عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

The Coalition [Al-Ahzab] - Macedonian Translation

Surah The Coalition [Al-Ahzab] Ayah 73 Location Maccah Number 33

1. О, Веровеснику, плаши се од Аллах, а на неверниците и лицемерите немој да им бидеш послушен – Аллах, навистина, сè знае и Мудар е –

2. и следи го тоа што Господарот твој ти го објавува – Аллах е известен за тоа што вие го правите –

3. и на Аллах потпри се, Аллах е доволен заштитник!

4. Аллах на ниту еден човек две срца во градите негови не му дал, а ниту жените ваши, од кои со зихар[215] се разведувате, ваши мајки не ги направил, ниту посиноците ваши синови ваши ги направил. Тоа се само зборови ваши, од устите ваши, а Аллах вистината ја зборува и на Вистинскиот пат изведува.

5. Викајте ги (посиноците) по (имињата на) татковците нивни, тоа кај Аллах е поисправно! А ако не ги знаете имињата на татковците нивни, па, тие се ваши браќа по вера и тие се ваши штитеници. Не е грев ако при тоа ненамерно згрешите, грев е ако тоа намерно го одлучат вашите срца; а Аллах простува и Милостив е.

6. Веровесникот им е побитен на верниците отколку тие сами на себеси, а жените негови им се како мајки нивни[216]. А роднините, според Аллаховата Книга, се поважни едни на други од останатите верници и мухаџири, а на пријателите свои можете добрина да им направите. Тоа во Книгата е запишано.

7. Ние од веровесниците заветот нивен го зедовме, и од тебе, и од Нух и од Ибрахим, и од Муса, и од Иса, синот Мерјемин, цврст завет зедовме

8. за Тој да ги повика на одговорност искрените за нивната искреност; а за неверниците Тој подготви болно страдање.

9. О, верници, сетете се на Аллаховата благодат кон вас кога војските дојдоа до вас, па Ние против нив ветар пративме, а и војски коишто вие не ги видовте[217] – а Аллах добро гледа што правите вие –

10. кога ви дојдоа и одозгора и одоздола, кога очите вџашени ви беа, а душата до гркланот ви дојде, и кога за Аллах сешто помислувавте,[218] –

11. тогаш верниците беа во искушение ставени и беа потресени со жесток потрес,

12. кога лицемерите и тие со болни срца говореа: „Аллах и Пратеникот Негов само нè залажуваа кога ни ветуваа!“,

13. кога некои меѓу нив рекоа: „О жители на Јесриб[219], овде нема место за вас, затоа вратете се!“, а други меѓу нив бараа дозвола од Веровесникот и говореа: „Куќите наши се незаштитени!“ – а не беа незаштитени, туку тие само сакаа да избегаат.

14. А од различни страни да им продреа и потоа од нив да побараа повторно да станат многубошци, тие тоа, не двоумејќи се, брзо би го сториле,

15. а и претходно Му се обврзаа на Аллах дека нема да отстапуваат – а за дадената обврска на Аллах ќе се одговара!

16. Кажи: „Ако бегате од смртта или од загинувањето, бегањето нема да ви помогне, повторно само на кратко ќе уживате.“

17. Кажи: „Кој ќе ве заштити од Аллах ако Тој сака зло да ве снајде, или, кој може да ви наштети ако Тој сака да ви укаже милост?“ Освен Аллах, тие за себе нема да најдат ниту заштитник ниту помошник.

18. Аллах добро ги знае тие меѓу вас кои другите ги задржуваа и на пријателите свои им говореа: „Приклучете ни се нам!“, а само некои одеа во бој, скржаво не сакајќи да ви помогнат.

19. А кога завладеа страв, ги гледаш како гледаат во тебе вртејќи ги очите како пред смрт онесвестени. Штом стравот ќе мине, тие ве пцујат со своите остри јазици, скржави да сторат било какво добро. Тие не веруваат, и затоа Аллах делата нивни ќе ги поништи; а тоа на Аллах Му е лесно.

20. Тие сметаат дека сојузниците уште не си заминале. А кога сојузниците пак би дошле, најмногу би сакале да се меѓу бедуините во пустината и да се распрашуваат за вас; а да останат со вас, малку би се бореле.

21. Вие во Аллаховиот Пратеник имате прекрасен пример за тој што се надева на Аллаховата милост и на награда на оној свет, и кој често Го спомнува Аллах.

22. А кога верниците ги здогледаа сојузниците, рекоа: „Ова е тоа што Аллах и Пратеникот Негов ни го ветија, и Аллах и Пратеникот Негов вистината ја говореа!“ – и тоа само им ги зголеми верувањето, послушноста.

23. Има верници кои го исполнија заветот даден на Аллах, има такви што загинаа, и има такви што тоа го очекуваат и ништо не измениле.

24. За Аллах да ги награди искрените за нивната искреност, а за да ги стави на мака лицемерите, ако сака, или да им прости. Аллах навистина простува и Милостив е.

