عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

The family of Imran [Aal-e-Imran] - Macedonian Translation

Surah The family of Imran [Aal-e-Imran] Ayah 200 Location Madanah Number 3

1. Елиф-лам-мим!

2. Аллах е, нема друг бог освен Него, Живиот и Самоопстојувачкиот Одржувател!

3. Тој ти ја објавува Книгата со Вистината, која ги потврдува претходните, а и Тевратот[78] и Инџилот[79] ги објавил

4. Претходно, како патоказ за луѓето, а го објавил и Фурканот[80]. На тие што не веруваат во Аллаховите ајети им припаѓа тешка казна; а Аллах е силен и жестоко казнува!

5. На Аллах, навистина, ништо не Му е скриено, ниту на Земјата ниту на небото!

6. Тој во матките ве обликува како што Тој сака; нема друг бог освен Него, Силниот и Мудриот!

7. Тој ти ја објавува Книгата во која се јасните ајети; тие се темели на Книгата, а останатите се помалку јасни. Тие во чиишто срца е скршнувањето ги следат нејасните ајети тежнеејќи за интриги и сопствено толкување. А толкувањето нивно го знае само Аллах! Тие што се упатени во науката, велат: „Ние веруваме во нив, сите тие се од Господарот наш!“ А само разумните сфаќаат!

8. „Господару наш, не скршнувај ги срцата наши откако веќе си нè упатил, и подари ни ја Својата милост! Ти си, навистина, обилниот Дарувач!

9. Господару наш, Ти ќе ги собереш сите луѓе на Денот во кој нема никаков сомнеж“. Аллах, навистина, не го прекршува Своето ветување!

10. На тие што не веруваат нема ништо да им користат богатствата нивни, ни децата нивни кај Аллах, и тие ќе бидат гориво за Огнот!

11. Како што тоа веќе се фараоновите луѓе и тие пред нив кои ги сметаа доказите Наши за лажни, па заради гревовите нивни Аллах ги уништи. А Аллах жестоко казнува.

12. Кажи им на тие што не веруваат: „Ќе бидете победени и во Џехенемот ќе бидете собрани, а тоа е грозно престојувалиште!“

13. Имавте знак во двете групи кои се судрија[81]: едната која се бореше на Аллаховиот пат, и другата, неверничка, на која ѝ се причинуваше дека пред себе има двапати повеќе противници. А Аллах со Својата помош поддржува кого Тој сака! Тоа е, навистина, поука за тие што гледаат далеку.

14. На луѓето им е разубавен копнежот кон страстите, жените, синовите, куповите од злато и сребро, расните коњи, добитокот и посевите. Тоа се насладувањата од овосветскиот живот; а најубавото место за враќање е кај Аллах!

15. Кажи: „Сакате ли да ви кажам што е подобро од тоа? Тие што ќе бидат богобојазливи кај Господарот свој ќе имаат џенетски градини под кои реки течат, во кои вечно ќе престојуваат, и сопруги чисти и задоволство од Аллах!“ А Аллах добро ги гледа робовите Свои!

16. Тие што велат: „Господару наш, ние навистина веруваме, па прости ни ги гревовите наши и сочувај нè од страдањето во Огнот!“

17. Трпеливи, и искрени, и на Аллах послушни, и кои од имотот даваат и кои во последните часови од ноќта за прошка молат“.

18. Аллах сведочи дека нема друг бог освен Него, а и мелеците (ангелите) и учените, постапувајќи праведно. Нема друг бог освен Него, Силниот и Мудриот!

19. За Аллах единствено исламот е вистинска вера. А тие на кои им е дадена Книгата се раздвоија во моментот кога им дојде знаењето и тоа од меѓусебна завист. А Аллах брзо ќе се пресмета со тие што не веруваат во Аллаховите зборови!

20. Ако тие се препираат со тебе, кажи: „Јас само на Аллах Му се покорувам, а и тие што ме следат.“ И кажи им на тие на кои им е дадена Книгата и на неписмените: „Дали сте го примиле исламот?“ Ако го примат исламот, тогаш тие се на Вистинскиот пат, а ако одбијат, твое е единствено да повикуваш! А Аллах добро ги гледа робовите Свои!

21. На тие што не веруваат во Аллаховите знаци и кои неоправдано ги убиваа веровесниците, а ги убиваат и тие што бараат праведно да се постапува кон луѓето, навести им болна казна.

22. Тоа се тие чиишто дела се безвредни и на овој и на оној свет, и на кои никој нема на помош да им пријде.

23. Зарем не ги гледаш тие на кои им е даден дел од Книгата, кога биваат повикувани да им се суди според Аллаховата Книга, како некои од нив тоа го одбиваат, зашто тие и онака одбегнувајќи се вртат.

24. Тоа е затоа што велат: „Огнот нема ни да нè допре повеќе од неколку дена“, а во нивното верување ги залажуваат лагите што самите ги измислуваа!

25. А што ќе биде кога ќе ги собереме тој Ден за кој нема никаков сомнеж и кога секој ќе го добие тоа што го заслужил? А на нив нема да им биде сторена неправда!

