عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

Originator [Fatir] - Macedonian Translation

Surah Originator [Fatir] Ayah 45 Location Maccah Number 35

1. Сета благодарност Му припаѓа на Аллах, Создателот на небесата и на Земјата, Кој мелеците со по две, три и четири крила ги прави пратеници; Тој на тоа што го создава му додава што сака, Тој, навистина, може сè.

2. Милоста која Аллах им ја дарува на луѓето – никој не може да ја скрати, а тоа што Тој ќе го скрати – никој не може, после Него, да го даде; Тој е Силен и Мудар.

3. О, луѓе, сетете се на благодатта со која Аллах ве опсипува. Постои ли, освен Аллах, некаков друг создател кој од небо и од земја ве снабдува? Освен Него нема друг бог, па тогаш каде се одметнувате?

4. Ако тие за лажен те сметаат – па и пред тебе Пратениците за лажни ги сметаа; а кај Аллах сè ќе се врати.

5. О, луѓе, Аллаховото ветување е вистина, па никако животот на овој свет нека не ве залажува и шејтанот во Аллах нека не ве поколеба.

6. Шејтанот, навистина, е ваш непријател, па за таков и сметајте го! Тој ги повикува следбениците свои да бидат жители на Огнот.

7. Тие што не веруваат ги чека тешко страдање, а тие што веруваат и што прават добри дела ги чека прошка и голема награда.

8. Зарем да се уништуваш со тага за оној кој лошите дела ги смета за убави, а Аллах навистина заблудува кого сака а на Вистинскиот пат упатува кого сака; Аллах, навистина, добро знае сè што прават тие.

9. Аллах е Тој што ги праќа ветровите кои ги придвижуваат облаците, а Ние потоа кон мртвите предели ги управуваме и со нив земјата ја оживуваме, која што беше мртва; такво ќе биде и оживувањето.

10. Ако некој сака големина – па кај Аллах е сета големина! Кон Него се издигнуваат убавите зборови, а доброто дело Тој го воздига. А тие што имаат лоши намери ги чека неподносливо страдање, и нивните интриги се неуспешна работа.

11. Аллах ве создава од земја, потоа од капка семе, и на крај ве прави во парови. И ниедна жена не забременува ниту пак раѓа, а Тој тоа да не го знае. И ничиј живот не се продолжува ниту скратува, а тоа да не е забележано во Книгата; тоа за Аллах е навистина лесно!

12. Ни двете мориња не се еднакви: едното е слатко и пријатно – водата лесно му се пие, а другото е солено и горчливо; вие и од двете јадете свежо месо и вадите накит со кој се украсувате; и ти ги гледаш бродовите како по него водата ја сечат за да стекнете од изобилството Негово, и за да бидете благодарни.

13. Тој ја воведува ноќта во ден и го воведува денот во ноќ, Тој ги потчини Сонцето и Месечината, секој се движи до рокот одреден; ете, тоа ви е Аллах, Господарот ваш, царството е Негово! А тие кои, покрај Него, ги обожувате не поседуваат ништо, ни колку тенката обвивка на урмината семка.

14. Ако ги молите, не ја слушаат вашата молба, а и да ја чујат, не би ви се одѕвале; на Судниот ден ќе негираат дека Нему Му ги здружувавте. И никој нема да те извести како Тој што знае.

15. О, луѓе, вие сте зависни, вам ви треба Аллах, а Аллах е Независен и за благодарност Достоен.

16. Ако сака, ќе ве уништи и нови созданија ќе донесе,

18. И ниту еден грешник гревовите од другиот нема да ги носи; ако претоварениот со гревови повика да му се понесат, никој нема да му ги понесе, па ни роднината. А ти ќе ги опоменеш само тие кои од Господарот свој се плашат, иако никој не ги гледа, и кои извршуваат намаз – тој што ќе се исчисти, се исчистил за свое добро – а кај Аллах сè се враќа!

19. Никако не се исти слепиот и тој што гледа,

20. ниту темнините и светлината,

21. ниту ладовината и жештината,

22. и никако не се исти живите и мртвите. Аллах ќе стори да слуша тој што Тој сака, а ти не можеш тие во гробовите да ги довикнеш,

23. ти си само тој што опоменува.

24. Ние те пративме со Вистината, радосни вести да носиш и да опоменуваш; а нема народ на кого не му дошол тој што опоменува.

25. Ако тие за лаги те клеветат – па, и тие пред нив Пратениците за лаги ги клеветеа, а тие очигледни докази им носеа, и Листовите, и Книгата која осветлува.

