The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesThe Believers [Al-Mumenoon] - Macedonian Translation
Surah The Believers [Al-Mumenoon] Ayah 118 Location Maccah Number 23
1. Успешни се верниците!
2. Tие кои во своите намази (молитви) се понизни.
3. и кои лошиот говор го одбегнуваат,
4. и кои зекат даваат,
5. и кои срамните места свои ги чуваат,
6. освен од жените свои или тие кои се нивна сопственост, тие навистина прекор не заслужуваат;
7. а тие што и покрај тоа бараат, тие во злото сосема претеруваат –
8. и кои за доверените аманети и обврски свои се грижат,
9. и кои намазите (молитвите) свои на време ги извршуваат,
10. тие се достојни наследници,
11. кои Фирдеусот ќе го наследат, тие во него вечно ќе престојуваат.
12. Ние навистина човекот од екстракт од глина го создадовме,
13. потоа како капка семе на безбедно место го ставивме,
14. потоа капката семе грутка крв ја направивме, потоа од грутката крв парче месо создадовме, па од парчето месо коски направивме, а потоа коските со месо ги обвиткавме, и потоа, како друго создание, го оживуваме, па нека е возвишен Аллах, Најубавиот Создател!
15. Вие, потоа, ќе умрете,
16. потоа, на оној свет, оживени ќе бидете.
17. Ние седум небеса над вас создадовме, и Ние не сме немарни кон тоа што го создадовме.
18. Ние од небото со мерка дожд спуштаме, и во земјата го задржуваме – а способни сме и да го тргнеме –
19. и со негова помош градини од палми и винова лоза за вас подигаме – во нив многу овошја имате, и вие го јадете –
20. и дрвото кое на Синајската гора расте, кое масло дава, и зачин е за тие што го јадат.
21. И добитокот ви е поука: Ние ви даваме да пиете од тоа што се наоѓа во утробите нивни, и вие од нив многу користи имате и вие од нив се храните,
22. и на нив, и на бродовите се возите.
23. Ние го испративме Нух на народот негов, и тој велеше: „О, народе мој, само Аллах обожувајте Го, вие друг бог освен Него немате; зарем не се плашите?
24. Но главешините на народот негов, кои не веруваа, велеа: „Ова е човек како и вие, само сака да е поугледен од вас. Да сакаше Аллах, мелеци ќе испратеше; вакво нешто не сме чуле од нашите дамнешни предци,
25. тој е луд човек, па пуштете го некое време!“
26. „Господару мој,“ – рече тој – „помогни ми, тие за лага ме обвинуваат!“
27. Па Ние му објавивме: „Брод, пред очите Наши и според објавата Наша, гради, па кога заповедта Наша ќе дојде и водата на површината на земјата ќе избие, ти во неа натовари од секој вид по два, мажјак и женка, и семејството свое, но не и тие од нив за кои претходеше Зборот, и не Ми се обраќај за насилниците, бидејќи навистина ќе бидат потопени.
28. Па кога ќе се сместиш во бродот, ти и тие што се со тебе, кажи: „Сета благодарност му припаѓа на Аллах, Кој нè спаси од народот насилнички!“
29. И кажи: „Господару мој, закотви ме на благословено место, Ти тоа најдобро го знаеш!“
30. Во тоа се, навистина, поуки, а Ние, навистина, стававме во искушение.
31. По нив други поколенија создававме,
32. и еден од нив како Пратеник им го испративме: „Само Аллах обожувајте Го, вие друг бог освен Него немате; зарем не се плашите?“
33. Но главешините од народот негов, кои не веруваа, кои негираа дека на оној свет ќе бидат оживеани и на кои им дадовме во животот на овој свет раскошно да живеат, говореа: „Тој е човек како и вие; го јаде тоа што и вие го јадете, и го пие тоа што и вие го пиете;
34. и ако му се покорувате на човек како што сте и вие, сигурно ќе бидете изгубени.
35. Зарем тој вам да ви ветува, дека откако ќе умрете и земја и коски ќе станете, навистина оживеани ќе бидете?
36. Далеку е, далеку е тоа што ви се ветува!
37. Постои само животот на овој свет, ние живееме и умираме, а оживеани нема да бидеме.
38. Тој е човек кој за Аллах изнесува лаги, и ние не му веруваме.“
39. „Гоподару мој,“ – ќе замолеше тој – „помогни ми, тие за лага ме обвинуваат!“
40. „Тие наскоро ќе се покајат!“ – ќе одговореше Тој.
