عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

The Standard [Al-Furqan] - Macedonian Translation

Surah The Standard [Al-Furqan] Ayah 77 Location Maccah Number 25

1. Благословен нека е Тој што на робот Свој му го објавува Фурканот (Куранот) за да им биде опоменувач на световите,

2. Тој на Кого Му припаѓа власта на небесата и на Земјата, Кој нема дете, Кој во власта нема здруженик и Кој создаде сè и како што треба го уреди!

3. А тие покрај Него зеле божества кои ништо не создаваат, кои и самите се создадени, кои не се во состојба од себе некаква штета да отстранат ниту некаква корист да сторат, и кои немаат моќ живот да одземат, живот да дадат и да оживеат.

4. Тие што не веруваат, велат: „Ова не е ништо друго, туку голема лага која тој ја измислува, а во тоа и други луѓе му помагаат.“ – и прават неправда и клевета,

5. и велат: „Тоа се измислици на древните народи, кои тој ги препишал, па му се читаат наутро и навечер.

6. Кажи: „Го објавува Тој на Кого Му се познати тајните на небесата и на Земјата; Тој многу простува и Милостив е.“

7. И тие велат: „Што му е на овој Пратеник, тој храна јаде и по чаршиите оди; зошто не му е испратен мелек заедно со него да биде опоменувач,

8. или да му се спушти некакво богатство или да има градина од која би се хранел?“ И насилниците уште велат: „Вие следите маѓепсан човек!“

9. Погледни што зборуваат за тебе, па тогаш талкаат и Вистинскиот пат не можат да го најдат.

10. Благословен е Тој што, ако сака, може да ти даде подобро од тоа: градини низ кои реки течат и дворци.

11. Тие, дури, и Часот на оживување го негираат, а Ние за тие кои Часот на оживување го негираат, разгорен Оган подготвивме.

12. Кога ќе ги види од далечина, ќе слушнат како гневен врие и од бес грми,

13. а кога ќе бидат фрлени во него, во теснец, со врзани раце, пропаста таму ќе ја довикуваат.

14. Не довикувајте денес само една пропаст, туку довикувајте многу пропасти!

15. Кажи: „Дали е подобро тоа или вечниот Џенет, кој им е ветен на тие што од Аллах ќе се плашат. Тој награда и живеалиште ќе им биде.

16. Во него сè што ќе посакаат ќе имаат вечно; тоа е ветување на Господарот твој – тие ќе имаат право да го бараат тоа од Него.“

17. А на Денот кога Тој нив ќе ги собере, а и тие кои, покрај Аллах, биле обожувани од нив, па ќе ги запраша: „Дали вие овие Мои робови во заблуда ги заведовте, или тие самите од Вистинскиот пат заталкаа?“

18. – тие ќе речат: „Возвишен нека си Ти, незамисливо е дека ние покрај Тебе некакви заштитници сме зеле, туку, Ти на овие и на нивните предци си им дал да уживаат, па заборавиле да се сеќаваат на Тебе; тие пропаста ја заслужиле!“

19. Тие ќе го негираат тоа што вие го велите, а вие нема да бидете во можност мачењето да го отстраните, ниту помош да најдете. А на тој од вас што сторил насилство, ќе му дадеме големо страдање да искуси.

20. Ние пред тебе не сме испратиле ниту еден Пратеник кој не јадел и кој по чаршиите не одел. Ние правиме едни со други во искушение да се доведувате, па да видиме дали ќе бидете трпеливи! А Господарот твој гледа сè.

21. И тие што не се надеваат на средба со Нас, велат: „Зошто не ни се испратат мелеци или зошто Господарот свој не Го гледаме?“ Тие се навистина во душите свои горделиви, а во неправдата сите граници ги преминаа.

22. Тој Ден кога ќе ги здогледаат мелеците, тогаш нема да има радост за злосторниците. И мелеците ќе говорат: „Вам ви е целосно забранет Џенетот.“

23. И Ние ќе пристапиме кон делата нивни кои ги правеле, и во прав и пепел ќе ги претвориме.

24. Жителите на Џенетот тој ден најдобро живеалиште и најубаво одморалиште ќе имаат.

25. А на Денот кога небото ќе се расцепи и од него облак ќе се појави и кога мелеците сигурно ќе се спуштат,

26. тој Ден вистинската власт ќе биде само кај Семилосниот, а тоа ќе биде мачен ден за неверниците.

27. На Денот кога насилникот прстите свои ќе ги гризе, говорејќи: „Камо среќа со Пратеникот на Вистинскиот пат да се придржував!

28. Камо среќа, тешко мене, тој и тој за пријател да не го земев!

29. Тој од Опомената ме одврати, откако ми беше прикажан!“ – а шејтанот секогаш човекот го остава на цедило.

30. Пратеникот рече: „Господару мој, народот мој Куранот го избегнува!“

31. Ние исто така дадовме злосторниците да му бидат непријатели на секој веровесник. А тебе Господарот твој ти е доволен како упатувач и помагач!

32. Тие што не веруваат, велат: „Зошто Куранот не му е објавен целиот одеднаш?“ А така се објавува за со него срцето твое да го зацврстиме, и Ние го објавуваме постепено.[207]

33. Тие нема ниту еден приговор да ти дадат, а Ние да нема одговор и најубаво објаснување да наведеме.

34. Тие што ќе бидат влечени на своите лица во Џехенемот, ќе бидат во најлоша положба и најдалеку ќе заталкаат.

35. Ние на Муса Книга му дадовме и брат му Харун помошник му го направивме,

36. и рековме: „Отидете вие двајца кај народот кој доказите Наши ги негира.“ – и потоа тој народ потполно го уништивме.