26. Кажи: „О, Аллаху мој, Поседувателу на власта! Ти власта кому сакаш му ја даваш, а ја одземаш од кого сакаш! Ти возвишуваш кого сакаш, а понижуваш кого сакаш! Во Твојата рака е доброто! Ти си навистина Семоќен!

27. Ти ја воведуваш ноќта во денот и го воведуваш денот во ноќта. Живото го изведуваш од мртвото и мртвото го изведуваш од живото! Ти снабдуваш кого сакаш, без никаква сметка!“

28. Верниците нека не ги земаат за пријатели неверниците, кога веќе има верници; а тој што тоа ќе го стори, нема ништо со Аллах! Освен доколку со тоа се штитат од нив! Аллах ве предупредува на Себе и кај Аллах сè се враќа!

29. Кажи: „Било да го криете тоа што е во градите ваши или да го покажувате, Аллах тоа го знае. Тој знае сè што е на небесата и што е на Земјата!“ Аллах е моќен над сè!

30. Тој ден кога секој човек пред себе ќе го најде доброто дело што го сторил и лошото дело кое го сторил, ќе посака помеѓу нив и него да има голема раздалеченост. А Аллах ве предупредува на Себе и Аллах е благ кон робовите Свои!

31. Кажи: „Ако Аллах Го сакате, тогаш мене следете ме, и вас Аллах ќе ве сака и гревовите ќе ви ги прости!“ А Аллах простува и Милостив е.

32. Кажи: „Покорувајте им се на Аллах и на Пратеникот!“ А ако тие главите ги свртат, па Аллах, навистина, не ги сака неверниците.

33. Навистина Аллах ги одбрал Адем и Нух[82], и семејството на Ибрахим, и семејството на Имран[83] над световите!

34. Сите потомци еден од друг! А Аллах сè слуша и сè знае!

35. Сопругата на Имран рече: „Господару мој, ова што е во стомакот мој го заветувам само во Твоја служба, па прими го тоа од мене, бидејќи Ти навистина сè слушаш и сè знаеш!“

36. А откако роди, таа рече: „Господару мој, јас родив женско!“ – а Аллах најдобро знае што роди таа – „а женското не е како машко; и ја нареков Мерјем. Неа и породот нејзин го ставам под Твоја заштита од проклетиот шејтан“.

37. Па Господарот нејзин убаво ја прими и стори да израсне убаво и за неа да се грижи Зекерија[84]. Кога и да влезеше Зекерија кај неа во михработ[85], кај неа храна ќе најдеше. „Од каде ти е ова, Мерјем?“ – би запрашал тој, а таа би одговорила: „Тоа е од Аллах!“ Аллах навистина снабдува кого сака, без никаква сметка!“[86]

38. Таму Зекерија Го замоли Господарот свој: „Господару мој, подари ми од Себе честит потомок, бидејќи Ти, навистина, молбата ја слушаш!“

39. И додека тој стоејќи во михработ се молеше, мелеците го повикаа: „Аллах ти јавува радосна вест: ќе ти се роди Јахја[87], кој во Аллаховата Реч ќе верува, кој ќе биде првак и скромен, и веровесник и потомок на добрите.“

40. „Господару мој,“ – рече тој – „како ќе имам син кога староста ме совлада, а и жена ми е неплодна?“ – „Ете така,“ – рече Тој – „Аллах прави што Му е по волја!

41. „Господару мој,“ – замоли Зекерија – „дај ми некаков знак!“ „Знак ќе ти биде тоа што три дена со луѓе нема да можеш да разговараш, освен со знаци. И често споменувај Го Господарот свој и заблагодарувај Му на крајот на денот и рано наутро!“

42. И кога мелеците рекоа: „О, Мерјем, Аллах навистина тебе те одбра и чиста те создаде. Тој те одбра над сите жени на световите!

43. О, Мерјем, биди Му понизна и покорна на Господарот свој, и сеџда чини и клањај Му се со тие што Му се клањаат!“

44. Тоа се некои од непознатите вести што ти ги објавуваме. Ти не беше меѓу нив кога своите пера ги фрлија за да видат кој од нив за Мерјем ќе се грижи, а не беше меѓу нив ни кога се препираа![88]

45. А кога мелеците рекоа: „О, Мерјем, Аллах те радува со синот кој е создаден со Неговата Реч, името ќе му биде Месих[89], Иса, син Мерјемин, ќе биде угледен и на овој и на оној свет и ќе биде еден од блиските на Аллах!

46. Тој ќе им зборува на луѓето уште во колевка, а и како возрасен, и честит ќе биде“.

47. Таа рече: „Господару мој, како ќе имам дете кога ниту еден маж ме нема допрено?“ – „Ете така,“ – рече – „Аллах создава што сака. Кога нешто ќе одлучи, Тој само ќе каже: „Биди!“ – и тоа бидува!“

48. Тој го поучува за писмото и за мудроста и за Тевратот и за Инџилот,

49. и го праќа како Пратеник на синовите Израилови: „Ви донесов знак од Господарот ваш: ќе ви направам нешто слично на птица (од глина) и ќе дувнам во неа, па со Аллахова волја ќе биде вистинска птица; ќе ги исцелам слепиот од раѓање и лепрозниот, и ќе оживувам мртви со Аллахова волја, и ќе ви кажувам што јадете и што во домовите ваши натрупувате! Во сето тоа има докази за вас, ако бидете вистински верници!

