The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesThe Romans [Ar-Room] - Macedonian Translation
Surah The Romans [Ar-Room] Ayah 60 Location Maccah Number 30
1. Елиф-лам-мим.
2. Византијците се победени,[213]
3. во најблиската земја, но тие, после поразот свој, сигурно ќе победат
4. за неколку години – и пред и потоа, Аллахова е одлуката – и тогаш верниците ќе се радуваат
5. на Аллаховата помош – Тој помага кому сака, Тој е Силен и Милостив, –
6. Аллахово е ветувањето, а Аллах ветувањето Свое не го прекршува, но повеќето луѓе не знаат.
7. Тие ја знаат само надворешната страна на овосветскиот живот, а кон оној свет се рамнодушни.
8. А зошто не размислат самите за себеси? Аллах ги создаде небесата и Земјата и тоа што е помеѓу нив со Вистина и до рокот одреден. А многумина од луѓето не веруваат дека пред Господарот свој навистина ќе излезат.
9. Зошто не патуваат по светот за да видат како завршиле тие пред нив? Тие беа посилни од нив, и земјата ја ораа и ја обработуваа повеќе отколку што ја обработуваат овие, и пратениците им донесуваа јасни докази; Аллах не им направи неправда, самите на себеси си нанесоа неправда.
10. Тие што правеа зло, ќе завршат со најужасно страдање, затоа што Аллаховите зборови ги негираа и затоа што ги исмејуваа.
11. Аллах го почнува создавањето и потоа го обновува и на крајот Нему ќе Му се вратите.
12. На Денот кога ќе настапи Часот, злосторниците секаква надеж ќе изгубат.
13. И тие меѓу своите божества нема да имаат посредници и тие своите божества ќе ги негираат.
14. На Денот кога ќе настапи Часот на оживувањето, луѓето ќе се раздвојат:
15. тие што веруваа и што правеа добри дела во џенетската градина ќе се радуваат,
16. а тие што не веруваа и што ајетите Наши и средбата на Судниот ден ја негираа, во Огнот ќе бидат фрлени.
17. Па, Славен и Возвишен нека е Аллах кога ќе ве стемни и кога ќе осамнете.
18. Нему нека Му припаѓа сета благодарност и на небесата и на Земјата, и предвечер и на пладне!
19. Тој живото го изведува од мртвото и го изведува мртвото од живото. Тој ја оживува земјата по мртвилото нејзино – и на ист начин вие ќе бидете оживеани.
20. Еден од доказите Негови е тоа што од земја ве создаде, и одеднаш, луѓе, секаде ве има распространети;
21. И еден од доказите Негови е тоа што за вас, од видот ваш, создава жени за покрај нив да се смирите, и тоа што помеѓу вас создава љубов и сомилост. Во тоа навистина има знаци за луѓето што размислуваат.
22. И еден од доказите Негови е создавањето на небесата и на Земјата, и разновидноста на јазиците ваши и на боите ваши; во тоа навистина има знаци за тие што знаат.
23. И еден од доказите Негови е вашиот сон и ноќе и дење, и вашето настојување да стекнете нешто од изобилството Негово; во тоа навистина има знаци за луѓето кои слушаат.
24. И еден од доказите Негови е тоа што ви ја покажува молњата, за да се заплашите и за да се понадевате, и тоа што од небото спушта дожд и со него ја оживува земјата по мртвилото нејзино; во тоа навистина има знаци за луѓето кои разбираат.
25. И еден од доказите Негови е тоа што небото и Земјата ги одржува поради волјата Негова. Потоа, штом Тој само еднаш од земјата ќе ве повика, бргу ќе излезете.
26. Нему Му припаѓа сè што е на небесата и на Земјата, Нему сè Му е потчинето.
27. Тоа е Тој што создава од ништо и Тој тоа повторно ќе го стори, Нему тоа Му е лесно; Нему Му припаѓа највозвишениот пример и на небесата и на Земјата; Тој е Силен и Мудар.
28. Тој како пример ве наведува вас самите: дали тие кои се во ваша сопственост се изедначени со вас во тоа што Ние ви го даваме, та во тоа сте исти, и дали им се плашите како што вие едни од други се плашите? – Ете, така Ние подетално ги изнесуваме доказите Наши на луѓето кои разбираат.
29. Но, тие кои чинат неправда, ги следат своите страсти, а немаат вистинско знаење, – а кој ќе го упати на Вистинскиот пат тој што Аллах го заблудил? – На нив нема никој на помош да им притрча.
30. Ти насочи го лицето свое кон верата, искрено; кон верата Аллахова чиста, со која луѓето ги создаде. Нема измена на Аллаховата вера, тоа е вистинската вера, но повеќето луѓе тоа не го знаат.
۞ مُنِيبِينَ إِلَيۡهِ وَٱتَّقُوهُ وَأَقِيمُواْ ٱلصَّلَوٰةَ وَلَا تَكُونُواْ مِنَ ٱلۡمُشۡرِكِينَ [٣١]
31. Обраќајте Му се предано! Плашете се од Него и извршувајте го намазот (молитвата), и не бидете како многубошците,
32. како тие кои верата своја ја растурија и во секти се поделија; секоја секта задоволна со тоа што го проповеда.