25. Аллах неверниците, полни со гнев, ги одби – ни малку не успеаја, а верниците Аллах од борба ги поштеди – Аллах навистина е Моќен и Силен –

26. а следбениците на Книгата, кои им помагаа, од тврдините нивни ги изведе, и страв во срцата нивни влеа, па едните ги убивте, а другите како заробеници ги зедовте,

27. и ви даде да ја наследите земјата нивна и домовите нивни и богатствата нивни, и земјата по која претходно не чекоревте; Аллах може сè.

28. О, Веровеснику, кажи им на сопругите свои: „Ако го сакате животот на овој свет и неговиот сјај, тогаш одлучете се, ќе ви дадам пристојна отпремнина и убаво ќе ве разведам.[220]

29. А ако Го сакате Аллах и Пратеникот Негов и оној свет, па, Аллах, навистина, за тие меѓу вас кои прават добри дела подготви голема награда.“

30. О, сопруги на Веровесникот, кога некоја од вас очигледен грев би сторила, казната би ѝ била двократна, а тоа на Аллах Му е лесно;

31. а на таа која ќе им се покорува на Аллах и на Пратеникот Негов и ќе прави добри дела – ќе ѝ дадеме двократна награда и ќе ѝ подготвиме благородно снабдување.

32. О, сопруги на Веровесникот, вие не сте како другите жени! Ако од Аллах се плашите, немојте гласно да зборувате, па да копнее тој во чиешто срце има болест, и говорете зборови вредни за почит!

33. Во куќите свои престојувајте и убавината своја, како во дамнешното паганско време, не покажувајте ја, и намазот извршувајте го и зекат давајте, и слушајте Го Аллах и Пратеникот Негов! Аллах сака од вас, о, семејство на Пратеникот, гревовите да ги отстрани, и потполно да ве исчисти.

34. И памтете ги Аллаховите ајети и мудроста, која се кажува во вашите домови; Аллах, навистина, е добар и сè знае.

35. За муслиманите и муслиманките, и за верниците и за верничките, и за послушните мажи и за послушните жени, и за искрените мажи и за искрените жени, и за стрпливите мажи и за стрпливите жени, и за понизните мажи и за понизните жени, и за мажите кои даваат зекат и за жените кои даваат зекат, и за мажите кои постат и за жените кои постат, и за мажите кои за своите срамни места водат грижа и за жените кои за своите срамни места водат грижа, и за мажите кои често Го спомнуваат Аллах и за жените кои често Го споменуваат Аллах – Аллах, навистина, за сите нив прошка и голема награда подготви.

36. Кога Аллах и Пратеникот Негов нешто ќе одредат, тогаш ни верникот ни верничката немаат право по свој избор да постапуваат. А кој нема да Го послуша Аллах и Неговиот Пратеник, тој сигурно скршнал од Вистинскиот пат.

37. А кога ти му рече на тој кому Аллах добро му направи, кого ти го почести и му беше благодарен: „Задржи ја жената своја и плаши се од Аллах!“ – во себе го криеше тоа што Аллах ќе го обелодени и од луѓето се плашеше, а поважно е од Аллах да се плашиш. И бидејќи Зејд со неа заврши и од неа се разведе, Ние за тебе ја омаживме за верниците веќе да не се притеснуваат да се женат со жените на посиноците свои кога тие од нив ќе се разведат – како Аллах ќе одреди така треба да биде.

38. На Веровесникот не му е тешко да го прави тоа што Аллах ќе му го одреди, бидејќи таков беше Аллаховиот пропис и за тие кои претходно беа и исчезнаа – а Аллаховата заповед е конечна одредба –

39. за тие што Аллаховите посланија ги доставуваа и од Него стравуваа, и кои од никого, освен од Аллах, не се плашеа. – А доволно е тоа што пред Аллах сметка ќе се полага!

40. Мухамед не е татко никому од вашите луѓе, туку е Аллахов Пратеник и последен веровесник – а Аллах сè добро знае.

42. и наутро и навечер славете Го,

43. Тој ве благословува, а и мелеците Негови, за од темнината на светлина да ве изведе – Тој кон верниците е Милостив –

44. а на Денот кога тие ќе Го сретнат, Тој ќе ги поздрави со: „Мир со вас“! И Тој им подготви благородна награда.

45. О, веровеснику, Ние те пративме како сведок и како носител на радосни вести и како Пратеник кој опоменува,

46. за да повикуваш кон Аллах, по Негова наредба, и како светилка која сјае.

47. И израдувај ги верниците дека Аллах нив со голема милост ќе ги опсипе,

48. а не ги слушај неверниците и лицемерите, и на нивните навреди не посветувај им внимание и имај доверба во Аллах, Аллах е доволен како заштитник.

49. О, верници, кога ќе се ожените со вернички, а потоа ако ги разведете пред стапување во брачниот однос, тогаш тие не се должни да го чекаат одреденото време кое вие ќе го броите, туку дарувајте ги и убаво отпремете ги.

