عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

The Troops [Az-Zumar] - Macedonian Translation

Surah The Troops [Az-Zumar] Ayah 75 Location Maccah Number 39

1. Објавувањето на Книгата е од Аллах, Силниот и Мудриот!

2. Ние, навистина, ти ја објавуваме Книгата, со Вистина, затоа само Аллах обожувај Го, искрено исповедајќи Му ја верата!

3. Искреното практикување на верата е долг кон Аллах! А на тие што покрај Него земаат други за заштитници: „Ние ги обожуваме само за да нè приближат што поблиску до Аллах“ – Аллах ним, навистина, ќе им пресуди за тоа за коешто тие не се согласуваа. Аллах нема да го упати на Вистинскиот пат тој што е лажливец и неверник.

4. Да сакаше Аллах да има дете, ќе го избереше, меѓу тие што ги создал, тој што Тој би сакал. Возвишен е Тој; Тој е Аллах, Единиот и Семоќниот!

5. Небесата и Земјата мудро и со цел ги создаде; Тој со ноќта го завиткува денот и со денот ја завиткува ноќта; Тој Сонцето и Месечината ги потчини, секој се движи до рокот одреден. Ете, Тој е Силниот и Тој многу простува!

6. Тој од еден човек ве создава – а од него сопругата негова ја создаде – и Тој ви даде осум видови добиток; Тој ве создава во утробите на мајките ваши, давајќи ви облици, еден по друг, во три темнини. Тоа ви е, ете, Аллах, Господарот ваш, Негова е власта, нема друг бог освен Него, па тогаш каде се одметнувате?

7. Ако вие нема да верувате, па, Аллах не зависи од вас, но Тој не е задоволен со неверувањето на Своите робови. А ако бидете благодарни, Тој со тоа ќе биде задоволен. А ниедна душа нема да ги носи гревовите на другата! Потоа кај својот Господар ќе се вратите, па Тој ќе ве извести за тоа што го работевте. Навистина, Тој знае што се крие во срцата.

8. Кога човекот неволја ќе го снајде, на Господарот свој Му се моли, Нему Му се обраќа, а потоа, откако Аллах милоста Своја ќе му ја дарува, го заборава Тој на Кого Му се молел, и други Нему за еднакви му припишува, за од патот Негов да застранува. Кажи: „Уживај одредено време во неверството свое, ќе бидеш, сигурно, жител на Огнот!“

9. Зарем таквиот е како тој што во ноќните часови времето во молитва го минува, паѓајќи со лицето на тло и стоејќи, стравувајќи од оној свет и надевајќи се на милоста од Господарот свој? Кажи: „Зарем се исти тие што знаат и тие што не знаат? Само тие што имаат ум примаат поука!“

10. Кажи: „О, робови Мои кои верувате, плашете се од Господарот свој! Тие што на овој свет ќе прават добри дела ги чека награда, а Аллаховата земја е пространа; само тие коишто ќе бидат стрпливи ќе бидат без сметка наградени.“

11. Кажи: „Мене ми се наредува Аллах да Го обожувам искрено исповедајќи Му ја верата

12. и ми се наредува да бидам првиот муслиман.“

13. Кажи: „Јас се плашам од страдањето на Големиот ден, ако Му бидам непослушен на Господарот Свој.“

14. Кажи: „Само Аллах Го обожувам искрено исповедајќи Му ја верата своја,

15. а вие, покрај Него, обожувајте кого сакате!“ Кажи: „Губитници се, навистина, тие што на Судниот Ден ќе се изгубат и себеси и семејствата свои. Ете, тоа е очигледен губиток!“

16. Над нив ќе има слоеви од Оган, а и под нив слоеви; со тоа Аллах ги застрашува робовите Свои. „О, робови Мои, плашете се од Мене!“

17. За тие што го избегнуваат обожувањето на идолите и кои на Аллах Му се обраќаат – за нив се наменети радосните вести, затоа израдувај ги робовите Мои

18. кои го слушаат Говорот и го следат најубавото во него; ним Аллах на Вистинскиот пат им укажа и тие се паметни.

19. Зарем тој што ја заслужил казната, зарем него да го спасиш од огнот?

20. А тие што од Господарот свој се плашат ги очекуваат одаи, сè едни над други изградени, пред кои реки течат – ветување е Аллахово, а Аллах ветувањето нема да го прекрши.

21. Зарем не гледаш дека Аллах од небото спушта дожд, па во извори во земјата го разделува, а потоа со помош на него разнобојни растенија изведува, потоа тие се сушат и ти ги гледаш пожолтени, и на крајот ги крши. Тоа е, навистина, поука за тие што се паметни.

22. Зарем е ист тој чиешто срце Аллах го сторил наклонето кон исламот, па тој го следи светлото на Господарот свој, или тој чиешто срце се стврднало? Тешко на тие чиишто срца се нечувствителни при спомнувањето на Аллах, тие се во јасна заблуда!

