عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

The Cow [Al-Baqara] - Macedonian Translation

Surah The Cow [Al-Baqara] Ayah 286 Location Madanah Number 2

1. Елиф-лам-мим![6]

2. Оваа Книга[7], во која нема сомнеж, е Упатство за богобојазливите.

3. За тие што веруваат во гајбот[8] (невидливото), го извршуваат намазот[9] (молитвата) и даваат од тоа со што Ние[10] ги снабдуваме,

4. и за тие што веруваат во тоа што ти е објавено тебе и во тоа што е објавено пред тебе, и коишто цврсто веруваат во оној свет[11].

5. Тоа се тие што се упатени од Господарот свој и тоа се тие што се спасени.

6. На тие што не веруваат навистина им е сеедно дали ти ќе ги опоменуваш или нема да ги опоменуваш, тие не веруваат!

7. Аллах ги запечатил срцата нивни и ушите нивни, а пред очите нивни има перде, и ним им следува голема казна.

8. Има луѓе коишто велат: „Веруваме во Аллах и во другиот свет“ – а не се верници.

9. Тие мислат дека ги мамат Аллах и тие што веруваат, иако, не чувствувајќи го тоа, самите себеси се мамат.

10. Во срцата нивни се наоѓа болест[12] и Аллах им ја зголемува болеста. Нив ги чека болно страдање поради тоа што лажеа!

11. И кога ќе им се каже: „Не правете безредие на Земјата!“, одговараат: „Ние само воспоставуваме ред!“

12. Зарем така? Тие, навистина, се вистински интриганти! А за тоа не се ни свесни.

13. Кога ќе им се каже: „Верувајте како што веруваат овие луѓе“, тие одговараат: „Зарем да веруваме како што веруваат малоумните[13]?“ А навистина тие самите се малоумни, а тоа не го ни знаат!

14. Кога ќе ги сретнат тие што веруваат, велат: „Веруваме!“, а штом останат насамо со своите шејтани (ѓаволи)[14], велат: „Ние сме со вас. Ние само се потсмеваме[15].“

15. Аллах на нив им се потсмева и ги остава да талкаат во својата осиленост.

16. Тоа се тие кои ја зедоа заблудата во замена за Упатството! Но нивната трговија не им донесе добивка и тие не се упатени!

17. Слични се на тие што ќе запалат оган и кога огнот ќе им ја осветли околината, Аллах ќе им ја одземе светлината и ќе ги остави во мрак, па ништо не гледаат.

18. Глуви, неми и слепи се тие! И никако да се повратат (кон Вистинскиот пат)!

19. Или сe слични на тие што за време на силниот порој од небото, каде што се темнините, татнежот и молњите поради громовите, ги ставаат прстите во уши плашејќи се од смртта! А Аллах ги опфаќа неверниците!

20. Само што не ги заслепи молњата: кога и да им светне, тие ќе тргнат, а штом ќе останат во мрак, застануваат! А да сака Аллах би им ги одзел и слухот и видот! Аллах навистина може сè!

21. О, луѓе, обожувајте Го Господарот ваш Кој ве создаде и вас и тие пред вас, за да бидете богобојазливи,

22. Кој Земјата постела, а небото кров ви ги направи; Кој од небото ви го спушта дождот и со него создава плодови, снабдување за вас. Затоа не припишувајте Му здруженик на Аллах, знаејќи го тоа.

23. А ако се сомневате во тоа што Сме му го објавиле на Својот роб, тогаш, донесете вие едно поглавје слично на тоа; повикајте ги и божествата ваши, ако вистината ја зборувате.

24. Па, ако не го направите тоа, а нема да го направите, тогаш чувајте се од огнот кој е подготвен за неверниците, чиешто гориво луѓето и камењата ќе бидат!

25. А израдувај ги тие што веруваат и што прават добри дела дека ним им припаѓаат џенетските[16] градини низ кои реки течат! Кога и да бидат снабдени од градините со некаков плод, велат: „Со ова и претходно бевме снабдени.“, а им беа давани само слични на нив! Во градините само чисти жени ќе имаат и во нив вечно ќе престојуваат!

26. Навистина Аллах не се срами за пример да ја наведе мушичката или нешто поситно од неа; тие што веруваат знаат дека тоа е Вистината од Господарот нивен; а тие што не веруваат велат: „Што сака Аллах со овој пример?“ Со ова Тој многумина заблудува, а многумина и упатува, а ги заблудува само грешниците!

27. Тие што го прекршуваат заветот кон Аллах откако е даден, го прекинуваат тоа што Аллах го наредил да се одржува и прават неред на Земјата. Тие се губитници!

28. Како можете во Аллах да не верувате вие, кои бевте мртви, а Тој ве оживеа, а потоа ќе ве усмрти, и потоа пак ќе ве оживее, а потоа Нему ќе Му бидете вратени?!

29. Сè што е на Земјата Аллах го создаде за вас; потоа кон небото се насочи и како седум небеса го уреди. Тој знае сè!

30. И кога Господарот твој им рече на мелеците[17] (ангелите): „Јас на Земјата ќе поставам намесник!“, тие запрашаа: „Зарем на Земјата ќе го поставиш тој што на неа неред ќе шири и крв ќе пролева?! А ние Те величаме, заблагодарувајќи Ти, и Те почитуваме како што Тебе Ти доликува!“ Тој одговори: „Јас го знам тоа што вие не го знаете!“

31. И Тој го подучи Адем[18] со сите имиња, а потоа ги изнесе пред мелеците и рече: „Кажете Ми ги имињата нивни, ако ја кажувате вистината!“

32. „Славен биди!“, рекоа тие, „Ние го знаеме само тоа за што Ти нè подучи! Само Ти си Зналецот и Мудриот!”

33. „О, Адеме,“, рече Тој, „кажи им ги имињата нивни!“ И кога тој им ги кажа нивните имиња, Аллах рече: „Зарем не ви кажав дека само Јас ги знам тајните на небесата и на Земјата и дека само Јас го знам тоа што вие го покажувате и тоа што го криете?“

34. И кога им кажавме на мелеците: „Поклонете му се на Адем со сеџда[19]!“, тие сите се поклонија освен Иблис[20], кој одби, се вообрази и стана неверник.“

35. И Ние рековме: „О, Адеме, ти и твојата жена живејте во Џенетот и јадете од него од каде што сакате, но не приближувајте се до ова стебло, па со тоа неправда да си сторите!“

36. Но, шејтанот ги намами да сторат грев и ги изведе од местото каде што живееја!“ – „Слезете!“ – им рековме Ние. „Едни на други ќе бидете непријатели до одреденото време! Земјата ќе биде ваше живеалиште и уживање некое време!“

37. И Адем прими некои зборови од Господарот свој, па Тој му прости; Тој навистина простува и Милостив е!

38. И Ние рековме: „Слезете од него сите! Од Мене ќе ви доаѓа Упатството; и тие што ќе го следат Упатството Мое, ниту ќе стравуваат, ниту ќе тагуваат!”

39. А тие што нема да веруваат и кои ајетите Наши ќе ги негираат, жители на Огнот ќе станат и во него вечно ќе останат.

40. О, синови Израилови, сетете се на благодатите Мои кои ви ги подарив, и исполнете го заветот што Ми го дадовте, па и Јас ќе го исполнам заветот што ви го дадов! И плашете се само од Мене!

41. Верувајте во тоа што го објавив потврдувајќи го тоа што вие го имате и не бидете првите кои не веруваат во тоа! Не продавајте ги Моите зборови за ниска цена и плашете се само од Мене!

42. И не мешајте ја вистината со невистината криејќи ја вистината, иако знаете!

43. И намаз (молитва) извршувајте и зекат[21] давајте; и со тие кои го извршуваат намазот и вие извршувајте го!

44. Зарем од другите барате да прават добри дела, а при тоа себеси се заборавате, а вие Книгата ја читате?! Зар нема да се опаметите?

45. Барајте помош со трпеливоста и со намазот (молитвата). Тоа е навистина тешко, освен за послушните,

46. кои се убедени дека ќе се сретнат со Господарот свој и дека Нему ќе Му се вратат.

47. О, синови Израилови! Сетете се на благодатите Мои кои ви ги подарив и за тоа што над другите светови ве одликував.

48. И плашете се од Денот кога никој за никого нема да може ништо да направи; кога ничие посредување нема да биде примено, кога од никого откуп нема да се прими и кога на луѓето никој нема да им излезе на помош!

49. И кога ве спасивме од луѓето на фараонот кои со најтешки маки ве мачеа: машките деца ви ги колеа, а женските во живот ги оставаа – тоа ви беше големо искушение од Господарот ваш.

50. И кога поради вас морето го раздвоивме и ве спасивме, а луѓето на фараонот пред ваши очи ги потопивме!

51. И кога одредивме средба со Муса[22], вие потоа четириесет ноќи обожувавте теле, правејќи си самите себеси неправда.

52. Потоа, и покрај сè, ви простивме за да бидете благодарни.

53. И кога на Муса му дадовме Книга и упатство за разликување на вистината од невистината, за да бидете упатени.