41. и заслужено ќе ги погодеше страшен глас, и Ние ќе ги направевме како што е речниот нанос, па далеку нека е народот насилнички!
42. А потоа, по нив, други поколенија создававме,
43. ниту еден народ не може да го забрза ниту да го успори времето на пропаста своја,
44. и Пратеници, едни по други праќавме. Кога и да им дојдеше Пратеникот на некој народ, за лага го обвинуваа, и Ние поради тоа едни со други ги сменувавме, и само во приказните за нив споменот го сочувавме, далеку нека се луѓето што не веруваа!
45. Потоа го пративме Муса и брат му Харун со знаците Наши и со очигледен доказ
46. на Фараонот и главешините негови, но тие се возгордеаја, тоа беа луѓе надмени.
47. „Зарем да им поверуваме на двајцата кои се исти како и ние, а луѓето нивни се робови наши?“ – говореа,
48. и нив двајца за лажговци ги прогласија, па поради тоа беа уништени.
49. На Муса потоа Книга му дадовме, за синовите Израилови по Вистинскиот пат да одат.
50. И синот Мерјемин и мајката негова доказ (за луѓето) ги сторивме. Ние нив на една височинка со проточна вода ги сместивме.
51. О, Пратеници, со дозволени и убави јадења хранете се и добри дела правете, бидејќи Јас добро знам вие што правите!
52. Оваа ваша вера е една вера, а Јас Сум ваш Господар, па плашете се од Мене!
53. А тие по прашањата од верата своја се разделија на групи, секоја група радосна со тоа што го исповеда,
54. затоа остави ги овие во заблудата нивна уште некое време!
55. Мислат ли тие – кога со имот и со синови им помагаме –
56. дека брзаме некое добро дело да им направиме? Никако, но тие не забележуваат.
57. Тие кои со стравопочит од Господарот свој стравуваат,
58. и тие кои во доказите на Господарот свој веруваат,
59. и тие кои здруженици на Господарот свој не Му припишуваат,
60. и тие кои даваат од тоа што им се дава, а срцата им се полни од страв затоа што ќе Му се вратат на својот Господар –
61. тие итаат да прават добри дела, и во нив другите ги надминуваат.
62. Ние никого не оптоваруваме преку неговите можности; кај Нас е Книгата која вистината ја говори, и на никого неправда нема да му се стори.
63. Но, срцата нивни се невнимателни кон ова, а покрај тоа и лоши дела постојано прават.
64. А кога на мака ги ставивме тие од нив кои раскошен живот живееја, тие веднаш се жалеа.
65. Сега не жалете се, Ние нема помош да ви укажеме,
66. ајетите Мои вам ви се кажувани, но вие се оттргнувавте;
67. гордеејќи се со Храмот и состанувајќи се, вие лоши зборови говоревте.
68. Зошто тие не размислат за Куранот? Зарем им доаѓа нешто што не им доаѓало на нивните древни предци?
69. Или не го познаваат Пратеникот свој, па затоа го негираат?
70. Или велат: „Лудилото е при него!“ Меѓутоа, тој Вистината им ја донесува, но повеќето од нив Вистината ја презираат.
71. Да се води Аллах според нивните страсти, сигурно ќе го снемаше поредокот на небесата и на Земјата и во тоа што е на нив; Ние им го дадовме Куранот, славата нивна, но тие за славата нивна не внимаваат.
72. Или бараш награда од нив? Та наградата од Господарот твој е подобра, Тој е најдобриот Снабдувач.
73. Ти нив ги повикуваш на Правиот пат,
74. но тие кои во оној свет не сакаат да веруваат, навистина, од Вистинскиот пат скршнуваат.
75. И кога би им се смилувале и од неволјата би ги ослободиле, тие би се вратиле во осиленоста своја и би талкале.
76. Ние на мака ги стававме, но тие на Господарот свој не Му се покорија, ниту молитви упатуваа,
77. дури кога портите на тешкото страдање ќе ги отвориме, тие надежта ќе ја изгубат и во очај ќе паднат.
78. Тој ви дава слух, и вид и памет, а колку малку вие заблагодарувате!
79. Тој на Земјата ве создава, и пред Него ќе се соберете,
80. Тој живот и смрт дава и само од Него зависи менувањето на ноќта и денот, па зошто не сфатите?
