The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesTHE ANT [An-Naml] - Macedonian Translation
Surah THE ANT [An-Naml] Ayah 93 Location Maccah Number 27
1. Та-син. Ова се ајети од Куранот и Книгата јасна,
2. упатство и радосна вест за верниците,
3. кои намазот (молитвата) го извршуваат и зекат даваат и кои во оној свет цврсто веруваат.
4. На тие што не веруваат во оној свет, Ние им ги прикажуваме како убави постапките нивни – па тие талкаат;
5. нив ги чека злобна казна, а на оној свет ќе бидат сосема изгубени,
6. а ти, навистина, го примаш Куранот од Мудриот и Сезнајниот!
7. Кога Муса му рече на семејството свое: „Видов оган, ќе ви донесам оттаму вест некаква, или ќе ви донесам разгорен оган за да се загреете.“
8. Некој, кога му се приближи, го повика: „Нека се благословени тие што се наоѓаат на местото на кое е огнот и тие околу него, и нека е славен Аллах, Господарот на световите!
9. „О, Муса, Јас сум Аллах, Силниот и Мудриот!
10. Фрли го својот стап!“ Па кога го виде дека се движи како да е брза змија, тој се оддалечи и не се врати. „О, Муса, не плаши се! Пратениците кај Мене не треба од ништо да се плашат;
11. а на тој што грев ќе направи, а потоа злото со добро дело ќе го замени, навистина ќе му простам и милостив ќе бидам!
12. Стави ја раката своја во пазувите свои, ќе се појави бела, но нема да биде болна – ќе биде едно од деветте знаци за фараонот и за народот негов; тие се навистина народ грешен, непослушен.
13. И кога знаците Наши јасно им дојдоа, тие рекоа: „Ова е вистинска маѓија!“
14. И тие, неправедни и арогантни, ги негираа, но во себе веруваа дека се вистински, па погледај како завршија интригантите.
15. На Давуд и Сулејман знаење им дадовме и тие кажаа: „Сета благодарност му припаѓа на Аллах Кој нè одликуваше над многуте верници, робови Свои!“
16. И Сулејман го наследи Давуд и рече: „О, луѓе, дадено ни е да ги разбираме птичјите гласови и сешто ни е дадено; ова е навистина вистинска благодат!“
17. И му се собраа на Сулејман војските негови, џините, луѓето и птиците, беа собирани па водени,
18. и кога стигнаа до долината на мравките, една мравка рече: „О, мравки, влегувајте во живеалиштата свои за да не ве прегази Сулејман и војските негови, а тоа и да не го забележат!“
19. И Тој се насмеа гласно на зборовите нејзини и рече: „Господару мој, вдахни ми да бидам благодарен на благодатта Твоја, која ми ја укажа мене и на родителите мои, и да правам добри дела за задоволството Твое, и внеси ме, со милоста Своја, меѓу добрите робови Свои!“
20. И Тој изврши смотра на птиците, па рече: „Зошто не го гледам Пупунецот, отсутен ли е?
21. Ако не ми донесе разумно оправдување, со тешка казна ќе го казнам или ќе го заколам!“
22. Не помина многу време, а тој дојде, па рече: „Го дознав тоа што ти не го знаеш, од Саба[208] ти носам поверлива вест.
23. Видов една жена како владее и дека сè и сешто ѝ е дадено, а има и величествен престол,
24. видов дека таа и народот нејзин на Сонцето му се клањаат, а не на Аллах. Шејтанот им ги прикажал убави постапките нивни и од Вистинскиот пат ги одвратил, па тие не знаат да го најдат Вистинскиот пат
25. за да Му се клањаат на Аллах, Кој го обелоденува тоа што е скриено на небесата и на Земјата и Кој го знае тоа што го криете и тоа што јавно го изнесувате.
26. Аллах е, нема друг бог освен Него, Господарот на Аршот величествен!
27. „Ќе видиме,“ – рече Сулејман – „дали ја зборуваш вистината или не.
28. Однеси го ова мое писмо, па фрли им го, а потоа оддалечи се малку од нив и погледни што ќе ти одговорат!“
29. „О, големци,“ – рече таа – „мене ми е доставено едно писмо вредно за почит!
30. Сигурно е од Сулејман и сигурно е: „Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот!
31. Не правете се поголеми од мене, туку дојдете да ми се покорите.“
32. „О, големци,“ – рече таа – „советувајте ме што треба во овој случај да сторам; јас без вас ништо не сакам да одлучам!“
33. „Ние сме многу силни и храбри,“ – рекоа тие – „но ти наредуваш. Па, размисли што ќе наредиш!“
34. „Кога царевите ќе освојат некој град,“ – рече таа – „тие го разоруваат, а неговите угледни жители ги прават понижени; ете, така постапуваат.