54. И кога Муса му рече на народот свој: „Народе мој, вие навистина самите себеси неправда си сторивте прифаќајќи го телето; затоа на Создателот свој покајте Му се и убивајте се меѓу себе![23] Тоа е подобро кај Создателот ваш, па ќе ви прости. Тој го прима покајанието и Милостив е!

55. И кога вие рековте: „Муса, ние нема да ти веруваме сè додека Аллах јасно не Го видиме!“ – па, молња ве удри додека гледавте,

56. а потоа по смртта ваша ве оживеавме, за да бидете благодарни.

57. И Ние од облаците ладовина ви направивме, и мана[24] и потполошки ви испраќавме: „Јадете ги убавите јадења со кои ве снабдивме!“ Тие Нам не ни наштетија, туку самите себеси неправда си сторија!

58. И кога рековме: „Влезете во овој град и јадете колку што сакате; влезете низ портата извршувајќи сеџда и кажете: ,Прошка!‘, па ќе ви ги простиме гревовите ваши, а на тие што прават добри дела ќе им дадеме и повеќе од тоа.“

59. Тогаш неправедните го заменија со друг Зборот кој им беше даден, па Ние на неправедните казна од небото им спуштивме, затоа што грешеа.

60. И кога Муса за народот свој молеше за вода, Ние рековме: „Удри со стапот свој по карпата!“ Од неа дванаесет извори протекоа и секое племе знаеше од кој извор ќе пие! „Јадете и пијте од Аллаховото снабдување и не чинете зло по Земјата правејќи неред.“

61. И кога рековте: „Муса, ние не можеме повеќе една иста храна да јадеме. Затоа замоли Го Господарот свој да ни подари од тоа што земјата раѓа: зеленчук и краставици, пченица, леќа и кромид!“ Тој рече: „Зарем тоа што е подобро да го замените со тоа што е полошо? Одете во некоја земја, ќе го имате тоа што го барате!“ И понижувањето и бедата на нив паднаа и гневот на Аллах на себе го навлекоа, затоа што во Аллаховите докази не веруваа и затоа што веровесниците невини ги убиваа, затоа што непослушни беа и сите граници на злото ги преминуваа.

62. Тие што веруваа, и тие што беа евреи[25], христијани и Сабијци[26], а веруваа во Аллах и во другиот свет и правеа добри дела – навистина ги очекува награда од Господарот нивен; и за нив нема страв и тие нема да тагуваат.

63. И кога од вас заветот го зедовме и над вас планината Тур ја кренавме: „Силно прифатете го тоа што ви го дадовме и нека ви е на ум тоа што е во Книгата, за да се сочувате од казната!“

64. Потоа вие отстапивте, и да не беше Аллаховата добрина и милост кон вас, вие навистина ќе страдавте.

65. Вам ви е веќе познато што им се случи на тие што за саботата влегоа во грев, па Ние им рековме: „Бидете мајмуни презрени!“

66. Тоа го направивме како опомена за современиците и за нивните поколенија, а поука за богобојазливите.

67. И кога Муса му рече на народот свој: „Аллах навистина ви наредува да заколете крава!“, тие го запрашаа: „Дали се шегуваш со нас?“, а Муса им одговори: „Да не даде Аллах да бидам од незналците.“

68. Рекоа: „Замоли Го Господарот свој во наше име да ни објасни каква треба да биде кравата!“ „Тој вели“ – одговори тој – „дека кравата не смее да биде ни стара, ни млада, туку помеѓу тоа, средна возраст, па сторете го тоа што од вас се бара!“

69. „Замоли Го Господарот свој“ – рекоа тие – „да ни објасни каква боја треба да биде!“ „Тој вели“ – рече тој – „дека таа, кравата, треба да биде со светложолта боја, да им се допадне на тие што ќе ја видат.“

70. „Замоли Го Господарот свој“ – рекоа тие – „да ни објасни каква уште треба да биде, бидејќи нам кравите ни изгледаат слични, а ние неа, ако Аллах сака, сигурно ќе ја пронајдеме.“

71. „Тој вели“ – рече тој – „кравата не смее да биде исцрпена од орање на земјата и од наводнување на посевите; треба да биде без никаква мана и без никаков белег.“ „Е, сега ја опиша како што треба!“ – рекоа, па ја заклаа, и тоа eдвај го сторија.

72. И кога убивте еден човек, па околу него почнавте да се препирате, Аллах даде на виделина да излезе тоа што го скривте.

73. Па Ние рековме: „Удрете го (мртвиот) со некој нејзин дел!“ – ете така Аллах мртвите ги враќа во живот и ви ги покажува доказите Свои, за да сфатите.[27]

74. Но срцата ваши, после тоа, станаа тврди како камен, или уште потврди! А има камења од кои реки избиваат; има камења кои пукаат и од кои вода излегува, а навистина има и такви кои од страв пред Аллах се рушат. А Аллах не го занемарува тоа што вие го правите.

75. Зарем вие се надевате дека тие (eвреите) ќе ви поверуваат, иако некои од нив Аллаховиот говор го слушаа, за, откако го сфатија, свесно да го искриват?

76. Кога ќе ги сретнат верниците, тие велат: „Веруваме!“, а штом ќе останат сами едни со други, велат: „Зарем ќе им го кажувате тоа што Аллах вам ви го објавил, па тоа да им биде обвинение против вас пред Господарот ваш? Зарем нема да се опаметите?“

77. А зарем тие не знаат дека Аллах го знае и тоа што го кријат и тоа што го покажуваат?

78. Некои од нив се неписмени и не знаат за Книгата, туку само измислици. Тие само измислуваат.

79. А тешко на тие кои со своите раце пишуваат книга, а потоа велат: „Ова е од Аллах.“, со цел незначителна корист да извлечат. И тешко ним за тоа што нивните раце го пишуваат и тешко ним што на тој начин заработуваат!

80. Тие велат: „Огнот нема да нè допира повеќе од неколку дена.“ Кажи: „Дали добивте ветување од Аллах за тоа – бидејќи Аллах нема да го прекрши ветувањето Свое – или за Аллах го кажувате тоа што не го знаете?“

81. А не е така! Бидејќи тие што ќе прават зло и гревовите нивни ќе ги стигнат од сите страни, тие жители на Џехенемот[28] (пеколот) ќе бидат и во него вечно ќе останат.

82. А тие што ќе веруваат и што ќе прават добри дела – тие ќе бидат жители на Џенетот и во него вечно ќе престојуваат.

83. И кога од синовите Израилови зедовме завет дека само Аллах ќе Го обожувате, и на родителите и на ближните и на сирачињата и на сиромашните добри дела ќе им чините, а на луѓето убави зборови ќе им говорите; и дека намазот (молитвата) ќе го извршувате и зекат ќе давате, вие потоа, освен малкумина од вас, се изопачивте и заветот го изневеривте.

84. И кога од вас зедовме завет дека крв едни на други нема да пролевате и дека меѓусебно од домовите ваши нема да се прогонувате, вие тоа го прифативте и посведочивте.

85. Потоа, вие сепак едни со други се убивате, а поединци од вас од родниот крај ги прогонувате, помагајќи се против нив со грев и насилство, па ако ви дојдат како заробеници, вие ги откупувате. А забрането ви е да ги прогонувате! Зарем во едниот дел на Книгата верувате, а другиот го негирате?! Тие од вас кои тоа го прават, на овој свет само понижување може да ги стигне, а на Судниот Ден на најтешки маки ќе бидат ставени! Аллах не пропушта да внимава на тоа што го правите.

86. Тоа се тие кои на животот на овој свет му дале предност над животот на оној свет; затоа страдањето нема да им се олесни, ниту некој ќе им помогне.

87. И Ние на Муса Книга му дадовме, и после него еден по друг Пратеници праќавме, а на Иса[29], синот Мерјемин[30], јасни докази му дадовме и со Џибрил[31] го помогнавме! И кога и да ви го донесеше тоа, некој од Пратениците, што не им годеше на душите ваши, вие се вообразувавте, па едните за лага ги клеветевте, а другите ги убивавте.

88. Тие велат: „Нашите срца се во обвивки.“ А не е така, туку Аллах нив ги проколнал заради неверувањето, затоа што малкумина од нив веруваат.

89. А кога од Аллах им доаѓа Книга, која ја потврдува вистинитоста на тоа што го имаат – а отпорано бараа помош против неверниците – кога им доаѓа тоа што им е познато, тие во тоа не сакаат да веруваат! Па Аллаховото проклетство нека ги стигне неверниците!

90. Бедно е тоа за што се продадоа: да не веруваат во тоа што Аллах го објавува, поради злоба што Аллах од добрината Своја дава кому Тој сака од робовите Свои; И навлекоа врз себе гнев по гнев! А на неверниците им припаѓа срамно страдање.

91. А кога ќе им се каже: „Верувајте во тоа што Аллах го објавува!“, тие одговараат: „Ние веруваме само во тоа што нам ни е објавено.“, и не сакаат да веруваат во тоа што им се објавува по нив, а тоа е Вистината која потврдува дека е вистинито и тоа што тие го имаат. Кажи: „Па зошто поранешните Аллахови веровесници ги убивавте, ако бевте верници?

92. И Муса ви донесе јасни докази, и покрај сè, во негово отсуство, телето го прифативте чинејќи така неправда.