23. Аллах го објавува најубавиот говор, Книга слична по смисла, чиишто поуки се повторуваат. Од неа ги поминуваат морници тие што се плашат од Господарот свој, а потоа, кога ќе се спомне Аллаховото име, кожите нивни и срцата нивни им се смируваат. Тоа е Аллаховото Упатство со кое Тој упатува кого сака; а тој кого Аллах ќе го заблуди, нема кој да го упати.

24. Зарем е ист тој што на Судниот ден со лицето свое ќе се засолнува од страшното страдање со тој што е сигурен од него? „Трпете го тоа што го заслуживте!“ – ќе им се рече на насилниците.

25. Тие пред нив негираа, па ги стигна казна од каде што не очекуваа.

26. Аллах даде да почувствуваат понижување во животот на овој свет, а страдањето на оној свет ќе биде, навистина, уште поголемо – само кога тие би знаеле!

27. Ние во овој Куран им наведуваме на луѓето секакви примери за да примат поука.

28. Во Куранот на арапски јазик, во кој нема никакви противречности, за да се плашат и за да внимаваат.

29. Аллах го наведува како пример човекот кој е во власт на ортаци околу кого тие се грабаат, и човек кој е во власт само на еден човек – дали положбата нивна е иста? Сета благодарност Му припаѓа на Аллах, не е иста, но повеќето од нив не знаат.

30. Ти, навистина, ќе умреш, а и тие, исто така ќе умрат.

31. И потоа, на Судниот ден, пред Господарот свој еден со друг ќе се препирате.

32. Има ли понеправеден од тој што за Аллах говори лаги и ја смета Вистината за лага кога таа му доаѓа? Зарем Џехенемот нема да биде престојувалиште за неверниците?

33. А тој што ја носи Вистината и тие кои веруваат во неа, тие се богобојазливи,

34. сè што ќе посакаат кај Господарот свој ќе најдат; тоа ќе биде награда за тие што правеле добри дела,

35. за Аллах да помине преку нивните лоши постапки, и за добрите дела кои ги правеле да ги награди.

36. Зарем Аллах не е Заштитник на Својот роб? А тие те заплашуваат со оние кои, покрај Него, ги обожуваат. Тој што Аллах ќе го заблуди, нема кој да го упати.

37. А кого Аллах ќе го упати – никој не може да го заблуди. Зарем Аллах не е Силен и Казнувач?

38. Ако ги запрашаш кој ги создаде небесата и Земјата, сигурно ќе речат: „Аллах!“ а ти кажи: „Мислите ли вие дека тие кои ги молите, покрај Аллах, би можеле да ја отстранат штетата, ако Аллах сака да ми ја стори, или дека би можеле да ја задржат милоста Негова, ако Тој сака да ми ја подари?“ Кажи: „Мене ми е доволен Аллах, на Него се потпираат тие што бараат потпирач.“

39. Кажи: „О народе мој, ти постапувај така како што постапуваш, а и јас ќе постапувам, па ќе знаете

40. кого ќе го стигне страдањето кое ќе го понижи, и кого вечното страдање ќе го снајде.“

41. Ние ти ја објавуваме Книгата со вистината за целиот свет; тој што ќе оди по Вистинскиот пат – на себеси ќе си користи, а тој што ќе застрани – на себе ќе си наштети, ти не си задолжен за нив.

42. Аллах ги зема душите во часот на нивната смрт, а и на тие што спијат, па ги задржува тие на кои им одредил да умрат, а другите ги остава до одредениот рок. Тоа се, навистина, докази за тие што размислуваат.

43. Тие без Аллахово одобрување посредници земаат. Кажи: „Зарем и тогаш кога се без никаква моќ и кога ништо не разбираат?“

44. Кажи: „Никој не може без Негова дозвола да посредува, власта на небесата и на Земјата е Негова, а потоа Нему ќе Му се вратите.“

45. Кога Аллах ќе се спомне, се грозат срцата на тие што не веруваат во оној свет, а кога ќе се спомнат оние кои тие, покрај Него, ги обожуваат, одеднаш радост ги обзема.

46. Кажи: „Аллаху, Создателу на небесата и на Земјата, Ти Кој го знаеш невидливиот и видливиот свет, Ти на робовите Свои ќе им пресудиш за тоа за што не се согласуваа!“

47. Кога злосторниците би го имале сето тоа што е на Земјата, и уште толку, на Судниот ден тие би го дале сето тоа за да се искупат од тешкото страдање; А Аллах ќе ги казни со казна каква што не можеле ниту да замислат,

48. и ќе им се предочат лошите дела нивни кои ги правеа и ќе ги снајде токму тоа на што се потсмеваа.

