозните дела што ги правеа, и од сите страни ги снајде тоа на што се потсмеваа.

35. Тие што Му припишуваат здруженици велат: „Да сакаше Аллах, ни ние ни предците наши, покрај Аллах, никого немаше да обожуваме и без Негова волја, ништо немаше да сметаме за забрането.“ Исто така и тие пред нив постапуваа. А зарем Пратениците беа должни нешто друго освен јасно да известат?

36. Ние на секој народ Пратеник му испративме: „Само Аллах обожувајте Го, а тргнете се од тагутот!“ И меѓу нив имаше од тие коишто Аллах ги упатил, а и од тие што заслужиле да останат во заблуда. Затоа патувајте по светот за да видите како завршија тие што Пратениците за лага ги обвинуваа.

37. Ти колку и да сакаш тие да бидат упатени, Аллах нема да ги упати тие што ги заблудил и на нив никој нема да им помогне.

38. Тие се колнат во Аллах, со најтешката заклетва: „Аллах нема да го оживее тој што ќе умре!“ А ќе го оживее, тоа е Неговото ветување кое навистина ќе се исполни, само што тоа повеќето луѓе не го знаат,

39. за да им објасни околу тоа за што не се согласуваа и за да сфатат тие што не веруваа дека биле лажливци.

40. Ако нешто сакаме, Ние само велиме: „Биди!“ – и тоа бидува.

41. Тие што ќе се иселат само поради Аллах, откако биле угнетувани, Ние уште на овој свет на убаво место ќе ги сместиме, а наградата на оној свет ќе биде уште поголема, кога само би знаеле,

42. тие што ќе трпат и што на Господарот свој ќе се потпираат.

43. Ние и пред тебе само луѓе им праќавме и им објавувавме – прашајте ги учените луѓе (меѓу следбениците на Книгата), ако вие не знаете –

44. јасни докази и книги. А тебе ти го објавуваме Куранот, за да им го објасниш на луѓето тоа што ти се објавува и за тие да размислат.

45. А зарем се сигурни тие кои лоши подмолности коваат, дека Аллах нема во земја да ги втера или дека нема, од каде што не можат ни да помислат, казната да им дојде,

46. или дека нема на патувањата нивни да ги казни, тие нема да избегаат,

47. или дека нема, додека се во страв, да ги казнува? Но Господарот ваш е навистина Благ и Милостив.

48. Зарем тие не гледаат дека сето тоа што Аллах го создал, сега десно, сега лево, ги пружа сенките свои, на Аллах послушно чинејќи му сеџда и дека и тоа е покорно?

49. На Аллах со сеџда Му се поклонува сè живо и на небесата и на Земјата, и мелеците, а тие не се арогантни,

50. се плашат од Господарот свој, Кој е над нив, и го прават тоа што им се наредува.

51. Аллах вели: „Две божества не обожувајте!“ – само еден е Бог – „И само од Мене плашете се!“

52. Сè што е на небесата и на Земјата Негово е, и Нему треба секогаш да Му се биде послушен. Зарем од некој друг, а не од Аллах, да се плашите?

53. Од Аллах е секоја благодат којашто ја уживате, а штом некоја неволја ве снајде, повторно од Него гласно помош барате.

54. И потоа, кога Тој неволјата ќе ви ја отстрани, некои од вас истиот момент Господарот свој со друг Го изедначуваат,

55. за да покажат неблагодарност кон тоа што Ние сме им го дале. Па уживајте, но навистина, ќе дознаете!

56. Многубошците на тие кои ништо не знаат им оставаат дел од храната која Ние им ја даваме. Се колнам во Аллах дека сигурно ќе бидете прашани за сето тоа што постојано го измислувате.

57. Тие на Аллах Му припишуваат ќерки – Возвишен и чист е Тој! – а на себе тоа што го посакуваат.[155]

58. А кога на некој од нив ќе му се јави дека му се родила ќерка, лицето му потемнува и станува потиштен,

59. се крие од луѓето поради несреќата која му е јавена: дали вака презрен да ја задржи или во земја да ја закопа? Колку лошо просудуваат тие!