93. И кога од вас заветот го зедовме и над вас планината Тур ја кренавме: „Цврсто прифатете го тоа што ви го даваме и слушајте!“ – тие одговорија: „Слушаме, но нема да послушаме!“ – бидејќи срцата нивни, заради неверувањето нивно, сè уште беа опиени од телето. Кажи: „Лошо е тоа на што вашето верување ве наведува, ако воопшто сте верници.“

94. Кажи: „Ако кај Аллах е Џенетот обезбеден само за вас, а не и за останатиот свет, тогаш вие смртта посакајте ја, ако вистината ја зборувате.“

95. А никогаш нема да ја посакаат, заради тоа што го прават, а Аллах добро ги познава насилниците.

96. И сигурно ќе видиш дека повеќе копнеат за животот од останатите луѓе, па дури и од идолопоклониците; секој од нив би сакал да живее илјада години, а и да живее толку, тоа од казната не би го оддалечило! Аллах добро го гледа тоа што тие го прават!

97. Кажи: „Кој му е непријател на Џибрил?“, а тој, со Аллахова волја, тебе Куранот на срцето ти го става, потврдувајќи ја вистинитоста на тоа претходно, како патоказ и радосна вест за верниците.

98. Кој Му е непријател на Аллах и на мелеците Негови и на Пратениците Негови и на Џибрил и на Микаил[32] – па, Аллах навистина им е непријател на тие што не веруваат.

99. А Ние тебе јасни докази ти објавуваме, во кои единствено тешките грешници не сакаат да веруваат.

100. Зарем секој пат кога некоја обврска ќе преземат, некоја група од нив ја отфрла, бидејќи повеќето не веруваат.

101. А кога од Аллах им дојде Пратеник[33], потврдувајќи дека е вистинито тоа што веќе го имаат, дел од тие на кои Книгата им е дадена Аллаховата Книга зад грб ја отфрлија, како да не знаат.

102. И го следат тоа што шејтаните за владеењето на Сулејман[34] го кажуваа. А Сулејман не беше неверник, туку неверници се шејтаните кои ги подучуваат луѓето за маѓиите во Вавилон, на Харут и Марут, а тоа не им беше објавено на двајцата мелеци. Тие двајца никого не поучуваа сè додека не му кажеа: „Ние само искушуваме, а ти немој да бидеш неверник!“ И луѓето од нив двајца учеа како мажот од жената да го разведат, но тие не можеа на никого без одобрение од Аллаховата волја да му наштетат. Го учеа тоа што ќе им наштети и од што нема да имаат корист, иако знаеја дека тој што таа вештина ќе ја стекне, на другиот свет никаква среќа нема да има. А навистина е бедно тоа за што се продадоа, само кога тие би знаеле.

103. А да веруваат и да се плашат, наградата од Аллах многу подобра би им била, само кога би знаеле!

104. О, верници, не велете: „Раина!“[35], туку кажете „Унзурна!“[36] и слушајте. А на неверниците болна казна им припаѓа.

105. Следбениците на Книгата кои не веруваат, а ни идолопоклониците, не сакаат од Господарот ваш какво било добро да ви се објави. А Аллах милоста Своја ја дарува кому Тој сака; Аллах е неизмерно добар.

106. Ние ниту еден ајет не менуваме, ниту пак во заборав го оставаме, а подобар или сличен на него да не донесеме! Зарем ти не знаеш дека Аллах може сè?

107. Зарем ти не знаеш дека власта и на небесата и на Земјата Му припаѓа на Аллах и дека, освен Аллах, ни заштитник ни помошник немате?

108. Зарем да барате од својот Пратеник како што претходно бараа од Муса?! А кој своето верување ќе го замени со неверување, тој заталкал од Вистинскиот пат.

109. Многумина од Следбениците на Книгата би сакале, поради својата пакост, по вашето верување да ве вратат во неверување, иако вистината им стана јасна! Но вие простете им и преминете преку тоа, додека Аллах својата одлука не ја донесе. Аллах навистина е Семоќен.

110. И намаз (молитва) извршувајте и зекат давајте, а за доброто кое за себе ќе го дадете, кај Аллах ќе го најдете. Аллах навистина гледа што правите!

111. Тие велат: „Во Џенетот нема да влезе никој освен тој што ќе биде eвреин или христијанин!“ Тоа се нивните пусти желби! Кажи: „Дајте свој доказ, доколку вистината ја зборувате!“

112. Но, не е така! Тој што ќе Му биде предан на Аллах и ќе прави добри дела, го очекува награда кај Господарот негов; таквите од ништо нема да се плашат, ниту пак за нешто ќе тагуваат.

113. Евреите велат: „Христијаните не се на ништо.“[37], а христијаните велат: „Евреите не се на ништо.“, а тие Книгата ја читаат! Така говорат тие што не знаат. Аллах на Судниот ден ќе им пресуди за тоа за што не се согласуваа!

114. Има ли поголем насилник од тој којшто забранува во Аллаховите џамии името Негово да се спомнува и којшто работи на тоа истите да се урнат? Таквите би требало, во нив, само со страв да влегуваат. Тие на овој свет ќе доживеат понижување, а на другиот свет ги чека голема казна.

115. На Аллах Му припаѓаат и истокот и западот; каде и да се свртите, таму е Аллаховото лице. Аллах е навистина неизмерно добар и Тој знае сè.

116. Неверниците велат: „Аллах си зел дете за себе.“ Возвишен нека е Тој! Напротив, Нему Му припаѓа сè што е на небесата и на Земјата и Нему сè Му се покорува;

117. Тој е Создателот на небесата и на Земјата, а кога нешто ќе одлучи, Тој само ќе каже: „Биди!“ – и тоа бидува.

118. А тие што не знаат велат: „Аллах би требало со нас да разговара или некаков доказ да ни даде!“ Така, скоро со исти зборови, говореа и тие пред нив, а и срцата им се слични! А Ние доказите им ги објаснуваме на луѓето што цврсто веруваат.

119. Ние те испративме со Вистината, радосни вести и опомена да донесеш, а ти нема да бидеш прашан за тие што ќе бидат во Џехенемот.

120. Ни eвреите, ни христијаните, нема да бидат задоволни од тебе сè додека не ја следиш нивната вера. Кажи: „Само Аллаховиот пат е Вистински пат!“ А кога би ги следел желбите нивни, покрај знаењето кое си го добил, никој не би можел да те заштити од Аллах, ниту да ти помогне.

121. Тие на коишто сме им ја објавиле Книгата, па ја читаат како што треба – исправно, тоа се тие што веруваат во неа. А тие што нема да веруваат во неа, тоа се сигурни губитници.

122. О, синови Израилови, сетете се на благодатта Моја која ви ја подарив и што над останатите луѓе ве одликував.

123. И плашете се од Денот кога никој за никого нема да може ништо да стори, кога од никого откуп нема да се прими, кога никому заземањето нема да му користи и кога никој нема да им помогне!

124. А кога Ибрахим[38] беше ставен во искушение со неколку зборови од Господарот негов, па тој потполно ги изврши, Аллах рече: „Ќе направам ти да им бидеш предводник на другите луѓе“. „И некои од моите потомци?“ – запраша тој. – „Ветувањето Мое не ги опфаќа насилниците“. – му одговори.

125. И Ќаба[39] прибежиште и сигурно место за луѓето ја направивме.[40] „Местото на кое стоеше Ибрахим нека ви биде простор зад кој намаз (молитва) ќе извршувате!“ – И на Ибрахим и Исмаил[41] им наредивме: „Храмот Мој исчистете го за тие што ќе го обиколуваат, кои тука ќе престојуваат и руку[42] и сеџда ќе извршуваат.“

126. А кога Ибрахим замоли: „Господару мој, направи го ова место безбедно престојувалиште и снабди ги со плодови жителите негови, тие меѓу нив кои ќе веруваат во Аллах и оној свет!“ – Тој рече: „На тој што нема да верува, ќе му дадам одредено време да ужива, а потоа ќе го присилам во пеколниот оган да влезе. А тоа е грозно престојувалиште!“

127. И додека Ибрахим и Исмаил темелите на Ќаба ги ѕидаа, молеа: „Господару наш, прими го ова од нас, бидејќи Ти, навистина, сè слушаш и сè знаеш!

128. Господару наш, направи нè нас двајца да Ти бидеме предани муслимани, и нашите потомци да Ти бидат предани, покажи ни ги обредите наши и прости ни, бидејќи Ти го примаш покајувањето и Милостив си!

129. Господару наш, испрати им Пратеник, еден помеѓу нив, кој ајетите Твои ќе им ги кажува и за Книгата и за мудроста ќе ги научи и ќе ги исчисти, бидејќи Ти си навистина Силниот и Мудриот!“

130. Верата на Ибрахим ја одбегнува само тој што не е достоен на себеси! Ние него го одбравме на овој свет, а и на оној свет ќе биде меѓу добрите.