35. Ќе им испратам еден подарок и ќе видам со што гласниците ќе се вратат.“
36. И кога гласникот излезе пред Сулејман, овој му рече: „Зарем со богатство мене да ме придобиете? Тоа што Аллах мене ми го дал е подобро од тоа што вам ви дал. Вие му се радувате на тоа што ви се дава!
37. Врати се кај нив! Ние ќе донесеме војски на кои нема да може да им се спротивстават и ќе ги протераме од Саба понижени и покорени.
38. О, големци, кој од вас ќе ми го донесе нејзиниот престол, пред да ми дојдат како муслимани.“
39. „Јас ќе го донесам,“ – рече Ифрит[209], еден од џините – „пред да станеш од своето место, јас сум за тоа силен и доверлив“.
40. „А јас ќе го донесам“ – рече тој што го имаше знаењето од Книгата – „пред да трепнеш со окото“. И кога Сулејман виде дека престолот е веќе пред него поставен, извика: „Ова е благодат од Господарот мој, Кој ме искушува дали благодарен или неблагодарен ќе бидам. А кој е благодарен – во своја корист е благодарен, а кој е неблагодарен – па Господарот мој е Независен и Благороден.“
41. „Смени го изгледот на нејзиниот престол да видиме дали ќе го препознае или не!“
42. И кога таа дојде, ѝ беше кажано: „Дали е ваков престолот твој?“ „Како да е тој!“ – извика таа. „А нам пред неа ни беше дадено знаењето, и ние сме муслимани.“
43. А за да не верува исправно, неа ја спречија тие кои таа покрај Аллах ги обожуваше!
44. „Влези во дворецот!“ ѝ беше кажано. Кога таа го погледна, помисли дека е длабока вода, па го крена фустанот, разоткривајќи ги своите нозе. „Овој дворец е поплочен со сјајно стакло!“ – рече тој. „Господару мој!“ – извика таа – „Јас си сторив насилство на себеси и во друштво на Сулејман, Му се предавам на Аллах, Господарот на световите!“
45. А на Семуд му го пративме братот негов, Салих: „Само Аллах обожувајте Го!“ – а тие се поделија во две групи кои меѓусебно се препираа.
46. „О, народе мој,“ – им говореше тој – „зошто го барате злото, пред доброто? Зошто не барате прошка од Аллах, за да ви се укаже милоста?“
47. „Ние те сметаме тебе и тие што се со тебе за кобен предзнак!“ – рекоа тие. „Вашиот кобен предзнак е кај Аллах,“ – рече тој – „вие сте народ кој е ставен на искушение.“
48. Во градот имаше деветмина кои по земјата, не ред, туку неред правеа.
49. „Заколнете се во Аллах,“ – рекоа – „дека во ноќта него и семејството негово ќе го убиеме, а тогаш на неговиот најблизок крвен сродник ќе му кажеме: ,Ние не присуствувавме на убиството на семејството негово, ние, навистина, вистината ја говориме.“
50. И смислуваа сплетки, па и Ние, но тие тоа не го чувствуваа,
51. па погледни каква беше последицата на сплеткарењето нивно: ги уништивме сите – и нив и народот нивен.
52. Ете ги куќите нивни, пусти се поради неправдата која ја правеа – тоа е навистина поука за народот кој знае,
53. а ги спасивме тие што веруваа и кои од Аллах се плашеа и од гревовите се чуваа.
54. И Лут го пративме, кога му рече на народот свој: „Зошто правите разврат, јавно, едни пред други?
55. Зарем, навистина, со страст им приоѓате на мажите, наместо на жените? Вие сте навистина народ кој не знае.“
56. А одговорот на нарадот негов, гласеше: „Избркајте го семејството на Лут од вашиот град, тие се чисти и невини луѓе!“
57. И Ние го спасивме него и семејството негово, сите, освен сопругата негова. Ние одредивме таа да остане со тие кои казната ќе ја искусат,
58. и пуштивме врз нив камен дожд, а колку страшен дожд за тие што беа предупредени!
59. Кажи: „Сета благодарност Му припаѓа на Аллах и нека е мир над робовите Негови кои Тој ги одбрал!“ Кој е подобар: Аллах или тие кои Нему Му ги здружуваат.
60. Тој Кој небесата и Земјата ги создаде и Кој од небото ви спушта дожд со чија помош Ние даваме да позеленат градините прекрасни, невозможно е вие да направите да израснат дрвјата нивни. Зарем покрај Аллах постои друг бог?! Не постои, но тие се народ кој други со Него изедначуваат.
61. Тој Кој Земјата за живеалиште ја направи и низ неа реки спроведе и на неа стабилни планини постави и две мориња прегради. Зарем покрај Аллах постои друг бог?! Не постои, туку повеќето од нив не знаат.