50. Потврдувајќи ја така вистинитоста на Тевратот, објавен пред мене, и допуштајќи ви нешто што ви беше забрането, зашто јас ви носам доказ од вашиот Господар! Па плашете се од Аллах, а бидете ми покорни мене!

51. Аллах, навистина, е и мој и ваш Господар, па Него обожувајте Го! Тоа е Правиот пат!“

52. А кога Иса почувствува дека тие не веруваат, рече: „Кои ќе ми бидат помошници на Аллаховиот пат?“ „Ние сме помагачи на Аллаховата вера!“ – рекоа учениците – „Ние веруваме во Аллах, а ти биди сведок дека ние сме муслимани!

53. Господару наш, ние веруваме во тоа што Ти го објави и Пратеникот го следиме, па забележи нè како сведоци на верата!“

54. И неверниците почнаа да смислуваат интриги, па и Аллах тоа им го направи! А Аллах најдобро го умее тоа!

55. И кога Аллах рече: „О, Иса, Јас душата ќе ти ја земам и кон Себе ќе те воздигнам! Ќе те спасам од неверниците и ќе сторам тие што те следат да бидат над неверниците сè до Судниот ден! Потоа Мене ќе ми се вратите, па Јас ќе ви пресудам за тоа за што не се согласувавте!

56. Што се однесува до тие што не веруваат на тешки маки ќе ги ставам и на овој и на оној свет, и никој нема да може да им помогне!“

57. А на тие што ќе веруваат и што добри дела ќе прават, Тој полна награда ќе им даде. А Аллах не ги сака насилниците!

58. Ова што ти го кажуваме се докази и мудра Опомена!

59. Случајот со Иса кај Аллах е навистина ист како случајот со Адем: од земја го создаде, а потоа му рече: „Биди!“ – и тој беше создаден.

60. Вистината е од Господарот твој, затоа не се сомневај!

61. А на тие кои ќе почнат да се расправаат со тебе за Него, откако ти дојде нешто од знаењето, кажи им: „Дојдете, ќе ги повикаме синовите наши и синовите ваши, и жените наши и жените ваши, а ќе дојдеме и ние и вие, па ќе се проколнуваме и Аллаховото проклетство за тие што лажат ќе го побараме!“

62. Ова навистина е вистинито кажување, и нема друг бог освен Аллах! А Аллах е навистина Силен и Мудар!

63. А ако тие главите ги свртат, па Аллах сигурно добро ги познава пакосниците.

64. Кажи: „О, следбеници на Книгата, дојдете да се собереме околу зборот, и нам и вам заеднички, никого освен Аллах да не обожуваме, ништо да не Му здружуваме, и едни со други, покрај Аллах, за божества да не се сметаме!“ Па ако не се согласат, вие кажете: „Бидете сведоци дека ние сме муслимани!“

65. О, следбеници на Книгата, зошто се препирате за Ибрахим, кога Тевратот и Инџилот се објавени по него? Зарем не сфаќате?

66. Вие расправате за тоа за што имате некое знаење, но зошто расправате за тоа за што ништо не знаете? Аллах знае, а вие не знаете!

67. Ибрахим не беше ниту евреин ниту христијанин, туку беше вистински верник, муслиман. Тој не беше идолопоклоник!

68. Навистина најблиски луѓето до Ибрахим се тие што го следеле, и овој Веровесник (Мухамед) и тие што веруваат. А Аллах е заштитник на верниците!

69. Некои следбеници на Книгата сакаат да ве одведат на погрешниот пат. Меѓутоа, тие самите себе во заблуда се водат, а не ни чувствуваат.

70. О, Следбеници на Книгата, зошто во Аллаховите знаци не верувате, а вие со своите очи ги гледате?

71. О, Следбеници на Книгата, зошто вистината со невистина ја прекривате и свесно вистината ја криете?

72. Некои следбеници на Книгата велат: „Верувајте во тоа што им е објавено на верниците, на почеток на денот, а при крајот на денот негирајте го тоа, со цел и тие својата вера да ја напуштат!“

73. И немојте да верувате и да се доверувате никому освен на тој што ја следи вашата вера! Ти кажи: „Навистина, вистинското упатство е Аллаховото упатство!“ И велат: „Не верувајте и не доверувајте се никому, па некому да му биде дадено како што ви е дадено вам или да има доказ пред вашиот Господар!“ Кажи: „Навистина сета благодат е во Аллаховата рака, Тој ја дарува кому Тој сака!“ А Аллах е неизмерно добар и Сезнаен!

74. Тој Својата милост ја дарува кому сака. А Аллах е Поседувачот на големата благодат!

75. Има следбеници на Книгата на кои доколку им довериш и товар богатство, ќе ти го вратат, а има и такви кои нема да ти вратат ако им довериш и само еден динар[90], освен доколку постојано не го бараш. Тоа е така бидејќи тие велат: „Нам не ни е грев тоа што ќе им го сториме на неписмените“. – и за Аллах свесно говорат лаги!