131. Кога Господарот негов му рече: „Биди послушен!“ – тој одговори: „Јас сум Му послушен на Господарот на световите!“

132. И Ибрахим, како и Јакуб[43], тоа им го остави во аманет на своите синови: „Синови мои, Аллах ви ја одбра вистинската вера, и никако не умирајте поинаку туку само како муслимани!“

133. Дали бевте присутни кога на Јакуб смртниот час му дојде и кога синовите свои ги праша: „Кого, откако ќе умрам, ќе го обожувате?“ – „Ќе Го обожуваме“ – одговорија – „твојот Бог, Богот на твоите предци, Ибрахим и Исмаил и Исхак. Единиот Бог! И ние Нему Му се покоруваме!“

134. Тој народ поминал; нему му припаѓа тоа што го заслужил, а вам тоа што ќе го заслужите, и вие нема да бидете прашани за тоа што тие го работеле.

135. Тие велат: „Бидете eвреи или христијани, и ќе бидете на Вистинскиот пат!“ Ти кажи: „Не, ние сме во верата на Ибрахим, кој исправно веруваше; тој никого за рамен на Аллах не Му припишуваше.“

136. Кажете: „Ние веруваме во Аллах, и во тоа што ни се објавува, и во тоа што му беше објавено на Ибрахим, и на Исмаил, и на Исхак[44], и на Јакуб, и на внуците; и во тоа што му е дадено на Муса, и на Иса, и во тоа што им е дадено на веровесниците од Господарот нивен; ние не правиме никаква разлика меѓу нив и ние само Нему Му се покоруваме.“

137. Па, ако веруваат во тоа во што вие верувате, на Вистинскиот пат се; а ако главите ги свртат, тогаш тие се далеку од Вистинскиот пат и Аллах од нив сигурно ќе те заштити, бидејќи Тој сè слуша и сè знае.

138. Држете се за Аллаховата вера! Зарем има поубава вера од Аллаховата? Ние само Него Го обожуваме.

139. Кажи: „Зарем со нас расправате за Аллах, кога Тој е и наш и ваш Господар? Нам ни припаѓаат нашите дела, а вам вашите дела! А ние сме искрени кон Него.

140. Како можете да зборувате дека Ибрахим, Исмаил, Исхак, Јакуб, и внуците нивни биле евреи или христијани?“ Кажи: „Знаете ли подобро вие или Аллах?“ Зарем некој е понеправеден од тој што го крие сведоштвото за вистината од Аллах? А Аллах внимава на тоа што го правите“.

141. Тој народ беше и исчезна; нему му припаѓа тоа што го заслужил, а вам тоа што ќе го заслужите, и вие нема да бидете прашани за тоа што тие го работеле.

142. Некои малоумни луѓе ќе речат: „Што ги одврати од киблата[45] нивна кон која се насочуваа?“ Кажи: „Аллахови се и истокот и западот; Тој го упатува на Правиот пат кого Тој сака“.

143. И така ве направивме средишна заедница, за да им бидете сведоци на останатите луѓе, и за Пратеникот да ви биде сведок вам. И Ние ја сменивме киблата кон која претходно се насочуваше[46] само за да укажеме на тие што го следат Пратеникот и на тие што не веруваат, бидејќи тоа навистина им беше тешко на сите, освен на тие на кои Аллах им укажал на Вистинскиот пат. Аллах нема да дозволи да пропадне верувањето ваше.[47] А Аллах кон луѓето е навистина многу Благ и Милостив.

144. Ние гледаме како со копнеж гледаш кон небото и Ние сигурно ќе направиме да се насочуваш кон киблата кон која сакаш; па, сврти го затоа лицето свое кон Месџидил Харам[48]! И кај и да сте, лицата свои свртете ги на таа страна. Навистина, тие на коишто им е дадена Книгата знаат дека тоа е вистина од Господарот нивен. А Аллах не е немарен кон тоа што тие го прават.

145. И кога ти би им ги донел сите докази на тие на коишто им е дадена Книгата, тие пак нема да ја прифатат твојата кибла, како што ни ти нема да ја прифатиш нивната кибла, ниту пак некој ќе прифати нечија кибла. А кога би ги следел нивните желби, откако веќе ти дојде знаењето, тогаш ти сигурно би бил неправеден.

146. Тие на коишто им ја дадовме Книгата го познаваат (Мухамед) како што синовите свои ги познаваат, но некои од нив навистина свесно вистината ја прикриваат.

147. Вистината е од Господарот твој, па затоа никако не биди од тие што се сомневаат!

148. Секој има свој правец кон кој се насочува, па натпреварувајте се во правењето добри дела! Каде и да сте, Аллах ќе ве собере. Аллах навистина може сè.

149. И на секое место на кое ќе се најдеш, ти лицето свое во правец на Светиот Храм сврти го; тоа навистина е Вистината од Господарот твој; Аллах не го занемарува тоа што го правите.

150. И од секое место на кое ќе се најдеш, ти лицето свое кон Светиот Храм сврти го! И каде и да се наоѓате, вие лицата свои кон него (Светиот Храм) свртете ги, за луѓето да немаат што да ви приговорат, освен тие меѓу нив кои чинат неправда. Не плашете се од нив, туку плашете се од Мене, за благодатта Своја кон вас да ја потполнам и за да бидете на Вистинскиот пат.

151. Ние ви испративме еден од вас како Пратеник, за Нашите ајети да ви ги кажува, да ве исчисти и за Книгата и за мудроста да ве подучи, и за тоа што не го знаевте да ве научи.

152. Па, сеќавајте се на Мене, и Јас ќе се сетам на вас. И заблагодарувајте Ми и не бидете неверници!

153. О, верници, барајте за себе помош во трпеливоста и во намазот (молитвата)! Аллах навистина е на страната на трпеливите!

154. И не велете за тие што загинале на Аллаховиот пат: „Мртви се!“ Не, тие се живи, но вие тоа не го знаете.

155. Ние ќе ве ставаме на искушение, малку со страв и со глад, и со губење на имотите, животите и посевите ваши. А ти израдувај ги трпеливите,

156. тие кои, кога ќе ги снајде некаква неволја, само велат: „Ние сме Аллахови и Нему ќе Му се вратиме“.

157. Ним им припаѓаат благословите од Господарот нивен и милоста; тие се на Вистинскиот пат.

158. Сафа и Мерва[49], навистина, се Аллахови обредни места. Затоа тој што ќе ја посети Ќаба за аџилак[50] или умра[51], не прави никаков престап ако ги обиколи. А тој што доброволно ќе направи некое добро дело, па, Аллах е навистина Благодарен и знае сè.

159. Тие што ќе ги кријат јасните докази коишто Ние ги објавивме, и Вистинскиот пат откако на луѓето во Книгата им го означивме, Аллах ќе ги проколне, а ќе ги проколнат и тие што проколнуваат.[52]

160. Исклучок ќе бидат тие што ќе се покајат и што ќе се поправат, и што тоа јавно ќе го покажат; на таквите Јас ќе им простам, бидејќи Јас сум Тој што го прима покајанието и Милостив сум.

161. На тие што не веруваат и што ќе умрат како неверници, им следи проклетството од Аллах, од мелеците и од сите луѓе.

162. Во него вечно ќе останат, а страданието нивно нема да се намалува, ниту ќе им се одложува.

163. А вашиот Бог е еден Бог. Нема друг бог освен Него, Семилосниот, Милостивиот!

164. Во создавањето на небесата и на Земјата, во менувањето на ноќта и денот, во бродот кој по морето плови натоварен со корисен товар за луѓето и во дождот што Аллах го спушта од небото, па така во живот ја враќа земјата по нејзиното мртвило, по која расеал секакви живи суштества, и во промената на ветровите и во облаците кои лебдат помеѓу небото и Земјата – навистина има знаци за тие што разбираат.

165. Има луѓе кои наместо Аллах обожуваат идоли, ги сакаат како што Аллах се сака! Но вистинските верници уште повеќе Го сакаат Аллах! А само кога би знаеле насилниците – кога ќе ја доживеат казната, ќе видат дека само на Аллах сета моќ Му припаѓа и дека Аллах стравотно казнува.

166. Кога тие што беа следени ќе се откажат од своите следбеници и кога врските што ги врзувале ќе бидат прекинати и тие казната ќе ја искусат,

167. тогаш нивните следбеници ќе извикаат: „Да можеме само за еден момент да се вратиме[53], па и ние да се откажеме од нив како што и тие се откажаа од нас!“ Ете, така Аллах ќе им ги прикаже нивните дела, погубни за нив, и тие од огнот нема да излезат.

168. О, луѓе, јадете од тоа што е на Земјата, што е дозволено и убаво. И не следете ги шејтановите стапки бидејќи тој ви е очигледен непријател!

169. Тој ве тера на грев и разврат, и за Аллах да го зборувате тоа што не го знаете.

170. А кога ќе им се каже: „Следете го тоа што го објавил Аллах!“ Тие одговараат: „Не, туку ќе го следиме тоа на што ги затекнавме нашите предци.“ Зарем и тогаш кога нивните предци ништо не сфаќаа, ниту пак на Вистинскиот пат беа?!

171. Тие што не веруваат се слични на тој што вика, но и самиот не слуша ништо освен повик и лелек. Тие се глуви, неми и слепи – тие ништо не сфаќаат.

172. О, верници, јадете од добрата храна со која ве снабдивме и бидете Му благодарни на Аллах, ако навистина само Него Го обожувате!

173. Тој навистина ви ги забранува: мршата, крвта, свинското месо и тоа што е заклано во нечие друго име, а не во Аллаховото. А на тој што ќе биде приморан без своја волја и не претерувајќи, тогаш не е негов грев. Аллах навистина простува и Милостив е.