60. Тие што не веруваат во оној свет се со лоши особини, а Аллах има највозвишени својства: Тој е Силен и Мудар.

61. Кога Аллах би ги казнувал луѓето поради нивните гревови, ништо живо на Земјата не би оставил, но Тој до рокот одреден ги остава, и кога нивниот рок ќе помине, ниту за еден момент нема да можат да го одложат ниту да го забрзаат.

62. Тие на Аллах Му го припишуваат тоа за што и самите чувствуваат одвратност и нивните јазици говорат лаги дека нив ги чека најубавата награда; а нив, несомнено, оган ги чека, тие во него први ќе бидат потерани.

63. Се колнеме во Аллах, Ние и пред тебе на народите Пратеници им праќавме, но шејтанот нивните постапки убави им ги претстави, и тој сега е нивен другар, нив ги чека неиздржливо страдање.

64. Ние тебе ти објавуваме Книга, за да им го објасниш тоа околу што се раздвојуваат и за да им биде упатство и милост на верниците.

65. Аллах водата од небо ја спушта и со неа животот на мртвата земја ѝ го враќа! Тоа е доказ за луѓето што слушаат.

66. Навистина имате поука во вашиот добиток: Ние ви даваме да го пиете чистото млеко кое се наоѓа во внатрешноста на нивните тела, а настанува во внатрешните органи и крвта, вкусно за тие што го пијат.

67. А од плодовите на палмата и лозата подготвувате пијалак и пријатна храна. Тоа е, навистина, доказ за тие што имаат памет.

68. Господарот твој ја вдахна пчелата: „Прави за себе домови по планините, по дрвјата и по тоа што го креваат луѓето,

69. потоа, храни се со разновидни плодови, па тогаш оди послушно по патеките на Господарот свој!“ Од утробите нивни излегува пијалак со различни бои, кој им е лек на луѓето. Тоа е доказ за луѓето што размислуваат.

70. Аллах ве создава и потоа душите ви ги зема; има од вас кои длабока старост доживуваат, па потоа го забораваат тоа што претходно го знаеле. Аллах е, навистина, Сезнаен и Семоќен.

71. Снабдувајќи ве, Аллах на едните им дава повеќе отколку на другите. Но, тие на кои им е дадено повеќе не им даваат на тие кои се во нивна власт, а потребите им се еднакви. Па зарем Аллаховите благодати ги негираат?!

72. Аллах за вас создава жени од вашиот вид, а од жените ваши ви дава синови и внуци; и вкусни јадења ви дава. Па зарем тие во лага веруваат, а Аллаховите благодати ги негираат?

73. И ги обожуваат, покрај Аллах, тие кои не се во состојба со ништо да ги снабдат, ни од небото ни од земјата, и кои ништо не можат!

74. Затоа не изнесувајте Му слични на Аллах! Аллах навистина знае, а вие не знаете.

75. Аллах дава пример за роб кој е во туѓо владение, кој нема ништо, и тој што Ние богато сме го обдариле и кој дава од тоа, и тајно и јавно, па зар тие се еднакви? Сета благодарност Му припаѓа на Аллах! Но, повеќето од нив не знаат.

76. Аллах ви дава за пример двајца луѓе, од кои едниот е глувонем, кој нема ништо, и кој му е на товар на господарот свој – каде и да го испрати, никакво добро не донесува. Дали е тој еднаков со тој што бара праведно да се постапува, а и самиот е на Правиот пат?

77. Аллах ги знае сите тајни на небесата и на Земјата! А крајот на светот како трепкање на окото ќе дојде, или уште побрзо, бидејќи Аллах е, навистина, Семоќен!

78. Аллах од стомаците на вашите мајки ве изведува, вие ништо не знаете, и ви дава и слух и вид и разум, за да бидете благодарни.

79. Зарем тие не гледаат како птиците во небеските ширини без мака летаат, нив само Аллах ги држи. Тоа се навистина докази за луѓето кои веруваат.

80. Аллах ви дава во куќите ваши да живеете, и ви дава шатори од кожата на добитокот, кои лесно ги носите кога одите на пат и кога преспивате, а од волната нивна, и од влакното нивно, и од крзното нивно ви дава простирки и корисни работи, сè до одреден рок.