49. Кога човекот некаква неволја ќе го снајде, Нам Ни се моли; а кога Ние потоа благодат ќе му пружиме, тогаш вели: „Ова ми е дадено затоа што тоа го заслужив.“ А не е така, тоа е само искушение, но повеќето од нив не знаат.

50. Така говореа и тие пред нив, па не им користеше тоа што го беа стекнале,

51. и ги стигна казна за тоа што го правеа. А и тие меѓу овие кои прават насилство – ќе ги стигне казна за тоа што го прават, тие нема да избегаат.

52. Зарем тие не знаат дека Аллах дава изобилно снабдување кому сака, и дека ускратува кому сака; тоа се, навистина, поуки за народот кој верува.

53. Кажи: „О, робови Мои кои кон себеси во гревовите претерувавте, не губете надеж во Аллаховата милост! Аллах, сигурно, сите гревови ќе ви ги прости; Тој, навистина, многу простува и Тој е Милостив.

54. И вратете Му се на Господарот свој и покорете Му се пред казната да ви дојде – потоа никој нема да може на помош да ви дојде.

55. И следете го тоа најубавото, тоа што Господарот ваш ви го објавува, пред ненадејно казната да ви дојде, за чие доаѓање нема да знаете.

56. За човекот да не извика: „Тешко мене, колку само должности кон Аллах пропуштив, дури и се исмејував!“

57. или да не рече: „Да ме упатеше Аллах на Вистинскиот пат, сигурно ќе се сочував од Неговата казна.“

58. Или да не каже кога ќе го доживее страдањето: „Само кога би можел да се вратам – добри дела би правел!“

59. „Никогаш! Доаѓаа Моите знаци, па ги негираше и се вообрази, и неверник беше.“

60. На Судниот ден ќе ги видиш тие кои за Аллах лаги говореа, со поцрнети лица. А зарем Џехенемот нема да биде престојувалиште на горделивите?

61. Аллах ќе ги спаси тие кои Неговите наредби ги извршуваа, а од Неговите забрани се чуваа, поради нивниот успех злото нема да може да ги допира и тие нема да тагуваат.

63. кај Него се клучевите на небесата и Земјата! А тие што не веруваат во Аллаховите докази, тие ќе бидат страдалници!

64. Кажи: „Зарем од мене барате да обожувам некој друг освен Аллах, о незналци?!“

65. А тебе, и на тие пред тебе им било објавено: „Ако други на Аллах за рамни Му припишуваш, твоите дела сигурно ќе пропаднат, а ти изгубен ќе бидеш.“

66. Туку, само Аллах обожувај Го и биди благодарен!

67. Тие не Го величаа Аллах така како што треба да Го величаат; а целата Земја на Судниот ден во Неговата рака ќе биде, а небесата во Неговата десница стуткани ќе останат. Славен нека е Тој и високо над тие што за рамни Му ги припишуваат.

68. И во рогот ќе се дувне, и ќе умрат тие на небесата и тие на Земјата, ќе останат само тие кои Аллах ќе ги одбере; потоа во рогот по вторпат ќе се дувне и тие, одеднаш, ќе станат и ќе чекаат.

69. И Земјата од светлината на Господарот свој ќе засјае и Книгата ќе се постави, веровесниците и сведоците ќе бидат донесени, и по правдата на сите ќе им се пресуди, никому нема неправда да му се направи;

70. секој ќе го добие тоа што го заслужил, бидејќи Тој добро знае кој што правел.

71. Тие што не веруваа во групи во Џехенем ќе бидат натерани, и кога до него ќе дојдат, портите негови ќе се отворат и чуварите негови ќе ги запрашаат: „Зарем не ви дојдоа вашите Пратеници, кои ајетите од Господарот ваш ви ги кажуваа и ве опоменуваа дека овој свој Ден ќе го доживеете?“ – „Да, дојдоа“ – ќе речат тие – „но се покажаа вистинити зборовите за казната на неверниците.“

72. И ќе биде кажано: „Влегувајте низ Џехенемските порти, вечно во нив ќе престојувате!“ Колку е грозно тоа престојувалиште за тие што беа вообразени!

73. А тие што од Господарот свој се плашеа во поворки кон Џенетот ќе бидат поведени, и кога до него ќе стигнат – а портите негови веќе ширум отворени – неговите чувари ќе им кажат: „Мир со вас, од гревови сте чисти, затоа влезете во него, во него вечно ќе престојувате!“

74. Тие ќе кажат: „Сета благодарност му припаѓа на Аллах Кој ветувањето Свое кон нас го исполни и во Џенетот место ни подари, да се населиме во него каде што сакаме!“ Колку се прекрасни наградите за тие што се труделе!

75. И ќе ги видиш мелеците како Аршот (престолот) го окружуваат, величајќи и фалејќи Го Господарот свој; и на сите по правдата ќе им се пресуди и ќе биде кажано: „Сета благодарност Му припаѓа на Аллах, Господарот на световите!“