The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesThose who set the ranks [As-Saaffat] - Macedonian Translation
Surah Those who set the ranks [As-Saaffat] Ayah 182 Location Maccah Number 37
1. Се колнам во наредените во редови,
2. и во тие што одвраќаат[226]
3. и во тие што Опомената ја читаат –
4. вашиот Бог навистина е Еден,
5. Господар на небесата и на Земјата и на тоа што е меѓу нив и Господар на истокот!
6. Ние најблиското небо до вас со сјајни ѕвезди го украсивме
7. и го чуваме од секој бунтовен шејтан
8. да не го прислушкува друштвото највисоко; нив од сите страни ги гаѓаат,
9. за да ги истераат: нив ги чека страдање непрекидно,
10. а тој што нешто ќе зграби – огнена светилка ќе го стигне.
11. Прашај ги дали е потешко тие да бидат создадени или сето останато што сме го создале? – Нив ги создаваме од леплива глина.
12. Ти се восхитуваш, а тие се исмејуваат,
13. а кога се опоменуваат, тие опомената не ја прифаќаат,
14. и кога доказот ќе го видат, тие едни со други на исмејување се поттикнуваат,
15. и велат: „Ова не е ништо друго, туку вистинска маѓија!
16. Зарем кога ќе изумреме и кога коски и земја ќе станеме, зарем ние навистина ќе бидеме оживеани
17. и нашите предци дамнешни?“
18. Кажи: „Да, а ќе бидете и понижени!“
19. Тоа ќе биде само еден глас и сите одеднаш ќе прогледаат
20. и ќе речат: „Тешко нам, ова е Судниот ден!“
21. Да, ова е Денот на судот во кој вие не верувавте!
22. Соберете ги неверниците и тие што со нив се дружеа и тие коишто ги обожуваа
23. покрај Аллах, и покажете им го патот кој води кон Џехенемот
24. и сопрете ги. Тие ќе бидат прашани:
25. „Што ви е, зошто едни на други не си помогнете?“
26. Но тој Ден тие сосема ќе се препуштат
27. и едни на други ќе си префрлуваат:
28. „Вие нè лажевте.“
29. „Не ве лажевме,“ – ќе одговорат – „туку вие не сакавте да верувате,
30. а никаква власт над вас немавме, бунтовен народ бевте
31. и зборот на Господарот наш дека навистина казна ќе искусиме – се исполни над нас,
32. а во заблуда ве повикувавме бидејќи и самите бевме во заблуда.“
33. И тие тој Ден заедно на мака ќе бидат,
34. бидејќи Ние така ќе постапиме со злосторниците,
35. Кога им се велеше: „Само Аллах е Бог!“ – тие беа вообразени
36. и говореа: „Зарем да ги напуштиме божествата наши поради еден луд поет?!“
37. А не е така, тој дојде со Вистината и потврдува дека сите пратеници дошле со Вистината,
38. а вие сигурно болно страдање ќе искусите –
39. како сте работеле, така ќе бидете казнети!
40. А Аллаховите искрени робови
41. посебно снабдување ќе имаат,
42. разновидно овошје, и ќе бидат почестени
43. во џенетските градини за насладување,
44. на диваните, едни кон други,
45. ќе бидат послужени со пијалак – од изворите кои постојано течат –
46. бел и пријатен за тие што ќе го пијат,
47. од него нема опиеност да има и од него умот нема да се губи.
48. Покрај нив ќе бидат тие што пред себе ќе гледаат, со прекрасни очи,
49. како да се јајца заштитени.[227]
50. И тие еден со друг ќе се распрашуваат,
51. и едниот од нив ќе рече: „Имав еден другар
52. кој велеше: „Зарем ти веруваш,
53. дека навистина, кога ќе умреме и кога земја и коски ќе станеме, сметка ќе полагаме?“
54. „Сакате ли да погледнете?“
55. И тој ќе погледне, и него среде Џехенемот ќе го здогледа.