81. Од тоа што го создал, Аллах ладовинка ви дава, и засолништа во ридовите ви дава, и облека која ве чува од жештината; ви дава и оклопи кои во борба ве штитат, и така ви ја надополнува благодатта Своја, за да бидете послушни.

82. А ако тие ги свртат главите, па ти си должен само јасно да објавуваш.

83. Тие признаваат дека благодатта е само од Аллах, па потоа ја негираат – повеќето од нив се неверници!

84. А на Денот кога од секој народ ќе донесеме по еден сведок, на неверниците нема да им биде дозволено, ниту од нив ќе се бара, да Му се умилкуваат на Аллах.

85. Кога тие што правеле насилство ќе го доживеат страдањето, тоа нема ниту да им се ублажи ниту да им се одложи.

86. Кога тие кои Му припишуваа здруженик ќе ги здогледаат божествата свои и кажат: „Господару наш, ова се божествата наши, ним им се молевме, а не Тебе!“ – божествата ќе им дофрлат: „Вие сте, навистина, лажливци!“

87. И тие тој ден на Аллах ќе Му се покорат, и ќе им пропадне тоа што го клеветеа.

88. Тие што не веруваа и што од Аллаховиот пат одвраќаа, Ние со двојна казна ќе ги казниме, затоа што правеа неред.

89. И сети се на тој Ден кога против секој народ ќе донесеме по еден сведок, од него самиот, и тебе ќе те донесеме како сведок против овие![156] Ние тебе ти ја објавуваме Книгата како објаснување за сè и како упатство и милост и радосна вест за муслиманите.

90. Аллах бара да се почитува сечие право, да се прави добро, и на блиските да им се дава, а развратот и сè што е лошо и одвратно и насилството го забранува; да примите поука, Тој ве советува.

91. И исполнувајте ги обврските за кои сте се обврзале со Аллаховото име и не кршете ги заклетвите кога веќе цврсто сте ги дале, а Аллах за сведок сте Го зеле, бидејќи Аллах го знае тоа што го правите.

92. И не бидете како таа што својата преѓа ја расплела во ситни парчиња, кога веќе цврсто ја исплела, служејќи се со заклетвите свои за меѓусебно мамење, само затоа што едното племе е помногубројно од другото. Аллах со тоа само ве искушува, а на Судниот ден навистина ќе ви го објасни тоа околу што не сте се согласувале.[157]

93. Да сака Аллах, Тој би ве направил следбеници на една вера, но Тој заблудува кого сака, а упатува кого Тој сака; и вие навистина ќе одговарате за тоа што сте го правеле.

94. И не служете се со заклетвите свои само за да се измамувате едни со други, за да не се лизне ногата која стои цврсто, и за да не ја почувствувате несреќата за тоа што од Аллаховиот пат одвраќавте, а страдањето големо уште ве чека.

95. И не ја заменувајте обврската дадена на Аллах за нешто што малку вреди, тоа што е кај Аллах е подобро за вас, ако знаете!

96. Тоа што е кај вас, минливо е, а тоа што е кај Аллах, вечно е. Тие што трпеле Ние сигурно ќе ги наградиме според подоброто што го правеле.

97. На тој што прави добро, било маж или жена, а верник е, Ние ќе му дадеме да проживее убав живот и навистина ќе ги наградиме според подоброто што го правеле.

98. Кога сакаш да учиш Куран, побарај заштита кај Аллах од проклетиот шејтан,

99. тој навистина нема никаква власт над тие што веруваат и кои се потпираат на Господарот свој,

100. негова е власта единствено над тие што него за заштитник го земаат и кои на Аллах здруженици Му припишуваат.

101. Кога Ние заменуваме еден ајет со друг – а Аллах најдобро знае што објавува – тие велат: „Ти само измислуваш!“ А не е така, туку повеќето од нив не знаат.

