عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

Luqman [Luqman] - Macedonian Translation

Surah Luqman [Luqman] Ayah 34 Location Maccah Number 31

1. Елиф-лам-мим!

2. Ова се ајети на мудрата Книга,

3. упатство и милост за тие што ќе прават добри дела,

4. на тие кои намазот (молитвата) ќе го извршуваат и зекат ќе даваат и кои во оној свет цврсто ќе веруваат;

5. таквите се на Упатството од Господарот свој и тие ќе успеат.

6. Има луѓе кои купуваат залуден говор, за, не знаејќи, од Аллаховиот пат да одвраќаат и за предмет на исмејување да го земаат. Нив ги чека срамно страдање.

7. Кога на некој од нив ајетите Наши му се кажуваат, тој вообразено главата ја врти, како да не ги чул, како да е глув – затоа навести му понижувачко страдање.

8. На тие што ќе веруваат и што добри дела ќе прават, навистина им припаѓаат градините на уживањето,

9. во нив вечно ќе престојуваат – ветувањето Аллахово е вистинито, а Тој е Силен и Мудар.

10. Небесата кои вие ги гледате без столбови ги создаде, а по Земјата планини неподвижни распореди за да не ве тресе, и по неа животни од сите видови распространи. Ние од небото спуштаме дожд и правиме од него да растат разновидни благородни растенија.

11. Тоа е Аллаховото создавање; а покажете ми што, освен Него, создале другите? Ништо! Многубошците се во јасна заблуда.

12. А Ние на Лукман[214] мудрост му даривме: „Биди Му благодарен на Аллах! Кој е благодарен, го прави тоа во своја корист, а кој е неблагодарен – па, Аллах навистина е Независен и за благодарност Достоен.“

13. Кога Лукман му рече на синот свој, советувајќи го: „О, синко мој, не сметај други за рамни на Аллах, ширкот (политеизмот) е, навистина, голема неправда.“

14. Ние му наредивме на човекот да им биде послушен на родителите свои. Мајката го носи, а нејзиното здравје трпи, и го дои во текот на две години. Биди Ми благодарен Мене и на родителите свои, кај Мене сите ќе се вратат.

15. А ако те наговараат Мене друг да Ми припишуваш за рамен, за кој ти ништо не знаеш, ти не слушај ги и кон нив, на овој свет, примерно однесувај се, а следи го патот на тој што искрено Ми се обраќа; потоа кај Мене ќе се вратите и Јас ќе ве известам за тоа што го правевте.

16. „О, синко мој, направеното добро и зло, тешко и колку зрно од синап, било да е во карпата или на небото или во земјата, Аллах на виделина ќе го изнесе, бидејќи Аллах ги знае најскриените нешта, Тој е Сезнајниот.

17. „О, синко мој, извршувај го намазот (молитвата) и барај да се прават добри дела, а од лошите одвраќај и стрпливо поднесувај го тоа што ќе те снајде – тоа навистина спаѓа во вистинските постапки.

18. И, од горделивост, не го врти од луѓето лицето свое и не оди по земјата надмено, бидејќи Аллах не го сака ни горделивиот ни фалбаџијата.

19. Во одот биди одмерен, а гласот свој намали го; навистина најодвратниот глас е рикањето на магарето!“

20. Како не гледате дека Аллах ви овозможил да го користите сето тоа што постои на небесата и на Земјата и дека дарежливо ве опсипува со Својата благодат, и видливата и невидливата? А има луѓе кои расправаат за Аллах без никакво знаење, без никакво упатство и без Книгата што дава светлина.

21. А кога им се вели: „Следете го тоа што Аллах ви го објавува!“ – одговараат: „Не, ние го следиме тоа што сме го запомниле од предците наши.“ Зарем и тогаш кога шејтанот ги повикува на страдање во Огнот распламтен?!

22. Тој што сосема ќе Му се предаде на Аллах, а и прави добри дела, се фатил за најцврстата врска. На Аллах Му припаѓа крајниот исход на работите.

23. А тој што не верува, па, нека не те загрижува неверувањето негово. Нам сите ќе ни се вратат и Ние ќе ги известиме за тоа што го правеле; На Аллах, навистина, Му се познати мислите сечии.

24. Ние им даваме краткотрајно да уживаат, а потоа ќе ги втурнеме во неиздржливо страдање.

25. А да ги запрашаш: „Кој ги создаде небесата и Земјата?“ – сигурно ќе кажат: „Аллах!“ – а ти кажи: „Сета благодарност му припаѓа на Аллах!“ – само што мноштвото од нив не знае.

26. Аллахово е сè што е на небесата и на Земјата! Аллах навистина е Независен и за благодарност Достоен.

27. Да се сите стебла на Земјата пера, а морето мастило, со помош на уште седум мориња, не би завршиле Аллаховите зборови; Аллах е навистина Силен и Мудар.

28. Создавањето на сите вас и вашето оживување, исто е како создавањето и оживувањето на еден човек; Аллах, навистина, сè слуша и сè гледа.

29. Зарем не гледаш дека Аллах ја воведува ноќта во денот и го воведува денот во ноќта, и дека ги потчинил Сонцето и Месечината – секој се движи до одреден рок – и Аллах добро го знае тоа што го правите?

30. Тоа е затоа што Аллах е Вистина, а оние на кои тие, покрај Него, им се молат, се невистина, и затоа што Аллах е Возвишен и Голем.

31. Зарем не гледаш дека бродовите со Аллаховата милост по морето пловат за да ви покаже некои од доказите Свои? Тоа се, навистина, поуки за сите стрпливи и благодарни.

32. А кога бран, како облак, ќе ги прекрие, Му се молат на Аллах искрено верата исповедајќи Му ја; а штом Тој до копно ги донесе, еден дел од нив умерено се држи. А доказите Наши само предавникот, неблагодарниот ги негира.

33. О, луѓе, плашете се од Господарот свој и стравувајте од Денот кога родителот на детето свое нема да може ни малку да му помогне, ниту пак детето ќе може на својот родител барем малку да му помогне! Аллаховата закана е вистинита, па никако нека не ве залажува животот на овој свет и шејтанот нека не ве заведе од Аллах.

34. Само Аллах знае кога Крајот на светот ќе настапи, само Тој го спушта дождот и само Тој знае што е во матките, а човекот не знае што ќе заработи утре и човекот не знае во која земја ќе умре; Аллах навистина сè знае и за сè е известен.