62. Тој Кој на човекот кој е во неволја, кога ќе Му се обрати, му се одѕива, и Кој злото го отстранува и Кој на Земјата едни со други ве сменува. Зарем покрај Аллах постои друг бог?! Колку малку размислувате!
63. Тој Кој во темнините, на копното и на морето, патот ви го покажува и Кој ветровите како радосна вест пред милоста Своја ги испраќа. Зарем покрај Аллах постои друг бог?! Аллах е високо над тие кои Му ги здружуваат!
64. Тој Кој од ништо создава сè, Кој тоа повторно ќе го направи, и Кој снабдувањето од небо и од земјата ви го дава. Зарем покрај Аллах постои друг бог?! Кажи: „Докажете ако ја зборувате вистината!“
65. Кажи: „Никој, освен Аллах, ни на небото ни на Земјата, не го знае гајбот; и тие не знаат кога ќе бидат оживеани.“
66. Зарем тие за оној свет знаат нешто? Ништо! Тие се сомневаат во него, тие се слепи спрема него.
67. Неверниците велат: „Зарем кога ќе станаме земја, и ние и предците наши, навистина оживеани ќе бидеме?
68. Ова уште одамна ни се ветува, и нам и на предците наши, а ова се само измислици на древните народи.
69. Кажи: „Патувајте по светот и видете како завршиле злосторниците!“
70. И не тагувај поради нив и нека не ти биде тешко во душата поради сплетките нивни.
71. „Кога, веќе еднаш, ќе се оствари тоа ветување, ако Вистината ја говорите?“ – прашуваат тие.
72. Кажи: „Сигурно ќе ве стигне нешто од тоа што го избрзувате!“
73. А Господарот твој е неизмерно добар кон луѓето, но повеќето од нив не се благодарни.
74. Господарот твој добро го знае тоа што градите нивни го кријат и тоа што јавно го изнесуваат.
75. Нема ништо скриено ни на небото ни на Земјата, а да не е во Книгата јасна.
76. Овој Куран на синовите Израилови најмногу им кажува за тоа за што не се согласуваат,
77. и тој е, навистина, упатство и милост на верниците.
78. Господарот твој по правдата Своја ќе им пресуди; Тој е Силниот и Сезнајниот,
79. затоа потпри се на Аллах, затоа што ти, навистина, ја следиш Јасната Вистина!
80. Ти не можеш мртвите да ги повикуваш ни глувите да ги довикуваш кога со грбовите ќе се завртат,
81. ниту можеш да ги упатиш слепите кои се во заблуда; можеш само да ги повикаш тие кои во зборовите Наши веруваат. Тие се предани!
82. И кога ќе дојде времето тие да бидат казнети, Ние ќе направиме од земјата да излезе едно животно кое ќе им каже дека луѓето во доказите Наши не биле уверени.
83. А на Денот кога од секој народ ќе собереме куп од тие што доказите Наши ги негираа – тие ќе бидат собирани па приведувани,
84. и кога ќе дојдат, Тој ќе запраша: „Дали вие доказите Мои ги негиравте не размислувајќи за нив, или што правевте?“
85. И нив ќе ги стигне казна затоа што беа насилници, па нема да можат ни збор да изустат.
86. Зарем не видоа дека ноќта ја направивме за во неа да одморат, а денот видлив?! Тоа се, навистина, докази за народот кој верува.
87. А на Денот кога во рогот ќе се дувне, па смртно ќе се преплашат и тие на небесата и тие на Земјата, освен тие кои Аллах ќе ги поштеди, сите понизно ќе Ми дојдат.
88. Ти ги гледаш планините и мислиш дека се неподвижни, а тие се движат[210] како што се движат облаците, тоа е дело на Аллах, Кој сè совршено создал; Тој навистина го знае тоа што го правите.
89. Тие што ќе направат добро дело, ќе добијат голема награда за него и од стравот на Судниот ден ќе бидат поштедени,
90. а тие што ќе нанесуваат зло, во Огнот на глава ќе бидат турнати. „Па зарем вие се казнувате, освен за тоа што го правевте?“
91. Јас примив заповед да Го обожувам само Господарот на овој град кој Тој го направи свет – а сè Му припаѓа Нему – и наредено ми е да Му бидам послушен
92. и Куранот да го кажувам; Тој што ќе оди по Вистинскиот пат на Вистинскиот пат е за свое добро, а на тој што е во заблуда, ти кажи му: „Јас само опоменувам.“
93. И кажи: „Сета благодарност Му припаѓа на Аллах, Тој знаците Свои ќе ви ги покаже, па вие ќе ги познаете!“ А Господарот твој не e немарен кон тоа што го правите.