102. Кажи: „Мелекот Џибрил со вистината го објавува од Господарот твој, за уште повеќе да ги зацврсти верниците во верувањето, и да биде патоказ и радосна вест за сите муслимани.“

103. Ние добро знаеме дека тие велат: „Го подучува еден човек!“ Јазикот на тој поради кого тие погрешно говорат е јазик на туѓинец, а овој Куран е на јасен арапски јазик.[158]

104. На тие што не сакаат да веруваат во Аллаховите докази, Аллах сигурно нема да им укаже на Вистинскиот пат, и нив ги чека неиздржливо страдање.

105. Се осудуваат лаги да измислуваат само тие кои во Аллаховите зборови не веруваат и тие се вистински лажливци.

106. Тој што ќе го негира Аллах откако поверувал во Него, освен ако на тоа биде принуден, а срцето му остане цврсто во верата, го чека Аллаховата казна. Тие на кои неверството им се допаѓало ќе ги стигне Аллаховиот гнев и нив ги чека неиздржливо страдање,

107. затоа што повеќе го сакаат животот на овој, а не на оној свет, а Аллах нема да го упати на Вистинскиот пат народот кој не верува.

109. тие, без сомнеж, на оној свет ќе бидат изгубени.

110. Господарот твој на тие што ќе се иселат, откако биле злоставувани, па потоа ќе се борат и стрпливо сè ќе поднесуваат – Господарот твој навистина потоа, милостив ќе им биде

111. на Денот во кој секој човек само за себе ќе се грижи, и во кој на секој човек за делата негови полна награда или казна ќе му се даде, неправда нема да им се стори!

112. Аллах како пример наведува град, сигурен и спокоен, на кој во изобилство му доаѓаше храна од сите страни, но кој беше неблагодарен на Аллаховите благодати, па поради тоа што го правеше Аллах му даде да искуси и глад и страв.

113. И ним им дојде Пратеник, еден од нив, но тие лажливец го нарекоа, и нив ги стигна казна додека беа неправедни.

114. Хранете се со допуштени и убави јадења кои Аллах ви ги дарува и бидете Му благодарни на Аллах за Неговите благодати, ако само Него Го обожувате.

115. Toj ви забранува само мрша, крв и свинско месо и тоа што е заклано во нечие друго име, а не во Аллаховото. А на тој што ќе биде принуден, но не од желба, туку само колку гладот да го прекине, Господарот твој навистина ќе му прости и Милостив ќе биде.

116. И не зборувајте лаги со јазиците свои: „Ова е дозволено, а ова забрането“, за така да изнесувате лаги за Аллах. Тие што за Аллах говорат лаги, нема да успеат,

117. кратко ќе уживаат, и нив страшно страдање ќе ги чека.

118. На eвреите им го забранивме тоа за коешто претходно ти кажувавме; Ние не бевме неправедни кон нив, тие самите на себеси неправда си нанесоа.

119. На тие што од незнаење ќе направат лошо дело, па потоа ќе се покајат и ќе се поправат, Господарот твој по тоа сигурно ќе им прости и ќе биде Милостив.

120. Ибрахим навистина беше предводник, покорен на Аллах, вистински верник, на Аллах не Му припишуваше здруженици,

121. и беше благодарен на благодатите Негови; Тој него го избра и на Правиот пат го упати.

122. И му дадовме добро на овој свет, а на оној свет навистина ќе биде меѓу добрите.

123. Потоа тебе ти објавивме: „Следи ја верата на Ибрахим, тој имаше чиста вера, на Аллах не Му припишуваше здруженици!“

124. Славењето на саботата пропишано им е на тие што имаа различни мислења за неа, и Господарот твој на Судниот ден на нив ќе им пресуди за тоа околу кое се подвоија.

125. На патот на Господарот твој мудро и со убав совет повикувај, и со нив на најубав начин дискутирај! Господарот твој ги знае тие што заталкале од Неговиот пат и Тој ги знае тие што се на Вистинскиот пат.

126. Ако сакате да возвратите на неправдата, тогаш направете го тоа во толкава мерка колку што ви е направено; а ако се воздржите – тоа е навистина подобро за трпеливите.

127. Биди трпелив! Но, трпелив ќе бидеш само со Аллахова помош. И не тагувај по нив, и нека не ти е тешко поради интригите нивни.

128. Аллах е навистина на страната на тие што се плашат од Аллах и што се воздржуваат од гревовите и што прават добри дела.