174. Навистина, тие што го кријат тоа што Аллах во Книгата го објавил и тоа го продаваат за евтина цена – тие во стомаците свои само оган натрупуваат; на Судниот ден Аллах нема ниту да им се обрати, ниту ќе ги исчисти; нив ги чека болна казна.

175. Тоа се тие кои ја зедоа заблудата во замена за Упатството, а казната во замена за прошката; а колку се само тие трпеливи за Огнот!

176. Тоа е така затоа што Аллах ја објави Книгата со Вистината, а тие што не се согласуваат за Книгата, навистина се во голема неслога.

177. Добродетелството не е во тоа да ги вртите вашите лица кон исток и запад, туку добродетели се тие кои веруваат во Аллах, во оној свет, во мелеците, во книгите, во веровесниците, и тие што од имотот свој, иако им е мил, им даваат на роднините, на сирачињата, на сиромашните, на патниците, на питачите, и за откуп од ропство, и тие што намазот (молитвата) го извршуваат и зекат даваат, и кои кога ќе ги преземат обврските свои, ги исполнуваат, и тие што се издржливи во немаштијата и во болеста, и за време на борба. Тоа се тие што се искрени и тоа се тие што се богобојазливи.

178. О, верници! Ви се пропишува одмазда за убиените: слободен за слободниот, роб за робот и жена за жената. А тој за кого од неговиот брат ќе се даде некаков откуп, нека врати со добро, а и тој нека покаже добродетелство.[54] Тоа е олеснување од Господарот ваш, и милост. А кој и после тоа ќе изврши насилство, ќе има болна казна.

179. Во одмаздата ви е животот, о, вие обдарени со разум, за да бидете богобојазливи!

180. Кога некому од вас смртта ќе му се приближи, па зад себе остава имот, пропишано ви е, како вид на добродетелство, на родителите и на блиските тестамент да им оставите, што е обврска за богобојазливите.

181. Тој што тоа ќе го измени откако чул како гласи, гревот навистина паѓа на тие што менуваат; а Аллах навистина слуша и знае.

182. Па кој се плаши за оставителот на тестаментот дека направил грешка или грев, па тоа соодветно помеѓу нив го среди, не згрешил. Аллах, навистина, простува и Милостив е.

183. О, верници! Ви се пропишува пост, како што им е пропишан и на тие пред вас, за да бидете богобојазливи.

184. Одреден број денови; а за тој од вас што е болен или пак патува – да го испости истиот број денови. На тие што тешко го поднесуваат, откуп им е да нахранат еден сиромашен. А кој доброволно даде и повеќе, тоа подобро е за него. А да знаете, подобро ви е да постите.

185. Во месецот рамазан[55] започна објавувањето на Куранот, кој е патоказ за луѓето, јасен доказ за Вистинскиот пат и разликување на доброто од злото. Кој од вас ќе биде дома во тој месец, нека пости, а кој ќе биде болен или ќе биде на пат, нека ги испости истиот број денови. Аллах сака да ви олесни, а не да имате потешкотии, одреден број денови да испостите и Аллах да Го величате за упатството кое ви го даде, и благодарни да бидете.

186. А кога робовите Мои ќе те прашаат за Мене, Јас сум, сигурно, блиску: се одѕивам на молбата на молителот кога ќе Ме замоли. Затоа, нека се одѕвијат тие на Мојот повик и нека веруваат во Мене, за да бидат на Вистинскиот пат.

187. Ви се дозволува во ноќите на постот да имате однос со сопругите свои; тие се ваша облека, а вие сте нивна облека. Аллах знае дека ви беше тешко, па го прифати вашето покајание и ви прости. Затоа сега состанувајте се со нив и копнејте за тоа што Аллах веќе ви го одредил. Јадете и пијте сè додека не бидете во можност да го разликувате белиот конец од црниот конец во мугрите, а потоа надополнете го постот сè до ноќта. Со жените не смеете да имате однос додека сте во итикаф[56] во џамиите. Тоа се Аллаховите граници и не приближувајте им се! Така Аллах им ги објаснува на луѓето прописите Свои, за да бидат богобојазливи.

188. Не трошете го имотот едни на други на нечесен начин, давајќи им дел на судиите за на грешен начин и свесно, дел од имотот на луѓето да си присвоите.

189. Те прашуваат за младите месечини. Кажи: „Тоа им се ознаки на луѓето за време и за аџилак.“ Не е добродетелство да влегувате во куќите од задната страна, туку добродетел е тој што е богобојазлив.[57] Во куќите влегувајте на вратите нивни и плашете се од Аллах за да успеете.

190. И борете се на Аллаховиот пат против тие што се борат против вас, но не преминувајте ги границите! Аллах, навистина, не ги сака тие што ги пречекоруваат границите.

191. И убивајте ги каде и да ги сретнете, и прогонете ги од каде што тие вас ве прогонија. А идолопоклонството е полошо од убивањето! И не борете се со нив кај Светиот Храм, додека тие таму не ве нападнат. Ако ве нападнат, тогаш убивајте ги! Таква е казната за неверниците.

192. А ако престанат, па Аллах, навистина, простува и Милостив е.

193. И борете се против нив сè додека не исчезне идолопоклонството и додека само на Аллах верата Му се исповедува. Па ако престанат, тогаш непријателството престанува, а единствено против насилниците останува.

194. Светиот месец е за свет месец, а и во светите месеци вреди одмаздата: на тие што ќе ве нападнат возвратете им со иста мерка и плашете се од Аллах, и знајте дека Аллах е на страната на богобојазливите.[58]

195. И трошете го имотот на Аллаховиот пат, и самите себеси во пропаст не доведувајте се, и правете добро; Аллах, навистина, ги сака добродетелите.

196. Аџилакот и умрата заради Аллах извршете ги![59] А ако бидете спречени, тогаш курбаните кои ќе ви се најдат при рака заколете ги, а главите свои, додека курбаните не стигнат до местото свое, не бричете ги! А ако некој меѓу вас се разболи или главоболка го мачи, со пост, со милостина или со курбан нека се искупи! Кога ќе бидете безбедни, кој ќе изврши умра со аџилакот нека заколе курбан до кој ќе може да дојде! А тој што не може да го најде, нека пости три дена во деновите на аџилакот, и седум дена откако ќе се врати, односно, полни десет дена. Тоа е за тој чиешто семејство не е присутно во Светиот Храм. И плашете се од Аллах и знајте дека Тој жестоко казнува!

197. Аџилакот е во познатите месеци;[60] тој што ќе се обврзе дека во нив ќе изврши аџилак не смее да има однос со сопругата, ниту нешто лошо да прави, ниту да се препира во текот на аџилакот. А за доброто кое ќе го сторите Аллах знае. Снабдете се за на пат, а најдоброто снабдување е богобојазливоста. И плашете се од Мене, о, вие со разум обдарени!

198. Не ви е грев од Господарот свој да барате некое добро.[61] А кога ќе тргнете од Арефат[62], спомнувајте Го Аллах кај Мешарил Харам[63]; спомнувајте Го, бидејќи Тој ве упати, а претходно бевте во заблуда.

199. А потоа тргнете од каде што тргнуваат и останатите луѓе и барајте прошка од Аллах. Аллах навистина простува и Милостив е.

200. А кога ќе завршите со обредите ваши, спомнувајте Го Аллах како што ги спомнувате предците ваши, па и повеќе од тоа! Има луѓе што велат: „Господару наш, дај ни Ти нам на овој свет!“ Тие од добрата на оној свет нема ништо да имаат.

201. А има и такви што велат: „Господару наш, дај ни добро на овој и на оној свет и сочувај нè од казната во огнот!“

202. Ним им припаѓа наградата која ја заслужија! Аллах навистина брзо ги израмнува сметките.

203. И спомнувајте Го Аллах во одредените денови![64] А на тој што ќе побрза, па ќе го стори тоа во два дена, не му е грев, како што не му е грев ни на тој што подолго ќе остане, доколку е богобојазлив. И плашете се од Аллах и знајте дека пред Него сите ќе бидете оживеани.

204. Има луѓе чиишто зборови за животот на овој свет те одушевуваат и кои се повикуваат на Аллах како сведок за тоа што е во срцата нивни, а тие се најлути противници.

205. Штом некој од нив се сврти од тебе, тргнува по Земјата неред да прави, уништувајќи ги посевите и добитокот. А Аллах не сака неред!

206. И кога ќе му се рече: „Плаши се од Аллах!“, тој тогаш се гордее со грешењето. Па доволен му е Џехенемот, а тој навистина е грозно живеалиште.

207. Има луѓе кои се жртвуваат тежнеејќи кон Аллаховото задоволство. А Аллах е милостив кон робовите Свои.

208. О, верници, влезете во исламот потполно и не одете по стапките на шејтанот; тој ви е, навистина, отворен непријател!

209. А ако скршнете, откако ви дојдоа јасни докази, тогаш знајте дека Аллах е Силен и Мудар.

210. Чекаат ли тие да им дојде Аллах во темнините на облаците, и мелеците, и да биде крај на сè?! А на Аллах сè Му се враќа!