76. Меѓутоа, кој си ја исполнува својата должност и ги избегнува гревовите, па Аллах навистина ги сака богобојазливите.

77. Навистина, тие кои обврската своја кон Аллах и заклетвите свои ги заменуваат за нешто што малку вреди, на оној свет никакво добро нема да имаат. Аллах со нив нема да зборува, ниту ќе погледне во нив на Судниот Ден, ниту ќе ги исчисти! На нив им припаѓа болна казна!

78. Некои од нив ги превртуваат јазиците свои читајќи ја Книгата за вие да помислите дека тоа е од Книгата, а не е од Книгата! И велат: „Тоа е од Аллах!“ – а тоа не е од Аллах! За Аллах свесно говорат лаги!

79. Не е примерно за човек кому Аллах му даде Книга и знаење и веровесништво, а потоа да им вели на луѓето: „Бидете мои робови, а не на Аллах!“, туку: „Бидете учени и побожни, со тоа што другите за Книгата ги подучувате и што и самите ја проучувате!“

80. Тој не ви наредува мелеците и веровесниците за господари да ги сметате! Зарем да ви нареди неверство откако веќе сте станале муслимани?

81. Аллах од секој веровесник на кого Книга му објавил и знаење му дал зел обврска: „Кога после вас ќе дојде Пратеник кој ќе потврди дека е вистина тоа што го имате, дали целосно ќе му поверувате и ќе го поддржите? Дали се сложувате и ја прифаќате таа обврска кон Мене?“ Тие одговорија: „Прифаќаме“. „Тогаш бидете сведоци,“ – рече Тој – „а и Јас со вас ќе сведочам“.

82. А тие кои што и по тоа главите ќе ги свртат, навистина се грешници.

83. Зарем покрај Аллаховата вера сакаат друга, а Нему, милум или силум Му се покоруваат и тие на небесата и тие на Земјата и Нему ќе Му бидат вратени?

84. Кажи: „Ние веруваме и во Аллах и во тоа што ни е објавено нам, и во тоа што им е објавено на Ибрахим, и на Исмаил, и на Исхак, и на Јакуб и на потомците; и во тоа што им е дадено на Муса и на Иса и на веровесниците од Господарот нивен; ние никаква разлика меѓу нив не правиме и само Нему искрено Му се предаваме“.

85. А тој што сака друга вера освен исламот, нема да му биде примена, и тој на оној свет ќе биде меѓу губитниците.

86. Како Аллах да го упати на Вистинскиот пат народот што не верува откако што верувал и сведочел дека Пратеникот е вистина, и му дошле Јасни докази?! Аллах нема да го упати на Вистинскиот пат народот кој чини насилство.

87. А тоа се тие чијашто казна е проклетството од Аллах, од мелеците и од сите луѓе!

88. Во него вечно ќе останат и казната нема да им биде олеснета, ниту пак ќе им се даде време!

89. Исклучок се тие кои потоа ќе се покајат и ќе се поправат, зашто Аллах навистина простува и Милостив е!

90. Тие што ќе станат неверници, откако веруваа, и коишто потоа ќе станат уште поголеми неверници, покајанието, навистина, нема да им биде примено, и тие, навистина, се заталкани.

91. На ниту еден од неверниците кои ќе умрат како такви, нема да им биде прифатено да се откупат, па макар тоа да е сето богатство на Земјата. На нив им припаѓа болна казна и тие немаат никаков помагач.

92. Нема да постигнете добро сè додека не дадете дел од тоа што ви е драго! А што и да дадете, Аллах тоа добро го знае.

93. Секаква храна им беше дозволена на синовите Израилови, освен таа што Израил самиот себеси си ја забранил пред Тевратот да биде објавен. Кажи: „Донесете го Тевратот и читајте го, доколку вистината ја зборувате!“

94. А тие коишто и после тоа лаги за Аллах изнесуваат, тие, навистина, се насилници!

95. Кажи: „Аллах ја зборува вистината!“ – да ја следите верата на Ибрахим, вистинскиот верник, а тој не беше идолопоклоник!

96. Првиот храм изграден за луѓето е тој во Бека[91], благословен и патоказ на световите.

97. Во него има очигледни знаци – местото на коешто стоеше Ибрахим! И тој што ќе влезе во него ќе биде безбеден. Аџилакот должен е да го заврши, поради Аллах, секој што е во можност да дојде до него. А тој што не верува – па, Аллах е навистина независен од световите.

98. Кажи: „О, следбеници на Книгата, зошто не верувате во Аллаховите знаци, а Аллах е сведок на сè што работите?“

99. Кажи: „О, следбеници на Книгата, зошто го одвраќате од Аллаховата вера тој што верува, сакајќи да ја искривите, иако сте сведоци дека е вистина? А Аллах не го занемарува тоа што го правите!“

100. О, верници, ако се покорувате на некои од тие на кои им е дадена Книгата, тие, откако ја прифативте вистинската вера, повторно ќе ве вратат меѓу неверниците!