50. О, Веровеснику, Ние ти дозволивме да ти бидат жени тие на кои си им ги дал нивните венчални дарови, и тие што се во твоја сопственост кои Аллах ти ги даде од пленот, и ќерките на чичковците твои, и ќерките на твоите тетки по татко, и ќерките на вујковците твои, и ќерките на твоите тетки по мајка кои со тебе се иселија, и верничката која себеси се подари на Веровесникот, ако Веровесникот сака со неа да се ожени, и само на тебе, а не на останатите верници. Ние знаеме што сме им пропишале на верниците кога е збор за жените нивни и за тие што се во нивна сопственост, а и за да не ти биде тешко. А Аллах простува и Милостив е!

51. Можеш да ги занемариш тие меѓу нив коишто сакаш и можеш да ја повикаш за себе таа што ја сакаш, а можеш да ја побараш и таа која си ја оддалечил, ниедно од тоа не е грев за тебе. Така најлесно радосни ќе бидат и нема да жалат и така со сето тоа што ти им го даваш задоволни ќе бидат, а Аллах знае што има во срцата ваши; Аллах знае сè и благ е.

52. Отсега не ти се допуштени други жени, ниту пак наместо нив некоја друга да земеш, макар и да те воодушеви убавината нејзина, освен тие што ќе ти станат робинки. – А Аллах внимава на сè.

53. О, верници, не влегувајте во собите на Веровесникот, освен ако ви се допушти поради храна, но не да чекате додека да се зготви, туку кога ќе бидете повикани, тогаш влезете, и откако ќе јадете, разидете се не впуштајќи се во разговор едни со други. Тоа му пречи на Веровесникот, а тој се срами тоа да ви го каже, а Аллах не се срами од вистината. А ако барате нешто од нив, барајте го тоа од нив од зад перде. Тоа е почисто и за вашите и за нивните срца. Вам не ви е дозволено да го вознемирувате Аллаховиот Пратеник, ниту со жените негови по неговата смрт, некогаш, да се ожените. Тоа, навистина, кај Аллах би бил голем грев!

54. Ако изнесувате вие нешто за тоа во јавноста или во себе да го криете, па, Аллах знае сè.

55. Ним не им е грев да бидат откриени пред татковците свои, и пред синовите свои, и пред браќата свои, и пред синовите на браќата свои, и синовите на сестрите свои, и пред жените вернички, и пред тие што се во нивна сопственост. И плашете се од Аллах, бидејќи на Аллах, навистина, не Му е скриено ништо.

56. Аллах и мелеците Негови го благословуваат Веровесникот. О, верници, благословувајте го и вие и праќајте му поздрав!

57. Тие што ќе ги вознемируваат Аллах и Пратеникот Негов, Аллах ќе ги проколне и на овој и на оној свет, и срамно страдање ќе им подготви.

58. А тие што ги вознемируваат верниците и верничките, а тие тоа не го заслужуваат, товарат на себе клевета и вистински грев.

59. О, Веровеснику, кажи им на жените свои, и на ќерките свои, и на жените на верниците нека си го покријат целото тело со своите наметки. Така најлесно ќе бидат препознаени, па нема да бидат вознемирувани. А Аллах простува и Милостив е.

60. Ако не престанат лицемерите и тие чиишто срца се болни и тие коишто низ Медина шират лаги, Ние власта над нив ќе ти ја препуштиме и тие само кратко време како соседи твои во неа ќе останат –

61. проклети нека се! Каде и да бидат најдени, нека бидат фатени и убиени

62. според Аллаховиот закон кој важеше за тие што беа и исчезнаа! А ти нема во Аллаховиот закон да најдеш измени.

63. Луѓето те прашуваат за Крајот на светот; кажи: „Тоа само Аллах го знае!“ А ти не знаеш, можеби Крајот на светот е блиску!

64. Аллах ги проколна неверниците и за нив распламтен Оган подготви,

65. во него вечно и засекогаш ќе престојуваат, ниту заштитник ниту помошник нема да најдат.

66. На Денот кога нивните лица во огнот ќе се превртуваат, ќе говорат: „Камо среќа на Аллах да Му се покорувавме и Пратеникот да го слушавме!“

67. И ќе зборуваат: „Господару наш, ние прваците наши и старешините наши ги слушавме, па тие од Вистинскиот пат нè одведоа;

68. Господару наш, дај им двократна казна и проколни ги со големо проклетство!“

69. О, верници, не бидете како тие што го вознемируваа Муса, па Аллах го ослободи од тоа што го говореа, и тој кај Аллах ужива углед.

70. О, верници, плашете се од Аллах и говорете ја само вистината,

71. Тој за вашите добри дела ќе ве награди и гревовите ваши ќе ви ги прости. А тој што ќе Му се покорува на Аллах и на Пратеникот Негов – голем успех ќе постигне.

72. Ние на небесата, на Земјата и на планините аманет им понудивме, па се воздржаа и се уплашија да го понесат, но го презеде човекот – а тој, навистина, кон себе е неправеден и лекомислен –

73. за Аллах лицемерите и лицемерките, и многубошците и многубошките да ги казни, а на верниците и на верничките да им прости. А Аллах простува и Милостив е.