211. Прашај ги синовите Израилови колку јасни докази им дадовме! А тие што ја заменуваат благодатта Аллахова откако веќе им дојде, па Аллах, навистина, стравично казнува!

212. Животот на овој свет им е разубавен на неверниците и тие им се потсмеваат на верниците. А на Судниот ден, тие што се плашеле од Аллах, ќе бидат над нив! А Аллах снабдува кого сака, без сметка.

213. Сите луѓе сочинуваа една заедница, па Аллах ги праќаше веровесниците да донесуваат радосни вести и опомена, и по нив ја праќаше Книгата со Вистината, за по неа да им се суди на луѓето за она за што тие не се согласуваа. А повод за несогласувањето беше меѓусебната завист, токму од страната на оние на кои им е дадена (Книгата), и тоа кога веќе им дојдоа јасни докази; и потоа Аллах, по волјата Своја, ќе ги упатеше верниците да ја сфатат вистина за она за што не се согласуваа. А Аллах го упатува на Правиот пат тој кого Тој сака.

214. Зарем мислите дека ќе влезете во Џенетот, а сè уште не сте го искусиле тоа што го искусија тие што пред вас беа и исчезнаа? Нив сиромаштија и болест ги снаоѓаше, и толку беа вознемирувани што и Пратеникот и тие што со него веруваа, велеа: „Кога, веќе, ќе дојде Аллаховата помош?!“ Ете, Аллаховата помош е навистина блиску!

215. Те прашуваат што да даваат: Кажи: „Имотот кој ќе го давате нека им припадне на родителите и на роднините, на сирачињата, на сиромашните, и на патниците; а за доброто кое го правите Аллах сигурно знае!“

216. Ви се пропишува борба, иако не ви е по волја! Можеби не сакате нешто, а тоа е добро за вас; можеби сакате нешто, а тоа е лошо за вас! Аллах знае, а вие не знаете.

217. Те прашуваат за светиот месец, за војувањето во него. Кажи: „Војувањето во него е голем грев; но неверувањето во Аллах и одвраќањето од Неговиот пат и од Светиот Храм и прогонувањето на неговите жители од него е уште поголем грев кај Аллах.“ А идолопоклонството е поголем грев од убивањето! Тие непрекинато ќе се борат против вас, за да ве одвратат од верата ваша, доколку можат. А тие меѓу вас кои од верата ќе отпаднат и како неверници ќе умрат – нивните дела ќе бидат поништени и на овој и на оној свет. Жители на Огнот ќе бидат и во него вечно ќе останат.

218. Тие што веруваат и што ќе се иселат и ќе се борат на Аллаховиот пат, тие се надеваат на Аллаховата милост. А Аллах простува и Милостив е.

219. Те прашуваат за виното и за коцкањето. Кажи: „Во двете има штета, а и придобивки за луѓето, само што гревот од нив е поголем од користа нивна.“ И те прашуваат што да даваат (милостина). Кажи: „Вишокот!“ Ете, така Аллах ви ги објаснува прописите за да размислите

220. и за овој и за оној свет. И те прашуваат за сирачињата. Кажи: „Да им се помогне на нив е добро!“ А ако живеете заедно со нив, па тие се ваши браќа! Аллах ја знае разликата помеѓу расипникот и добродетелот! Да сакаше Аллах, можеше да ви го пропише и тоа што ви е тешко! Тој е, навистина, Силен и Мудар.

221. Не женете се со идолопоклоничките сè додека не станат вернички; навистина, робинката-верничка е подобра од идолопоклоничката, макар и да ви се допаѓа. Не мажете вернички за идолопоклоници сè додека не станат верници; навистина, робот-верник е подобар од идолопоклоникот, макар и да ви се допаѓа. Тие повикуваат во Огнот, а Аллах со волјата Своја повикува кон Џенет и простување, и им ги објаснува знаците Свои на луѓето, за да се потсетуваат!

222. И те прашуваат за месечниот циклус. Кажи: „Тоа е непријатност.“ Затоа немојте да имате интимни односи со сопругите за време на нивниот месечен циклус, и не приоѓајте им сè додека не се искапат! А кога ќе се искапат, приоѓајте им така како што Аллах ви наредил! – Аллах навистина ги сака тие што се каат и ги сака тие што се чистат.

223. Сопругите ваши се ниви ваши, а вие приоѓајте им на нивите ваши како што сакате! А подгответе нешто и за душите свои! И плашете се од Аллах и знајте дека ќе се сретнете со Него! А ти израдувај ги вистинските верници!

224. И заклетвата во Аллах нека не ви биде препрека да правите добро, од Аллах да се плашите и луѓето да ги помирувате. А Аллах сè слуша и сè знае.

225. Аллах нема да ве казни ако се заколнете ненамерно, но ќе ве казни ако под заклетва направите нешто намерно. А Аллах простува и Благ е.

226. Тие што ќе се заколнат дека нема да им се приближуваат на сопругите свои, ќе почекаат четири месеци![65] Па ако им се вратат на жените, Аллах, навистина, простува и Милостив е.

227. А ако одлучат да се разделат, па, Аллах, навистина, сè слуша и сè знае.

228. Разведените жени нека чекаат три свои месечни циклуси;[66] и не им е допуштено да го кријат тоа што Аллах го создал во матките нивни, ако веруваат во Аллах и оној свет! Мажите нивни имаат право, додека тие чекаат, да ги повратат, ако сакаат што било да поправат.[67] Тие (жените) имаат исто толку права колку и должности, по тоа што е познато. А мажите имаат предност над нив за еден степен! А Аллах е навистина Силен и Мудар.

229. Разводот може да биде двапати, по што или великодушно задржете ги или на убав начин развод дадете им! А вам не ви е допуштено да земате што било од тоа што сте им го подариле, освен ако двајцата се плашат дека Аллаховите прописи нема да ги извршуваат. А ако стравувате дека двајцата Аллаховите прописи нема да ги извршуваат, тогаш не прават грев таа да се откупи.[68] Тоа се Аллаховите граници, па не пречекорувајте ги! А тие што Аллаховите граници ги пречекоруваат, тие се неправедни!

230. А ако повторно ја разведе,[69] после тоа таа не му е допуштена сè додека не се омажи за друг маж. Па ако овој ја разведе, тогаш не е грев двајцата повторно заедно да бидат, ако мислат дека Аллаховите прописи ќе ги извршуваат. Тоа се Аллаховите граници кои Тој им ги објаснува на луѓето кои знаат.

231. Кога ќе ги разведете сопругите, па тие ќе го исполнат својот разводен рок, тогаш или на убав начин задржете ги или широкоградно отпремете ги. И не задржувајте ги нанесувајќи им штета, а тој што така ќе постапи, себеси насилство си сторил! Не играјте си со Аллаховите прописи и сетете се на Аллаховата благодат кон вас, и што ви ги објавил Книгата и мудроста со коишто ве советува. Плашете се од Аллах и знајте дека Аллах знае сè.

232. А кога ќе ги разведете сопругите ваши и тие ќе го исполнат својот разводен рок, не пречете им тие повторно да се омажат за своите сопрузи, кога ќе се сложат дека убаво ќе живеат. Со ова се советуваат тие меѓу вас кои веруваат во Аллах и во оној свет. Тоа ви е почисто и почестито. А Аллах знае, а вие не знаете.

233. Мајките нека ги дојат децата свои полни две години, доколку сакаат доењето да биде потполно. Таткото на детето е должен според својата можност да го храни и да го облекува на примерен начин. Никој нека не се задолжува над можностите свои: мајката не смее да трпи штета заради детето свое, а ниту таткото заради детето свое! И наследникот има слични обврски.[70] А ако тие двајцата, на убав начин и со договор, одлучат детето да го одбијат, не се грешни! А ако посакате на децата свои доилка да им најдете, не правите грев кога ќе го предадете тоа што на убав начин сакате да го дадете. Плашете се од Аллах и знајте дека Аллах добро гледа што правите.

234. Сопругите се должни да чекаат четири месеци и десет дена по смртта на своите сопрузи. И кога тие ќе го исполнат пропишаниот рок, вие не сте одговорни за тоа што тие, по прописот, ќе го направат. А Аллах добро го знае тоа што го правите.

235. И не е грев ако на тие жени им дадете до знаење дека ќе ги запросите, или ако тоа во душите ваши го криете. Аллах знае дека за нив ќе размислувате, но потајно ништо не им ветувајте, туку само чесно говорете им. И не решавајте се за брак пред да истече пропишаното време за чекање; и имајте на ум дека Аллах знае што има во душите ваши, па сочувајте се од Него, и знајте дека Аллах простува и дека е Благ.

236. Не е грешно ако се разведете од сопругите пред да стапите во однос со нив, или пред да им ги одредите венчалните дарови. И широкоградо дарувајте ги со дар, според прописите: богатиот според својата положба, а сиромавиот според својата; тоа е должност за тие што сакаат добро дело да направат.

237. А ако се разведете пред да стапите во однос со нив, а веќе сте им одредиле венчални дарови, тие ќе задржат половина од тоа што сте го одредиле, освен ако не се откажат или ако не се откаже тој што одлучува за склопувањето на бракот[71]; а доколку вие се откажете (од даровите) – тоа е поблизу до богобојазливоста! И не заборавајте да бидете добри едни кон други! Аллах навистина гледа што правите.