56. „Се колнам во Аллах,“ – ќе рече – „за малку ќе ме упропастеше;
57. да не беше милоста на Господарот мој, и јас сега ќе се мачев.“
58. „А ние, нели, веќе нема да умираме?
59. Еднаш умревме – веќе нема да бидеме мачени,
60. тоа, навистина, голем успех ќе биде!“
61. За вакво нешто нека се трудат трудбениците!
62. А дали е подобра таа гозба или дрвото Зекум,
63. кое на насилниците како казна им го одредивме?
64. Тоа е дрво кое расте среде Џехенемот,
65. плодот му е како главите шејтански.
66. Тие со него ќе се хранат и стомаците свои со него ќе ги полнат,
67. па со зовриена вода тоа ќе им се измеша,
68. а потоа, сигурно, пак во Џехенемот ќе се вратат.
69. Тие татковците свои во заблуда ги затекнаа,
70. па и тие по стапките нивни продолжија.
71. А и пред нив повеќето древни народи во заблуда беа,
72. иако Ние им ги праќавме тие што ги опоменуваа;
73. затоа, погледни каков беше крајот на тие што беа опоменати,
74. не беше така само со Аллаховите искрени робови.
75. А кога Нух нè повика, Ние убаво се одѕвивме:
76. него и семејството негово од тешка неволја ги спасивме
77. и само потомците негови во живот ги оставивме,
78. и кај поколенијата подоцнежни споменот му го сочувавме:
79. „Мир за Нух од сите светови!“
80. Ете, така Ние ги наградуваме тие што прават добри дела,
81. тој беше Наш роб, верник,
82. а другите потоа ги потопивме.
83. Со иста вера како него беше и Ибрахим,
84. кога на Господарот свој со искрено срце Му дојде,
85. кога на таткото свој и на народот свој му рече: „Што обожувате вие?
86. Зарем лажни божества наместо Аллах сакате?
87. И што мислите за Господарот на световите?“
88. И тој фрли поглед кон ѕвездите,
89. и рече: „Јас сум болен, навистина.“,
90. а тие од него, вртејќи му грб, си отидоа,
91. а тој кај киповите нивни се прикраде, па рече: „Зошто не јадете?
92. Што ви е, зошто не зборувате?“
93. И скришно им пријде со десната рака удирајќи ги,
94. па народот со трчање му дојде.
95. „Како можете да ги обожувате тие што самите ги резбате?“ – запраша,
96. кога Аллах ве создава и вас и тоа што го правите?“
97. „Подгответе за него клада,“ – повикаа – „па во оган фрлете го!“
98. И сакаа да го мачат, но Ние нив ги направивме понижени.
99. „Одам таму каде што Господарот мој ми нареди.“ – рече – „Тој каде што треба ќе ме упати.
100. Господару мој, подари ми честито потомство!“
101. И Ние го израдувавме со момче со благ карактер.
102. И кога тој порасна толку што во работата почна да му помага, Ибрахим рече: „О, синко мој, на сон видов дека треба да те заколам, па што мислиш ти?“ – „О, татко мој,“ – рече – „постапи како што ти се наредува; ќе видиш, ако даде Бог, дека ќе бидам трпелив.“
103. И кога двајцата послушаа, и кога тој со челото на земја го положи,
104. Ние го повикавме: „О, Ибрахиме,
105. ти постапи според вдахновениот сон; – а Ние вака ги наградуваме тие што прават добри дела, –
106. тоа, навистина, беше очигледно искушение!“
107. Со голем курбан го искупивме
108. и кај поколенијата подоцнежни спомен му сочувавме:
109. „Нека е во мир Ибрахим!“
110. Ете така Ние ги наградуваме тие што прават добри дела,
111. а тој, навистина, беше Наш роб, верник,
112. и го израдувавме со Исхак, веровесник и човек добар,
113. и го благословивме и него и Исхак; а меѓу потомците нивни има верници и такви кои на себеси очигледно насилство чинат.
