The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesThe Women [An-Nisa] - Macedonian Translation
Surah The Women [An-Nisa] Ayah 176 Location Madanah Number 4
1. О, луѓе плашете се од Господарот свој, Кој од еден човек ве создаде, од кого жената како пар негов ја создаде, а од нив двајца многу мажи и жени расеа! Плашете се од Аллах, со Чие име едни со други се замолувате и роднинските врски чувајте ги! Аллах, навистина, бдее над вас!
2. И на сирачињата имотите нивни дајте им ги, лошото за добро не подметнувајте им го и имотите нивни со имотите ваши не трошете ги, бидејќи тоа, навистина, е голем престап!
3. Ако се плашите дека нема да бидете праведни кон сирачките, тогаш женете се со жените што ви се дозволени, со по две, со по три, и со по четири! А ако се плашите дека нема да бидете праведни, тогаш само со една, или со тие што се во ваша сопственост! Така најлесно ќе се сочувате од неправдата.
4. И со драго срце, на сопругите венчалните дарови дајте им ги; па ако тие по своја волја ви подарат нешто од тоа, во тоа со пријатност и угодност уживајте.
5. И на малоумните не им го давајте имотот кој Аллах ви го доверил на управување, туку со него хранете ги и облекувајте ги, и убави зборови зборувајте им!
6. И проверувајте ги сирачињата сè додека не стасаат за брак, а ако се уверите дека се зрели, тогаш, врачете им ги имотите нивни! И не трошете ги расипнички и во брзање, додека не пораснат! Кој е богат нека се воздржи, а кој е сиромашен нека троши толку колку што е неопходно. А кога ќе им ги врачувате имотите нивни, сторете го тоа во присуство на сведоци, бидејќи доста е тоа што ќе полагате сметка пред Аллах!
7. На мажите им припаѓа дел од тоа што го оставиле родителите и роднините, и на жените им припаѓа дел од тоа што го оставиле родителите и роднините. Било да е многу или малку, делот е пропишан!
8. А ако при распределбата присуствуваат роднини, сираци и сиромашни, снабдете ги од тоа и убав збор кажете им!
9. И нека се плашат, како кога самите зад себе би оставиле нејаки деца за кои стравуваат, а од Аллах нека се плашат и нека ја зборуваат само вистината!
10. Навистина, тие што неправедно ги трошат имотите на сираците, во своите стомаци ставаат оган и тие во огнот ќе горат!
11. Аллах во врска со вашите деца ви налага на машкото да му припадне колку и на две женски деца.[97] А ако има повеќе од две женски, на нив им припаѓаат две третини од тоа што го оставил, а ако е само една, нејзе ѝ припаѓа половина. А на родителите, на секој посебно му припаѓа шестина од тоа што го оставил, ако има дете. А ако нема дете, а го наследат само родителите, тогаш на неговата мајка ѝ припаѓа третина. А ако има браќа, тогаш на неговата мајка ѝ припаѓа шестина откако ќе се изврши пораката која ја оставил или откако ќе се подмири долгот. Вие не знаете кој ви е поблизок според користа, родителите ваши или синовите ваши. Тоа е Аллахова заповед! А Аллах, навистина, сè знае и Мудар е!
12. А вам ви припаѓа половина од тоа што ќе го остават сопругите ваши, ако немаат дете; а ако имаат дете, тогаш ви припаѓа четвртина од тоа што го оставиле откако ќе се изврши пораката која ја оставиле или откако ќе се подмири долгот. А ним им припаѓа четвртина од тоа што вие ќе го оставите, ако немате дете; а ако имате дете, ним им припаѓа осмина од тоа што сте го оставиле откако ќе се изврши пораката која ќе ја оставите или откако ќе се подмири долгот. А ако мажот или жената немаат ни родители ни дете, а имаат брат или сестра, тогаш секој од нив двајца ќе добие шестина; а ако бидат повеќе, тогаш заеднички ќе учествуваат во третината откако ќе се изврши пораката која е оставена или откако ќе се подмири долгот, не оштетувајќи никого со тоа. Тоа е порака од Аллах! А Аллах сè знае и Благ е.
13. Тоа се Аллаховите прописи, тој што им се покорува на Аллах и на Неговиот Пратеник, Тој ќе го воведе во џенетските градини, под кои реки течат и во кои вечно ќе остане. Тоа е голем успех!