26. И Јас тогаш ги казнував тие што не веруваа, а каква само беше казната Моја!

27. Зарем не знаеш дека Аллах од небото спушта вода и дека Ние преку неа создаваме плодови од различни видови; а постојат планини со бели и со црвени патеки, со различни бои, и сосема црни.

28. Има и луѓе и животни и добиток, исто така, од различни видови. А од Аллах се плашат Неговите учени робови. Аллах е навистина Силен и Тој простува.

29. Тие што Аллаховата Книга ја читаат и што намазот го извршуваат и од тоа што Ние ги снабдивме даваат, и тајно и јавно, може да се надеваат на трговијата која нема да исчезне

30. за Тој да ги награди според тоа што го правеле и од изобилството Свое уште да им даде, бидејќи Тој многу простува и Благодарен е.

31. А тоа што ти го објавуваме од Книгата е целосна Вистина, таа потврдува дека се вистинити и тие пред неа. – Аллах за робовите Свои навистина знае сè и Тој гледа сè.

32. Ние ќе сториме Книгата после да ја наследат тие Наши робови кои Ние ќе ги избереме; ќе има и од тие кои кон себе насилство ќе си сторат, ќе има и од умeрените, и ќе има и такви кои, со Аллахова волја, со своите добри дела другите ќе ги надминат – за тоа голема награда ќе добијат:

33. еденски градини во кои ќе влезат, во кои со златни белезици, со бисери красни ќе се украсуваат, а облеките во нив од свила ќе им бидат.

34. „Сета благодарност му припаѓа на Аллах“ – ќе говорат – „Кој од нас тагата ја отстрани – Господарот наш, навистина, многу простува и благодарен е –

35. Кој, од добрината Своја, вечно живеалиште ни подари, каде што заморот нема да нè допре и во кое нема да нè снаоѓа истоштеност.“

36. А неверниците ги чека Огнот џехенемски, тие нема да бидат на смрт осудени, и нема да умрат, и страдањето во него нема да им се ублажи – ете, секој неверник така ќе го казниме –

37. тие во него ќе врескаат: „Господару наш, избави нè, ќе правиме добри дела, поинакви од тие што ги правевме.“ „А зарем не ве оставивме да живеете доволно долго за тој што требало да размисли да има време да размисли, а ви дојде и тој што опоменува? Затоа искусете го страдањето, на насилниците им нема помош!“

38. Аллах сигурно ги знае тајните на небесата и на Земјата; Тој добро ги знае мислите сечии.

39. Тој прави да се менувате на Земјата; кој нема да верува, неверувањето негово е на негова штета; неверувањето на неверниците само ќе ја зголеми одвратноста кај Господарот нивен, и неверувањето на неверниците ќе им ја зголеми пропаста.

40. Кажи: „Кажете ми вие мене кој дел од Земјата го создале божествата ваши кои, наместо Аллах, ги молите, и кажете ми дали тие имаат некаков удел во создавањето на небесата, или Ние им дадовме Книга на многубошците, па имаат во неа доказ за тоа!? Ниту едно од тие, туку насилниците едни со други се залажуваат.

41. Аллах чува да не се наруши рамнотежата на небесата и на Земјата. А да се наруши, никој друг освен Него не би ги задржал; Тој навистина е Благ и ги простува гревовите.

42. Тие се колнеа во Аллах со најтешката заклетва, дека, подобро од кој било народ ќе бидат истрајни на Вистинскиот пат – само ако им дојде тој што ќе ги опоменува. И кога им дојде тој што опоменува, неговото пристигнување само им ја зголеми одбојноста:

43. возгордевајќи се на Земјата и правејќи зли интриги – а интригите ќе ги погодат токму тие коишто со нив се служат. Зарем тие може да очекуваат нешто друго од тоа што ги снајде народите древни? Во Аллаховите закони ти никогаш нема да најдеш промени, во Аллаховите закони ти нема да најдеш отстапувања.

44. Зошто тие не патуваат по светот да видат како завршиле тие пред нив, коишто беа посилни од нив? – На Аллах не може ништо да Му избега ни на небесата ни на Земјата; Тој, навистина, сè знае и сè може.

45. Да ги казнува Аллах луѓето според тоа што го заслужуваат, ништо живо на Земјината површина не би оставил; но, Тој ги остава до рокот одреден, и кога рокот ќе им дојде – па Аллах добро ги гледа Своите робови.