238. Чувајте го намазот (молитвата), особено средниот намаз, и пред Аллах понизно стојте.

239. А ако стравувате од нешто, тогаш клањајте одејќи или јавајќи! А кога сте на сигурно, спомнувајте Го Аллах така како што Тој ве научи на тоа што вие не го знаевте.

240. На тие меѓу вас на кои смртта им се приближува, а кои зад себе ги оставаат сопругите – треба со тестамент, за една година однапред, издршка да им обезбедат, а тие (жените) да не се оддалечуваат од домот. А ако самите го напуштат, вие не сте грешни за тоа што тие со себе, според прописите, ќе го сторат. А Аллах е Силниот и Мудриот.

241. На разведените жени им припаѓа отпремнина во склад со прописот и тоа е обврска за богобојазливите!

242. Така Аллах ви ги објаснува Своите прописи, за да размислите!

243. Зарем не знаеш за тие што поради стравот од смртта избегаа од својата земја – а беа илјадници, па Аллах им рече: „Умрете!“, а потоа ги оживеа. Аллах е, навистина, добар кон луѓето, а повеќето луѓе се неблагодарни.

244. И борете се на Аллаховиот пат и знајте дека Аллах сè слуша и сè знае.

245. Кој е тој кој на Аллах доброволно заем ќе Му даде, па Тој многукратно да му врати? Аллах ускратува и обилно дава, и Нему ќе Му се вратите.

246. Зарем не знаеш дека прваците на синовите Израилови после Муса на својот веровесник[72] му рекоа: „Испрати ни крал за да се бориме на Аллаховиот пат!“ „Можеби вие нема да се борите, ако ви биде пропишана борбата?“ – рече тој. „Зошто да не се бориме на Аллаховиот пат,“ – рекоа – „а ние од земјата наша сме прогонети и од синовите наши одвоени?“ А кога им се пропиша борбата, тие, освен малкумина, избегаа! А Аллах добро ги знае тие што неправедно постапуваа.

247. „Аллах ви го прати Талут за владетел.“ – им рече нивниот веровесник. „Како може тој да ни биде владетел кога ние сме подостојни од него за да владееме? Нему не му е дадено ниту големо богатство“. – рекоа тие. „Аллах го избра него за да владее со вас“. – рече тој – „и со големо знаење и со телесна сила го обдари! Аллах дава власт кому Тој сака! Аллах е неизмерно добар и Сезнаен“.

248. „Знак на неговата власт“ – им рече веровесникот нивен – „ќе биде ковчегот кој ќе ви пристигне и ќе го носат мелеци, а во него ќе има спокој за вас од Господарот ваш и остаток од тоа што Муса и Харун[73] го оставија.[74] Тоа, навистина, ви е знак, ако сте верници!“

249. И кога Талут со војската излезе, рече: „Аллах ќе ве стави на искушение покрај една река, па кој ќе се напие од неа, не е мој, а кој нема да се напие, тој е мој, освен ако со дланката зафати голтка.“ И тие, освен малкумина од нив, се напија од реката. И кога ја прејдоа, тој и тие кои заедно со него веруваа, рекоа: „Ние денес не можеме да излеземе на крај со Џалут (Голијат) и војската негова!“ Но, тие што цврсто веруваа дека ќе Го сретнат Аллах, рекоа: „Колку пати малубројните групи ги совладувале многубројните групи, со Аллахова волја!“ А Аллах е на страната на трпеливите.

250. И кога излегоа пред Џалут и војската негова, рекоа: „Господару наш, вдахни ни издржливост и зацврсти ги нозете наши и помогни ни против народот кој не верува!“

251. И тие, со Аллахова волја, ги поразија, а Давуд[75] го уби Џалут, и Аллах му даде власт и мудрост, и го научи за тоа што Тој сакаше. А да не ги сузбива Аллах луѓето едни со други, на Земјата, навистина, неред би настанал! Но, Аллах е добар за сите светови.

252. Тоа се Аллаховите знаци кои Ние тебе вистинито ти ги кажуваме. А ти, навистина, си еден од Пратениците!

253. Некои од тие Пратеници ги одликувавме едни над други. Со некои од нив Аллах зборуваше, а некои за повеќе степени ги издигна. А на Иса, синот Мерјемин, јасни докази му дадовме и со Џибрил го поддржавме. Да сакаше Аллах, тие по нив немаше меѓусебно да се убиваат, кога јасни докази веќе им дојдоа, но тие не се согласуваа: некои од нив веруваа, а некои негираа. А да сакаше Аллах, тие немаше меѓусебно да се убиваат! Но Аллах прави што Тој сака.

254. О, верници, дајте дел од тоа со што Ние ве снабдуваме, пред да дојде Денот кога нема да има ни откупи, ниту пријателства, ниту посредништва! А неверниците се навистина неправедни!

255. Аллах е, нема друг бог освен Него, Живиот и Самоопстојувачкиот Одржувател! Не Го обзема ни дремка ни сон! Негово е тоа што е на небесата и на Земјата! Кој може кај Него да се зазема освен со Негова дозвола?! Тој знае што било пред и што ќе биде по нив, и тие не можат да опфатат од Неговото знаење, освен колку што Тој сака! Неговиот Курсиј[76] ги опфаќа и небесата и Земјата, и Нему не Му е тешко да ги одржува! Тој е Севишниот, Величествениот!

256. Нема присилба кон верата, Вистинскиот пат јасно се разликува од заблудата! Тој што не верува во тагутот[77], а верува во Аллах, се држи за најцврстата врска, којашто нема да се прекине! А Аллах сè слуша и сè знае.

257. Аллах е заштитник на верниците, ги изведува од темнините на светлина, а на неверниците заштитници им се тагутите, тие ги втеруваат од светлината во темнините; Тоа се жителите на Огнот и во него вечно ќе останат.

258. Зарем не знаеш за тој што се препираше со Ибрахим за Господарот негов, кога Аллах царство му даде? Кога Ибрахим рече: „Мој Господар е Тој кој дава живот и смрт“., тој одговори: „Јас оживувам и усмртувам!“ „Аллах прави Сонцето да изгрева од исток,“ – рече Ибрахим – „па ти направи да излезе од запад!“ И неверникот се збуни. А Аллах навистина не ги упатува насилниците на Вистинскиот пат.

259. Или за тој кој поминувајќи крај еден град кој беше до темели разрушен и пуст, повика: „Како Аллах ќе ги оживее овие што умреле?“ А Аллах го направи мртов стотина години, а потоа го оживеа и го запраша: „Колку остана?“ – „Ден или дел од денот“. – одговори. „Не!“ – рече Тој – „остана стотина години. Погледни ја храната своја и пијалакот свој, не се расипале! А погледни го и магарето свое, да те направиме доказ за луѓето, а погледни ги и коските, како ги составуваме, а потоа со месо ги обложуваме“. И кога нему му стана јасно, тој повика: „Јас знам дека Аллах може сè!“

260. А кога Ибрахим рече: „Господару мој, покажи ми како ги оживуваш мртвите!“ – Тој рече: „Зарем не веруваш?” – „Секако дека верувам,“ – одговори тој – „но, за да ми се смири срцево“. – „Земи четири птици“ – рече Тој – „и исечи ги, па делови од нив стави на секое ритче! Потоа повикај ги, ќе ти дојдат итајќи! Знај дека Аллах е Силен и Мудар.“

261. Примерот на тие што имотот свој го трошат на Аллаховиот пат е сличен со тој што ќе посее зрно од кое никнуваат седум класа и во секој клас по стотина зрна. А Аллах зголемува кому Тој сака! Аллах е неизмерно добар и Сезнаен!

262. На тие што го трошат имотот свој на Аллаховиот пат, а тоа што ќе го потрошат да не го пропратат со приговарање и навредување, им припаѓа награда од Господарот нивен! За нив нема страв, ниту пак ќе тагуваат.

263. Добриот збор и прошката се повредни од милостината пропратена со навредување. А Аллах е независен од секого и Благ е.

264. О, верници, не ги расипувајте своите милостини со приговарања и навреди, како што тоа го прави тој што го троши својот имот за да се покаже пред луѓето, а не верувајќи во Аллах и во другиот свет! Примерот негов е како примерот за мазната карпа на која има земја, па ќе ја погоди пороен дожд и ќе ја оголи! Тие нема да добијат никаква награда за тоа што го направиле. А Аллах не ги упатува на Вистинскиот пат луѓето што не веруваат.

265. Тие што го трошат својот имот со желба за Аллаховото задоволство и сигурни се во наградата за тоа, наликуваат на градина на висорамнина на која паѓа обилен дожд, па дава двојно поголем род; ако нема обилен дожд, тогаш има ситна роса! А Аллах добро го гледа тоа што го правите!

266. Дали некој од вас би сакал да поседува градина полна со палми игрозје, под која реки течат и во која има секакви плодови, а да остарел и да има слаби деца, па тогаш преку неа огнен виор да наиде и таа да изгори?! Така Аллах ви ги објаснува знаците Свои, за да размислите!

267. О, верници, давајте од убавите работи што сте ги стекнале, и од тоа што Ние од Земјата сме ви го извеле! Не издвојувајте го тоа што не вреди за да го дадете, кога ни вие тоа не би го примиле, освен со затворени очи! И знајте дека Аллах е независен и достоен за благодарност!