81. Но, тие зборуваат како што зборуваа тие пред нив.
82. Велеа: „Зарем кога ќе испоумираме и кога прав и коски ќе станеме, зарем навистина оживеани ќе бидеме?
83. И нам и одамна на предците наши тоа ни е ветувано, но, тоа се само измислици на древните народи.
84. Запрашај: „Чија е Земјата и сето тоа што е на неа, знаете ли?“
85. „На Аллах!“ – ќе одговорат, а ти кажи: „Па зошто тогаш не доаѓате при себе?“
86. Запрашај: „Кој е Господарот на седумте небеса и кој е Господарот на Аршот величествен?
87. „Аллах!“ – ќе одговорат, а ти кажи: „Па зошто тогаш не се плашите?“
88. Запрашај: „Во чија рака е власта над сè, а Тој зема во заштита, и од кого никој не може да биде заштитен, знаете ли?
89. „Тоа е Аллахово!“ – ќе одговорат, а ти кажи: „Па зошто тогаш дозволувате да бидете заведени?“
90. Да, Ние вистината им ја доставуваме, а тие се навистина лажговци.
91. Аллах не си зел Себеси син, и со Него нема друг бог! Инаку, секој бог, со тоа што го создал ќе правел што сака, и еден со друг ќе се победувале. – Возвишен нека е Аллах Кој е далеку од тоа што тие го изнесуваат;
92. Кој го знае и невидливиот и видливиот свет, и Тој е многу високо над тие кои Му ги здружуваат!
93. Кажи: „Господару мој, ако сакаш да ми го покажеш тоа со што на нив им се заканува,
94. тогаш, Господару мој, не оставај ме со народот насилнички!“
95. А Ние, навистина можеме да ти го покажеме тоа со што им се закануваме.
96. Ти со добро возврати му на злото, Ние добро знаеме што изнесуваат тие,
97. и кажи: „Јас Тебе, Господару мој, Ти се обраќам за заштита од шејтанските дошепнувања,
98. и Тебе, Господару мој, Ти се обраќам да ме заштитиш од нивното присуство.“
99. Кога на некој од нив смртта ќе му дојде, тој извикува: „Господару мој, поврати ме
100. да направам некакво добро во тоа што го пропуштив!“ – Никогаш! Тоа се зборови кои тој ќе ги говори – пред нив препрека ќе има сè до Денот кога ќе бидат оживеани.
101. Па кога во Рогот ќе се дувне, тогаш роднински врски меѓу нив нема да има и меѓусебно нема ништо да се прашаат.
102. Тие чиишто добри дела ќе бидат потешки, тие ќе се спасат,
103. а тие чиишто добри дела ќе бидат лесни, тие сосема ќе бидат изгубени, во Џехенемот вечно ќе престојуваат,
104. Огнот лицата ќе им ги гори и со исклештени заби во него ќе бидат.
105. Зарем Моите ајети не ви се кажувани, а вие ги негиравте?
106. „Господару наш,“ – ќе речат – „нашите страсти беа посилни од нас, па станавме заталкан народ.
107. Господару наш, извади нè од неа; ако повторно зло направиме, ќе бидеме насилници.“
108. „Останете во неа понижени, и ништо не Ми зборувајте!“ – ќе рече Тој.
109. Кога некои робови Мои велеа: „Господару мој, ние веруваме, затоа прости ни и смилувај ни се, бидејќи Ти си Најмилостивиот!“
110. Вие толку ги исмејувате, што поради тоа на Мене заборавивте и секогаш им се потсмевате.
111. Нив денес Јас ги наградив за тоа што трпеа, тие навистина успеаја.
112. „А колку години поминавте на Земјата?“ – ќе запраша Тој.
113. „Поминавме само ден или само дел од денот,“ – ќе одговорат – „прашај ги тие што броеја.“
114. „Па да, кратко поминавте,“ – ќе рече Тој – „само да знаевте!“
115. „Зарем мислите дека залудно ве создадовме и дека нема да Ни се вратите?“
116. И нека е Возвишен Аллах, Вистинскиот Владетел, нема друг бог освен Него, Господарот на Аршот величествен!
117. А тој што, покрај Аллах, му се моли на друг бог, без никаков доказ за него, пред Господарот свој сметка ќе полага, и неверниците нема да се спасат.
118. и кажи: „Господару мој, прости и смилувај се, Ти си најдобриот Семилосник!