33. А кога луѓето неволја ќе ги снајде, тие на Господарот свој покајнички Му се обраќаат, а потоа, кога Тој ќе им даде да ја вкусат милоста Негова, одеднаш некои од нив на Господарот свој здруженик Му припишуваат,
34. за да бидат неблагодарни на тоа што Ние им го даваме. Па уживајте, а ќе дознаете!
35. Зарем Ние сме им испратиле некаков доказ кој говори во прилог на тие кои Нему за рамни Му ги сметаат?
36. Кога ќе им допуштиме на луѓето да се насладуваат со благодатите, тие им се радуваат, а кога ќе ги снајде неволја, поради делата на нивните раце, одеднаш очајуваат.
37. Зарем тие не знаат дека Аллах во изобилство му дава снабдување на тој на кого Тој сака, и дека го ускратува? Навистина, во тоа има докази за луѓето кои веруваат.
38. Затоа подај му го на ближниот правото негово, и на сиромашниот, и на патникот – намерник! Тоа е подобро за тие кои го сакаат Аллаховото лице; тие ќе постигнат што сакаат.
39. А парите кои ги давате за да се зголемат со парите на другите луѓе, кај Аллах нема да се зголемат, а за зекатот кој го давате сакајќи го Аллаховото лице – на таквите повеќекратно ќе им се зголемат добрите дела.
40. Аллах е Тој што ве создава и потоа ве снабдува; Тој животот ќе ви го одземе и на крајот ќе ве оживее. Постои ли барем едно ваше божество кое што било од тоа го прави? Тој е чист и многу високо над тие што Нему Му ги здружуваат.
41. Поради тоа што луѓето го прават се појави метеж и на копното и на морето, за Тој да им даде да почувствуваат дел од казната поради тоа што го прават, за да се поправат.
42. Кажи: „Патувајте низ светот и погледнете како завршија тие пред вас; повеќето од нив беа многубошци.“
43. Затоа ти насочи го лицето свое кон вистинската вера, пред, со Аллахова волја, да настапи Денот кој никој нема да може да го одбие. Тој ден тие ќе се раздвојат:
44. тие што не веруваа – на своја штета не веруваа, а тие што правеа добри дела – за себе џенет си подготвија,
45. за Тој од добрината Своја да ги награди тие што веруваа и што правеа добри дела; а Тој навистина не ги сака неверниците.
46. Еден од доказите Негови е тоа што Тој ги праќа ветровите како носители на радосни вести, за да ви даде Неговата милост да ја почувствувате и бродовите со Негова волја да пловат и од Неговото изобилство да стекнувате, и благодарни да бидете.
47. И пред тебе на нивните народи Пратеници им праќавме и тие вистински докази им носеа, па тие што грешеа ги казнувавме, а Ни беше должност да им помогнеме на верниците.
48. Аллах е Тој кој ветровите ги испраќа, и тие облаците ги гонат и Тој низ небото, како што Тој сака, ги распространува и на парчиња ги дели, па ти гледаш како од нив паѓа дожд, и кога Тој на робовите Свои на кои Тој сака го пролева, тие одеднаш со радост се исполнуваат,
49. иако беа очајни пред да се спушти врз нив.
50. Затоа погледни ги трагите на Аллаховата милост – како Тој ја оживува земјата по нејзиното мртвило! Тој, навистина и мртвите ќе ги оживее. Тој може сè.
51. А да испратиме ветер и тие да видат дека сè пожолтело, тие, и после тоа, благодатите ќе ги негираат.
52. Ти не можеш мртвите да ги довикнеш, ни глувите да ги довикаш кога од тебе ќе се свртат,
53. ниту можеш да ги упатиш слепите кои се во заблуда; само можеш да ги довикнеш тие што во Нашите ајети веруваат, само тие ќе се покорат.
54. Аллах е Тој што ве создава нејаки, и потоа, по нејакоста, ви дава сила, а по силата изнемоштеност и старост; Тој создава што сака: Тој сè знае и сè може.
55. А на Денот кога Часот ќе настапи, злосторниците ќе се колнат дека само еден час останале (во гробовите); а и претходно вистината ја избегнуваа.
56. А ќе кажат тие на кои им е дадено знаењето и верувањето: „Вие останавте, според Аллаховата Книга, сè до Денот на оживувањето, а ова е Денот на оживувањето, само што вие не знаете.“
57. Тој Ден нема за ништо да им послужат правдањата на тие кои кон себеси се огрешиле и нема од нив да се бара да Му се умилат на Аллах.
58. Во овој Куран Ние на луѓето им наведуваме разновидни примери. А кога ти би им донел какво било чудо, тие што не сакаат да веруваат повторно би рекле: „Вие само лаги изнесувате!“
59. Ете, така Аллах им ги запечатува срцата на тие што не сакаат да знаат.
60. А ти биди трпелив! Аллаховото ветување, стварно, е вистина и нека никако не те залажуваат тие што цврсто не веруваат.