37. А и Нуховиот народ, кога Пратениците за лага ги обвинуваа, го потопивме и на луѓето како поучен пример го направивме, а на насилниците страдање болно им подготвивме.

38. И на Ад и на Семуд и на жителите на Рес, и на многу народи помеѓу нив,

39. на сите примери за поука им наведувавме, и потоа сè сосема уништивме.

40. А тие поминуваат низ градот на кој се срушил кобен дожд – зарем не го гледаат?! – но сепак не го очекуваат оживувањето.

41. Кога ќе те видат, те исмејуваат: „Дали е ова тој што Аллах го испратил како Пратеник?

42. За малку од божествата наши да нè одврати, но ние верни им останавме.“ А кога ќе доживеат страдање, ќе дознаат кој далеку од Вистинскиот пат заталкал.

43. Кажи Ми ти Мене, дали ќе му бидеш чувар на тој што страста за свој бог ја зел?

44. Мислиш ли дека повеќето од нив сакаат да слушнат или дека настојуваат да сфатат? Тие се како добиток, дури и подалеку од Вистинскиот пат заталкале.

45. Зарем не гледаш како Господарот твој сенката ја издолжува – а да сака, ќе ја стави да мирува. А потоа направивме Сонцето да ја води.

46. А потоа малку по малку кон Себеси ја привлекуваме.

47. Тој ноќта ви ја направи покривка, сонот ви го направи одмор, а денот за движење.

48. И Тој ги испраќа ветровите како радосна вест, како претходници на Милоста Своја; и Ние од небото чиста вода спуштаме

49. за со неа веќе мртвиот предел да го оживееме и мноштвото добиток и мноштвото луѓе, кои ги создадовме, да ги напоиме.

50. А дождот Ние го расподелуваме меѓу нив за да размислат, а повеќето луѓе одбиваат сè освен неверувањето и неблагодарноста.

51. Да сакаме, во секој град ќе испратевме некого да опоменува;

52. затоа не отстапувај им на неверниците и со Куранот бори се против нив со голема борба.

53. Тој две мориња едно покрај друго остави: едното питко и слатко, другото солено и горко, а меѓу нив преграда и невидлива брана постави.

54. Тој од водата ги создава луѓето и прави да се роднини по крв и по сватовштина. Господарот твој е моќен за сè.

55. Наместо Аллах, тие ги обожуваат тие што не се во состојба никаква корист да остварат ниту од нив некаква штета да отстранат. Неверникот е шејтанов помагач против Неговиот Господар.

56. А Ние тебе те испративме само радосни вести да носиш и да опоменуваш.

57. Кажи: „За ова од вас не барам никаква награда, освен, тој што сака, да појде по Патот кој води до неговиот Господар.

58. Ти потпри се на Живиот, Кој не може да умре, и величај Го и заблагодарувај Му! А доволно е тоа што гревовите на робовите Свои добро ги знае,

59. Тој што за шест временски периоди небесата и Земјата и тоа што е меѓу нив ги создаде, и тогаш над Аршот се возвиши. Тој е Семилосниот, и за Него прашај го тој што знае.

60. А кога ќе им се каже: „Поклонете му се на сеџда на Семилосниот!“ – тие прашуваат: „А кој е Семилосниот? Зарем да се поклонуваме на сеџда само поради тоа што ти ни наредуваш?“ И уште повеќе се отуѓуваат.

61. Благословен нека е Тој што на небото големи ѕвезди создаде и на него Светилка даде и Месечина осветлена.

62. Тој прави ноќта и денот да се менуваат, тоа е поука за тој што сака да размисли или сака да биде благодарен.

63. А робови на Семилосниот се тие кои по Земјата мирно одат, а кога незналците ќе им се обратат, одговараат: „Мир!“;

64. и тие кои ги поминуваат ноќите пред Господарот свој поклонувајќи Му се на сеџда и стоејќи;

65. и тие кои велат: „Господару наш, поштеди нè од страдањето во Џехенемот затоа што страдањето во него е навистина неминовна пропаст,

66. тој е лошо престојувалиште и живеалиште;

67. и тие кои, кога даваат, не се расфрлаат и не се скржави, туку при тоа се придржуваат кон средината;

68. и тие кои покрај Аллах на друг бог не му се молат, и тие, коишто Аллах ги забранил, не ги убиваат, освен кога правдата бара, и кои не прават блуд; а кој тоа го прави, ќе ја искуси казната,

69. страдањето на оној свет двојно ќе му биде, и во него вечно понижен ќе остане,

70. освен тие што ќе се покајат и ќе поверуваат и добри дела ќе прават, Аллах нивните лоши дела во добри ќе ги смени, а Аллах простува и Милостив е.

71. А тој што ќе се покае и добри дела ќе прави, тој, навистина, на Аллах искрено Му се вратил;

72. и тие кои не присуствуваат при лагата и неделата, и кои додека поминуваат покрај безделништвото, поминуваат достоинствено;

73. и тие кои кога ќе бидат опоменати со доказите на Господарот свој, ни глуви ни слепи не остануваат;

74. и тие кои велат: „Господару наш, подари ни во жените наши и во децата наши радост, и направи нè предводници на богобојазливите!“

75. Тие, поради тоа што го трпеа, со одаи џенетски ќе бидат наградени и во нив со поздрав и благослов ќе бидат дочекувани.

76. Во нив вечно ќе останат, а какво прекрасно престојувалиште и живеалиште се тие!

77. Кажи: „Аллах не би ви подарил внимание да не е вашето обожување. Вие негиравте, и неминовно ве чека страдањето.