101. А како да не верувате кога ви се кажуваат Аллаховите ајети и кога меѓу вас е Неговиот Пратеник? А кој е цврсто поврзан со Аллах, тој веќе е упатен на Правиот пат!

102. О, верници, плашете се од Аллах со вистинска богобојазливост и никако не умирајте, освен како муслимани!

103. Сите цврсто за Аллаховото јаже држете се и никако не разделувајте се! И сетете се на Аллаховата милост кон вас кога бевте непријатели, па Тој срцата ви ги соедини и вие, со милоста Негова, станавте браќа; и бевте на работ на огнената јама, па Тој од неа ве спаси! Така Аллах ви ги објаснува Своите знаци, за да истраете на Вистинскиот пат.

104. И меѓу вас нека има една група луѓе која повикува на добро и наредува добро и одвраќа од зло. Тоа се тие спасените!

105. И не бидете како тие што се разединија и се разделија, откако веќе Јасни докази им дојдоа! Нив ги чека голема казна

106. на Денот кога некои лица ќе побелат, а некои лица ќе поцрнат. На тие чиишто лица ќе поцрнат, ќе им се каже: „Зарем станавте неверници по вашето верување? Па искусете го страданието затоа што не верувавте!“

107. А тие чиишто лица ќе побелат, ќе бидат во Аллаховата милост во која вечно ќе останат!

108. Тоа се Аллаховите докази кои тебе вистински ти ги кажуваме! А Аллах не сака кому било неправда да стори.

109. На Аллах Му припаѓа сè што е на небесата и на Земјата, и кај Аллах сè се враќа!

110. Вие сте најдобриот народ кој воопшто се има појавено: барате да се чини добро, а одвраќате од зло, и верувате во Аллах! А кога следбениците на Книгата би верувале исправно, тоа би било подобро за нив; меѓу нив има верници, но повеќето се грешници!

111. Тие не можат да ви наштетат, туку можат само да ве навредуваат. Ако ве нападнат, ќе избегаат, и потоа нема да имаат помош!

112. Каде и да се најдат, ќе бидат понижени, освен ако се под Аллаховата заштита и под заштитата на другите луѓе. Тие Аллаховиот гнев го заслужија и ќе ги снајде беда, затоа што во Аллаховите зборови не веруваа и затоа што веровесниците неправедно ги убиваа, и затоа што на Аллах непокорни Му беа, и затоа што во грешењето секоја граница ја преминаа.

113. Тие не се сите исти! Има и исправни следбеници на Книгата кои по цела ноќ Аллаховите зборови ги читаат и на сеџда Му се поклонуваат;

114. Тие во Аллах и во оној свет веруваат, наредуваат да се чинат добри дела, а одвраќаат од лошите, и итаат да сторат добри дела! Тоа се тие добрите!

115. Какво добро и да сторат, нема да им биде негирано, а Аллах добро ги знае тие што од Него се плашат!

116. Навистина, тие што не веруваат, од Аллах нема да ги одбрани ни богатството нивно, ниту децата нивни; тие ќе бидат жители на Огнот, каде вечно ќе останат!

117. Тоа што во животот на овој свет ќе го дадат е слично на ледениот ветер кој ги погаѓа посевите на тие кои самите себеси неправда си сториле, па ги уништува! На нив Аллах не им сторил неправда, туку тие самите себе си ја прават!

118. О, верници, не земајте за блиски пријатели други освен вас, бидејќи останатите само пропаст ви посакуваат, едвај чекаат на маки да паднете! Омраза избива од устите нивни, а уште полошо е тоа што го кријат градите нивни! Ние доказите ви ги изнесуваме, ако памет имате.

119. Ете, вие нив ги сакате, а тие вас не ве сакаат, а вие верувате во сите Книги. Кога ќе ве сретнат велат: „Веруваме!“ А штом насамо ќе се најдат, од злоба кон вас врвовите на прстите свои ги гризат! Кажи: „Умрете од мака!“ Аллах, навистина, добро знае што е во градите сечии!

120. Ако ви се случи некое добро, тоа ќе ги огорчи, а ако ве дочека некаква неволја, се радуваат. Ако бидете трпеливи и богобојазливи, нивното лукавство воопшто нема да ви наштети! А Аллах, навистина, добро знае што прават!

121. А кога ти (Мухамеде) подрани, и семејството свое го остави, на верниците местата за борба да им ги одредиш, а Аллах сè слуша и сè знае,

122. кога две ваши групи за малку се повлекоа, а Аллах е нивен заштитник! И само во Аллах нека имаат доверба верниците!

123. Аллах и на Бедр ви помогна, кога бевте малубројни! Затоа плашете се од Аллах, за да бидете благодарни![92]

124. Кога ти им рече на верниците: „Зарем нема да ви биде доволно вашиот Господар да ви помогне со три илјади испратени мелеци?

125. Секако! Ако бидете издржливи и послушни, и ако одеднаш ве нападнат, Господарот ваш ќе ви обезбеди помош од пет илјади обележани мелеци“.

126. Тоа Аллах го направи само за да ве израдува и со тоа срцата ваши да се успокојат, – а нема помош, освен од Аллах, Силниот и Мудриот! –

127. и за еден дел од неверниците да ги уништи или да ги посрамоти, по што ќе се вратат разочарани!