268. Шејтанот ве плаши со сиромаштво и ве наведува на зло, а Аллах ви ветува прошка и награда од Него; Аллах е неизмерно добар и Сезнаен.

269. Тој дарува мудрост кому сака, а тој на кого мудроста му е дадена, дадено му е големо добро! А само обдарените со разум поуката ја прифаќаат!

270. За сè што ќе потрошите или ќе се заветите – Аллах, сигурно, знае! А на насилниците им нема помагач!

271. Убаво е ако јавно давате милостина, но подобро е за вас да ја давате на сиромашните кога никој не гледа, и Тој ќе ги покрие вашите лоши дела! А Аллах добро знае што правите!

272. Не зависи од тебе нивното упатство, затоа што Аллах го изведува на Вистински пат оној кого Тој сака. Доброто што го давате е ваше, давајте само со желба за Аллаховото лице! А тоа што од имотот ќе го дадете на другите ќе ви биде потполно надокнадено и нема да ви биде направена неправда!

273. Милостината им припаѓа на сиромашните кои се истоштени на Аллаховиот пат, па не можат да заработуваат, па тој што не знае мисли дека се богати поради нивната скромност и воздржливост! Ќе ги познаеш по нивниот изглед, затоа што тие не им додеваат на луѓето просејќи. А за тоа што од добрата на другите ќе им дадете, Аллах, сигурно, знае!

274. Тие што даваат од имотот свој, ноќе и дење, тајно и јавно, им припаѓа наградата од Господарот нивен! За нив нема страв, ниту пак ќе тагуваат.

275. Тие што се хранат од каматата нема да се кренат, освен како тој кого допирот на шејтанот го избезумил. Тоа е затоа што велеа: „Каматата е иста како и трговијата“. А Аллах ја дозволил трговијата, а ја забранил каматата. На тој до кого ќе стигне поуката од Господарот негов, па се оттргне од тоа, му припаѓа тоа што претходно го стекнал, а неговиот случај Му е препуштен на Аллах. А тие кои тоа повторно ќе го сторат, ќе бидат жители на Огнот, каде вечно ќе останат.

276. Аллах ја уништува каматата, а ги намножува милостините. Аллах не сака ниту еден неверник, грешник!

277. Тие што веруваат и прават добри дела, и намазот (молитвата) го извршуваат, и зекат даваат, ги чека награда кај Господарот нивен. За нив нема страв, ниту пак ќе тагуваат.

278. О, верници, плашете се од Аллах и откажете се од тоа што останало од каматата, ако сте верници.

279. Ако не го сторите тоа, ви се навестува војна од Аллах и од Неговиот Пратеник! А ако се покаете, ви припаѓаат главнините од имотите ваши; ниту некого ќе оштетите, ниту ќе бидете оштетени.

280. А ако должникот е во неволја, тогаш причекајте додека му биде полесно; а уште подобро за вас ќе биде ако долгот го дадете како милостина, да знаете!

281. И плашете се од Денот кога сите кај Аллах ќе бидете вратени, а потоа секому тоа што го заслужил ќе му се исплати! Никому неправда нема да му биде направена.

يَٰٓأَيُّهَا ٱلَّذِينَ ءَامَنُوٓاْ إِذَا تَدَايَنتُم بِدَيۡنٍ إِلَىٰٓ أَجَلٖ مُّسَمّٗى فَٱكۡتُبُوهُۚ وَلۡيَكۡتُب بَّيۡنَكُمۡ كَاتِبُۢ بِٱلۡعَدۡلِۚ وَلَا يَأۡبَ كَاتِبٌ أَن يَكۡتُبَ كَمَا عَلَّمَهُ ٱللَّهُۚ فَلۡيَكۡتُبۡ وَلۡيُمۡلِلِ ٱلَّذِي عَلَيۡهِ ٱلۡحَقُّ وَلۡيَتَّقِ ٱللَّهَ رَبَّهُۥ وَلَا يَبۡخَسۡ مِنۡهُ شَيۡـٔٗاۚ فَإِن كَانَ ٱلَّذِي عَلَيۡهِ ٱلۡحَقُّ سَفِيهًا أَوۡ ضَعِيفًا أَوۡ لَا يَسۡتَطِيعُ أَن يُمِلَّ هُوَ فَلۡيُمۡلِلۡ وَلِيُّهُۥ بِٱلۡعَدۡلِۚ وَٱسۡتَشۡهِدُواْ شَهِيدَيۡنِ مِن رِّجَالِكُمۡۖ فَإِن لَّمۡ يَكُونَا رَجُلَيۡنِ فَرَجُلٞ وَٱمۡرَأَتَانِ مِمَّن تَرۡضَوۡنَ مِنَ ٱلشُّهَدَآءِ أَن تَضِلَّ إِحۡدَىٰهُمَا فَتُذَكِّرَ إِحۡدَىٰهُمَا ٱلۡأُخۡرَىٰۚ وَلَا يَأۡبَ ٱلشُّهَدَآءُ إِذَا مَا دُعُواْۚ وَلَا تَسۡـَٔمُوٓاْ أَن تَكۡتُبُوهُ صَغِيرًا أَوۡ كَبِيرًا إِلَىٰٓ أَجَلِهِۦۚ ذَٰلِكُمۡ أَقۡسَطُ عِندَ ٱللَّهِ وَأَقۡوَمُ لِلشَّهَٰدَةِ وَأَدۡنَىٰٓ أَلَّا تَرۡتَابُوٓاْ إِلَّآ أَن تَكُونَ تِجَٰرَةً حَاضِرَةٗ تُدِيرُونَهَا بَيۡنَكُمۡ فَلَيۡسَ عَلَيۡكُمۡ جُنَاحٌ أَلَّا تَكۡتُبُوهَاۗ وَأَشۡهِدُوٓاْ إِذَا تَبَايَعۡتُمۡۚ وَلَا يُضَآرَّ كَاتِبٞ وَلَا شَهِيدٞۚ وَإِن تَفۡعَلُواْ فَإِنَّهُۥ فُسُوقُۢ بِكُمۡۗ وَٱتَّقُواْ ٱللَّهَۖ وَيُعَلِّمُكُمُ ٱللَّهُۗ وَٱللَّهُ بِكُلِّ شَيۡءٍ عَلِيمٞ [٢٨٢]

282. О, верници, запишете кога еден од друг позајмувате до одреден рок. И еден писар помеѓу вас тоа праведно нека го напише и писарот нека не се воздржува да напише така како што Аллах го подучил! Тој нека пишува, а должникот нека му кажува! Нека се плаши од Аллах, Господарот свој, и нека не изостави ништо од тоа! А ако должникот е умно ограничен или слаб, или ако не е во состојба да говори, тогаш нека диктира неговиот старател и тоа праведно! И земете двајца сведоци меѓу вас, па ако не најдете двајца мажи, тогаш еден маж и две жени од кои сте задоволни како сведоци. Ако едната од двете нешто погрешно каже, другата нека ја потсети. Сведоците треба да се одѕвијат на секој повик. Нека не ви биде мака тоа да го запишете со рок на враќање, било да е долгот мал или голем! Тоа ви е поисправно кај Аллах и при сведочењето посилно, и за да не се сомневате подобро, освен ако станува збор за секојдневна трговија која ја извршувате меѓу вас, бидејќи тогаш не е грев ако тоа не го запишете! Земете сведоци и кога склучувате купопродажни договори, и нека не биде оштетен ни писарот ни сведокот! А ако го сторите тоа, тогаш тоа е ваш грев! И плашете се од Аллах и Аллах ќе ве подучи. Аллах добро знае сè!

283. Ако сте на пат, и не најдете писар, тогаш нека се земе залог. А ако еден на друг нешто си доверите, тогаш на тој што му е доверено, нека го исполни тоа и нека се плаши од Аллах, Господарот свој! И не сокривајте го сведочењето, бидејќи срцето на тој што ќе го ускрати, ќе биде грешно! А Аллах добро знае што правите!

284. Аллахово е сè што е на небесата и на Земјата! Било да го покажувате тоа што е во душите ваши или да го криете, Аллах за тоа ќе ве праша, па ќе му прости на тој што сака, а ќе го казни тој што сака! Аллах е Семоќниот.

285. Пратеникот верува во тоа што му се објавува од Господарот негов, и верниците, секој од нив верува во Аллах, и во мелеците Негови, и во Книгите Негови, и во Пратениците Негови: „Ние не правиме поделба меѓу Пратениците Негови“. И велат: „Слушаме и се покоруваме. Те молиме за прошка, Господару наш, Тебе ќе Ти се вратиме“.

286. Аллах никого не оптоварува преку неговите можности; во негова корист е доброто кое го стекнал, а на негова штета е злото кое го стекнал! „Господару наш, не казнувај нè ако заборавиме или ако нешто не сакајќи направиме! Господару наш, не товари нè со товарот кој си им го натоварил на тие пред нас! Господару наш, не оптоварувај нè со тоа за кое немаме сила! Избриши ни ги гревовите наши, прости ни и смилувај ни се! Ти си нашиот Господар, па помогни ни против народот кој не верува!“