114. И на Муса и на Харун благодати им дадовме,
115. па и нив и народот нивен од неволја голема ги спасивме
116. и им помогнавме и тие беа победници,
117. и Книга јасна им дадовме,
118. и двајцата на Правиот пат ги упативме,
119. и кај поколенијата подоцнежни спомен им сочувавме;
120. „Нека се во мир Муса и Харун!“
121. Ете така Ние ги наградуваме тие што прават добри дела,
122. а тие двајца, навистина, беа робови Наши, верници.
123. И Илјас беше Пратеник.
124. Кога тој му рече на народот свој: „Зар не се плашите?
125. Зарем на Бал му се молите, а најубавиот Создател го оставате,
126. Аллах, Господарот свој и Господарот на вашите древни предци?“
127. Тие лажливец го нарекоа и затоа, сигурно, сите тие во Огнот ќе бидат фрлени,
128. но не тие Аллахови робови кои Му беа предани.
129. И кај поколенијата подоцнежни спомен му сочувавме:
130. „Нека е во мир Илјас!“
131. Ете така Ние ги наградуваме тие што прават добри дела,
132. а тој беше роб Наш, верник.
133. И Лут беше Пратеник.
134. Кога Ние него и целото негово семејство го спасивме,
135. освен старицата, таа настрада со тие што настрадаа,
136. а останатите ги уништивме,
137. и вие покрај населбите нивни поминувате и дење
138. и ноќе, па зошто не се вразумите?
139. И Јунус беше Пратеник.
140. Кога тој избега на бродот преполн
141. и со нив фрли коцка и коцката падна на него,
142. и китот го проголта, а беше заслужил прекор,
143. и да не беше еден од тие што Аллах Го слават и Го величаат,
144. сигурно ќе останеше во утробата негова до Денот на оживувањето.
145. И Ние го исфрливме на едно пусто место, а тој беше болен,
146. и сторивме над него да израсне една тиква,
147. и го пративме на стотина илјади луѓе, и повеќе,
148. и тие поверуваа, и ним им дадовме до рокот одреден да уживаат.
149. А прашај ги: „Зарем за Господарот твој ќерки, а за нив синови,
150. зарем во нивно присуство мелеците како жени ги создадовме?“
151. Ете, тие, поради тоа што лажат, говорат:
152. „Аллах родил.“ – тие се навистина лажливци.
153. Зарем ги избра ќерките пред синовите!?
154. Што ви е, како така расудувате?!
155. Зарем нема да се вразумите?
156. Или вие можеби имате очигледен доказ?
157. Донесете ја Книгата своја, ако вистината ја зборувате!
158. Многубошците помеѓу Него и џините сродство воспоставуваат, а џините одамна знаат дека тие што зборуваат така ќе бидат фрлени во огнот,
159. чист е Аллах и далеку е од тоа како што тие Го опишуваат!
160. Аллаховите искрени робови тоа не го прават.
161. Но, ниту вие, со тие што ги обожувате,
162. не можете во врска со нив никого во заблуда да го заведете,
163. освен тој што и онака во огнот ќе гори.
164. „Секому од нас местото му е одредено,[228]
165. ние сме во редови наредени,
166. и само Него Го славиме и Го величаме!“
167. А тие велеа:
168. „Да имавме ние Книга како што имаа претходните народи,
169. сигурно ќе бевме Аллахови искрени робови!“
170. Но, во Куранот не сакаа да поверуваат, и ќе знаат тие!
171. А зборот Наш е веќе претходно кажан на робовите Наши, Пратениците:
172. Тие ќе бидат, навистина, потпомогнати
173. и војската Наша сигурно ќе биде победник!
174. Затоа тргни се од нив некое време
175. и набљудувај ги, и тие ќе набљудуваат!
176. Зарем тие казната Наша да ја избрзуваат?
177. Кога таа ќе ги стигне, лошо утро ќе им осамне на тие што беа опоменати!
178. Затоа тргни се од нив некое време
179. и набљудувај, и тие ќе набљудуваат!
180. Славен е Господарот твој, Господар на достоинството, и високо над тоа што Му го припишуваат тие!
181. И нека е селам на Пратениците,
182. и сета благодарност Му припаѓа на Аллах, Господарот на световите!