128. Од тебе не зависи дали Тој покајанието нивно ќе го прифати или на маки ќе ги стави, бидејќи тие навистина се насилници.

129. А на Аллах Му припаѓа сè што е на небесата и на Земјата! Тој простува кому сака, а казнува кого сака! Бидејќи Аллах простува и Милостив е!

130. О, верници, не јадете ја каматата, двократно и повеќекратно зголемена, и плашете се од Аллах за да бидете спасени!

131. И чувајте се од Огнот кој е подготвен за неверниците!

132. И бидете им покорни на Аллах и на Пратеникот за да ви биде укажана милоста.

133. И поитајте кон прошката од вашиот Господар и Џенетот широк колку небесата и Земјата, подготвен за богобојазливите!

134. За тие што даваат, и кога се во изобилие и кога се во оскудност, кои гневот си го совладуваат и кои на луѓето им простуваат. А Аллах ги сака добродетелите!

135. И за тие кои, кога нешто лошо ќе сторат или себеси насилство ќе си сторат, на Аллах ќе се сетат и прошка за своите гревови молат – а кој ќе ги прости гревовите ако не Аллах? – и кои свесно во гревот не истрајуваат!

136. Тоа се тие чијашто награда е прошката од Господарот нивен и џенетски градини под кои реки течат, каде што вечно ќе останат. Колку е прекрасна наградата за тие што така постапуваат!

137. Пред вас многу народи постоеjа и исчезнаа! Затоа, патувајте по Земјата и гледајте на кој начин завршија тие што вистината ја негираа!

138. Тоа е објаснување за сите луѓе и патоказ и поука за тие што се плашат од Аллах!

139. И не очајувајте и не растажувајте се! Ќе победите ако бидете вистински верници!

140. Ако ви се нанесени рани, па и на другите рани им се нанесуваат – а во тие денови Ние наизменично им даваме победа на луѓето, за Аллах да укаже на тие што веруваат и да избере некои од вас како шехиди[93] – а Аллах не ги сака насилниците! –

141. и за да ги исчисти верниците, а да ги уништи неверниците!

142. Зарем мислите дека ќе влезете во Џенетот, а Аллах да не укаже на тие од вас што се борат и на тие што се трпеливи?

143. А вие копнеевте по смртта пред да се соочите со неа, па ете, со очите ваши ја видовте.

144. Мухамед е само Пратеник, а и пред него имаше Пратеници. Ако тој би умрел или би бил убиен, зарем вие назад би се вратиле? Тој што назад ќе се врати, на Аллах нема ни малку да му наштети, а Аллах благодарните ќе ги награди!

145. Никој нема да умре без Аллаховото одредение во часот суден. Кој ја сака наградата на овој свет, ќе му ја дадеме, а кој ја сака наградата на оној свет, ќе му ја дадеме. И благодарните ќе ги наградиме!

146. А колку ли имаше веровесници покрај кои многу богоугодници се бореа, па не отстапија поради тоа што ги снајде на Аллаховиот пат, ниту волјата им слабееше, ниту се предаваа? А Аллах ги сака трпеливите!

147. Само говореа: „Господару наш, прости ни ги гревовите наши и неумереноста наша во постапките наши, зацврсти ни ги чекорите наши и помогни ни против народот невернички!“

148. Па Аллах им ја даде наградата на овој свет и убавината на наградата од оној свет, а Аллах ги сака добродетелите!

149. О, верници, ако им се покорувате на тие што не веруваат, ќе ве вратат наназад, па ќе станете губитници!

150. Само Аллах е ваш Заштитник и Тој е најдобриот Помагател.

151. Ние ќе им влееме страв во срцата на тие што не веруваат, затоа што на Аллах Му здружуваат нешто за што Тој не спуштил никаков доказ; Огнот е нивното престојувалиште, а тоа е грозен дом за насилниците!

152. Аллах веќе го потврди ветувањето Свое, кога веќе ги уништувавте, со волјата Негова, додека не го доживеавте неуспехот и за наредбата не се сложивте, и станавте непокорни, откако ви го покажа тоа што го сакате: едните од вас го сакаат овој свет, а другите оној свет! Тогаш Тој ве одвои од нив за да ве искуша! И ви прости, бидејќи Аллах е неизмерно добар спрема верниците!

153. Кога отстапувавте качувајќи се и не обѕирајќи се кон никого, додека Пратеникот ве довикуваше зад вас, Аллах ве казни со неуспех на неуспехот, за да не тагувате за тоа што го пропуштивте, ни за тоа што ве снајде! А Аллах добро знае што правите!

154. Потоа, по неволјата, спокојство ви влеа. Некои од вас сон ги фати, додека другите се грижеа само за себе, мислејќи за Аллах нешто невистинито, со пагански мисли, велејќи: „Имаме ли ние некаков удел во победата?“ Кажи: „Сета победа Му припаѓа само на Аллах!“ Тие во себе го кријат тоа што тебе не ти го покажуваат. Велат: „Да имавме некаков удел во победата, немаше тука да изгинеме!“ Кажи: „И во куќите свои да бевте, повторно тие на кои им е судено да загинат, на местата на своите погибии би излегле, за Аллах да го искуша тоа што е во градите ваши и за да го испита тоа што е во вашите срца!“ А Аллах добро знае што е во градите сечии!

155. Тие од вас кои се повлекоа на денот кога двете групи се судрија,[94] навистина, шејтанот ги наведе да потфрлат поради нешто од тоа што претходно го сториле.[95] А Аллах веќе им прости, бидејќи Аллах простува и Благ е!

156. О, верници, не бидете како неверниците кои за браќата свои, кога одат на пат по Земјата или кога се борат, велат: „Да беа со нас, немаше да умрат, ниту да загинат!“, па Аллах со тоа им прави тага во срцата нивни, а Аллах дава и живот и смрт! Тој добро гледа сè што правите!

157. А ако вие загинете или умрете на Аллаховиот пат, навистина, прошката од Аллах и милоста се подобри од тоа што тие го натрупуваат!

158. Било да умрете или да загинете, сигурно пред Аллах ќе бидете собрани!

159. Со Аллаховата милост ти си благ кон нив. А да си груб и со тврдо срце, би се разбегале од твојата близина. Затоа простувај им и моли да им биде простено, и договарај се со нив! А кога ќе одлучиш, потпри се на Аллах, бидејќи Аллах навистина ги сака тие кои на Него се потпираат.

160. Ако Аллах ви помогне, никој нема да ве победи, а ако ве напушти, кој е тој што, освен Него, ќе може да ви помогне? И само на Аллах верниците нека се потпираат!

161. Невозможно е Веровесникот нешто да прикрие! Тој што нешто ќе прикрие ќе дојде на Судниот ден со тоа што го прикрил! Потоа секому, во потполност, ќе му биде дадено тоа што го заслужил, и никому нема да му биде направена неправда!

162. Зарем може да се спореди тој што Аллаховата наклонетост ја заслужил со тој што Аллаховиот гнев на себе го навлекол и чиј дом Џехенемот ќе биде? А тоа е ужасно престојувалиште!

163. Тие кај Аллах се на различни степени и Аллах добро гледа што прават!

164. Аллах со милоста Своја ги даруваше верниците, кога еден од нив како Пратеник им го прати, Неговите зборови да им ги кажува, да ги очисти и за Книгата и мудроста да ги научи, иако претходно во очигледна заблуда беа!

165. Зарем не рековте, кога ве снајде неволјата која вие на нив двократно им ја нанесовте: „Од каде е сега ова?!“ Кажи: „Тоа е од вас самите!“ Аллах, навистина, може сè.

166. Тоа што ве снајде кога се судрија двете групи беше со Аллахова волја, за да ги открие вистинските верници

167. и за да ги открие лицемерите. Ним им беше речено: „Дојдете, борете се на Аллаховиот пат или бранете се!“ – одговорија: „Да знаеме дека ќе има борба, би ве следеле“. Тој ден беа поблиску до неверувањето отколку до верувањето, бидејќи со устите свои го говореа тоа што не беше во срцата нивни! А Аллах најдобро го знае тоа што тие го кријат.

168. На тие што не се бореа, а за браќата свои говореа: „Да нè послушаа, немаше да загинат“, кажи им: „Па вие смртта избегнете ја, ако вистината ја зборувате!“

169. Никако не сметај ги за мртви тие кои на Аллаховиот пат загинале! Не, тие се живи и снабдени се кај Господарот свој!

170. Радосни поради тоа што Аллах од добрината Своја им го дал и весели поради тие кои сè уште не им се придружиле, за кои никаков страв нема да има и кои за ништо нема да тагуваат!

171. Тие се радуваат на Аллаховата награда и милост и на тоа што Аллах нема да допушти да пропадне наградата која им припаѓа на верниците.

172. Тие кои на Аллах и на Пратеникот, и по добиените рани, им се одѕваа, тие меѓу нив кои правеле добрини и биле богобојазливи – им припаѓа голема награда! –

173. на тие на кои, кога луѓето им рекоа: „Непријатели се собираат поради вас, па пазете се од нив!“ – им се зголеми верувањето, па рекоа: „Доволен ни е Аллах и Тој е прекрасен Заштитник!“

174. Па се вратија со Аллаховите благодати и изобилство, никакво зло не ги снашло и постигнаа Аллах да биде со нив задоволен, а Аллах е неизмерно добар!

175. Тоа само шејтанот со своите приврзаници ве плаши, и не плашете се од нив, туку плашете се од Мене, ако сте верници!

176. Нека не те растажуваат тие кои се стремат кон неверство! Тие на Аллах воопшто нема да Му наштетат! Аллах сака да не им стори какво било добро на оној свет и нив ги чека голема казна!

177. Тие кои верувањето за неверување го продадоа, на Аллах воопшто нема да Му наштетат! Нив ги чека болна казна.

178. Нека не мислат неверниците дека е добро за нив тоа што им даваме долг живот! Ние им го даваме за само што повеќе да влезат во грев и на нив им припаѓа срамно страдање!

179. Аллах нема да ги остави верниците со неверниците, туку лошите од добрите ќе ги одвои. Аллах нема да ви го открие тоа што е скриено, туку Тој за тоа избира кого Тој сака од Пратениците Свои! Затоа, верувајте во Аллах и во Пратениците Негови, а ако верувате и бидете богобојазливи, вам ви припаѓа голема награда!

180. Нека не мислат тие што се скржави во тоа што Аллах од изобилието Свое им го дава дека е тоа добро за нив! Не, тоа е лошо за нив! На Судниот ден ќе им биде замотано околу вратот тоа за што беа скржави! А на Аллах Му припаѓа наследството на небесата и на Земјата и Аллах е известен за тоа што го правите!

181. Аллах ги слушна зборовите на тие што велеа: „Аллах е сиромашен, а ние сме богати!“ Ќе го забележиме тоа што тие го говореа, како што и без оправдана причина веровесниците ги убиваа, и ќе кажеме: „Искусете ја казната во Огнот

182. поради делата на рацете ваши!“ А Аллах не е неправеден кон робовите!

183. Тие што велат: „Бог ни нареди да не му веруваме на ниту еден Пратеник пред да принесе жртва која огнот ќе ја проголта![96]“ Кажи: „И пред мене Пратениците ви носеа јасни докази, а и тоа за што зборувате. Па зошто тогаш, ако вистината ја говорите, ги убивавте?“

184. А ако и тебе те сметаат за лажливец, па и пред тебе за лажливци беа сметани Пратениците кои носеа Јасни докази и листови и Книгата што осветлува!

185. Секое живо суштество смртта ќе ја вкуси и само на Судниот ден во потполност ќе ги добиете платите ваши! Па кој ќе биде од огнот оддалечен и во Џенетот воведен, успеал! А животот на овој свет е само лажно насладување!

186. Вие сигурно ќе бидете искушувани со имотите ваши, и со животите ваши, и ќе слушате многу навреди од тие на кои им е дадена Книгата пред вас, а и од идолопоклониците. И ако издржите и ако се плашите од Аллах, тоа навистина спаѓа во вистинските постапки!

187. А кога Аллах ја зеде обврската од тие на кои им е дадена Книгата дека сигурно на луѓето ќе им ја објаснуваат и дека од неа нема ништо да кријат, па тие потоа зад грб ја фрлија, продавајќи ја за нешто евтино! А лошо е тоа што како замена го добија!

188. Никако немој да мислиш за тие што се радуваат за тоа што го сториле и кои сакаат да бидат пофалени дури и за тоа што не го сториле, дека од казната ќе се сочуваат! На нив им припаѓа големо страдание!

189. Само на Аллах Му припаѓа сета власт и на небесата и на Земјата, и Аллах е Семоќен!

190. Во создавањето на небесата и на Земјата и во промената на денот и ноќта, навистина има знаци за обдарените со разум,

191. кои и стоејќи и седејќи и лежејќи Го спомнуваат Аллах и за создавањето на небесата и на Земјата размислуваат. „Господару наш, ти ова не го создаде залудно! Возвишен си Ти и сочувај нè од казната во Огнот!

192. Господару наш, тој кого Ти во Огнот ќе го фрлиш, веќе си го понижил, а на насилниците никој на помош нема да им дојде!

193. Господару наш, ние го чувме гласникот кој повикува во верата: ,Верувајте во вашиот Господар!‘, па поверувавме. Господару наш, прости ни ги гревовите наши и покриј ни ги лошите постапки наши и усмрти нè со добрите!

194. Господару наш, дај ни го тоа што ни го вети преку Пратениците Свои и немој да нè понижиш на Судниот ден! Ти, навистина, не го прекршуваш Своето ветување!“

195. И нивниот Господар им се одѕва: „На ниту еден трудбеник меѓу вас, било маж или жена, неговото дело нема да го поништам; вие сте едни од други. На тие коишто ќе се иселат и кои ќе бидат протерани од родниот крај и кои ќе бидат мачени на Мојот пат и кои ќе се борат и ќе загинат, сигурно лошите дела ќе им ги покријам и сигурно ќе ги воведам во џенетски градини низ кои реки течат! Тоа ќе биде награда од Аллах, а кај Аллах е најубавата награда.“

196. И никако нека не те мами тоа што неверниците уживаат низ Земјата!

197. Кратко уживање, а потоа Џехенемот ќе биде нивното живеалиште, а колку е ужасно тоа престојувалиште.

198. А на тие што се плашат од Господарот свој им припаѓаат џенетски градини под кои реки течат, во нив вечно ќе останат, сместени од Аллах. А тоа што е кај Аллах е подобро за добрите!

199. Има и следбеници на Книгата кои веруваат во Аллах и во тоа што ви се објавува вам и во тоа што им е објавено ним, понизни се кон Аллах и не ги продаваат Аллаховите зборови за евтина цена. Ним им припаѓа наградата од Господарот нивен, а Аллах, навистина, брзо ќе ја израмни сметката!

200. О, верници, бидете трпеливи и издржливи, постојано бдејте и плашете се од Аллах, за да успеете!