14. А тој што нема да им биде покорен на Аллах и на Неговиот Пратеник, и што преку границите Негови ќе преминува, Тој ќе го фрли во Огнот во кој вечно ќе остане. Нему му припаѓа срамна казна!
15. Кога некоја од сопругите ваши ќе стори прељуба, побарајте против нив тоа да го посведочат четворица од вас, па ако посведочат, држете ги во куќите сè додека смртта не ги стигне или додека Аллах не им најде некој пат.
16. А ако, пак, двајцата тоа го направат, тогаш, прекорете ги, а ако се покајат и ако се поправат, тогаш, оставете ги на мира, бидејќи Аллах, навистина, ги прима покајанијата и Милостив е!
17. Аллах го прима покајанието само од тие што кога ќе сторат некое лошо дело од незнаење, а веднаш потоа ќе се покајат. На нив Аллах ќе им прости, а Аллах сè добро знае и Мудар е!
18. Залудно им е покајанието на тие коишто прават лоши дела сè додека не им се приближи смртта, па тогаш велат: „Сега навистина се каам!“, ниту пак за тие што ќе умрат како неверници. На нив болна казна им подготвивме!
19. О, верници, забрането ви е сопругите да ги наследувате (како предмети) без нивна желба и да им причинувате тешкотии со намера од нештата што им ги дарувавте за себе да си присвоите освен доколку сторат јасен грев. Со нив убаво живејте! А ако почувствувате непожелност кон нив, можно е да не сакате нешто во коешто Аллах дал големо добро!
20. Ако сакате едната сопруга да ја замeните со друга, и на едната од нив сте ѝ дале богати дарови, не земајте ништо од тоа. Зарем тоа со клевета да го земете и да направите очигледен грев?
21. Како би можеле тоа да ѝ го одземете, кога еден со друг сте биле интимни и кога тие од вас цврста обврска зеле?
22. И не женете се со жените со кои се женеле вашите татковци после тоа што било; тоа би бил разврат, гнасен и лош пат![98]
23. Ви се забрануваат: мајките ваши, и ќерките ваши, и сестрите ваши, и сестрите на татковците ваши, и сестрите на мајките ваши, и ќерките од браќата ваши и од сестрите ваши, и помајките ваши што ве доеле, и сестрите ваши по млеко, и мајките на жените ваши, и паштерките ваши кои се под ваша закрила од жените ваши со кои сте имале брачни односи, – но ако со нив не сте имале брачни односи, тогаш не правите грев! – и жените на вашите родени синови, и две сестри одеднаш да ожените, освен тоа што било претходно! Аллах навистина простува и Милостив е!
24. И мажените жени, освен тие што ќе ги заробите, што ви е Аллахов пропис! А останатите ви се дозволени, ако сакате венчални дарови да им дадете и со нив да се ожените, а не да правите блуд! А на сопругите ваши, со кои сте имале брачни односи, дадете им ги нивните венчални дарови како што е пропишано. И не правите грев ако по одредениот венчален дар, со нив се нагодите. Аллах, навистина, сè знае и Мудар е!
25. А тој меѓу вас кој не е доволно богат да се ожени со слободна верничка – ете му ги тие во ваша сопственост, робинките ваши, вернички – а Аллах најдобро знае какво е верувањето ваше – едни од други сте. И женете се со нив со согласност на сопственикот нивен, и дајте им ги венчалните дарови како што е вообичаено, ако се чедни, а не се прељубнички, ниту тајни љубовнички. А ако тие како мажени сторат блуд, нека бидат казнети со половична казна пропишана за слободните жени. Тоа е за тој од вас што се плаши од блуд, а подобро ви е да се воздржите, бидејќи Аллах простува и Милостив е!
26. Аллах сака да ви објасни и да ве упати на патиштата по кои одеа тие пред вас и да ви прости. А Аллах сè добро знае и Мудар е!
27. Аллах сака да ви прости, а тие кои по страстите свои се водат сакаат далеку од Вистинскиот пат да скршнете!
28. Аллах сака да ви олесни, а човекот е создаден како слабо суштество!
29. О, верници, не присвојувајте ги на недозволен начин имотите едни од други, освен со трговија и со заемна согласност, и самите себеси не се убивајте! Аллах е навистина Милостив кон вас!
30. Тој што тоа неправично и насилно ќе го стори, Ние во Огнот ќе го фрлиме, бидејќи тоа за Аллах е лесно.
31. Ако ги избегнувате големите гревови кои ви се забранети, Ние ќе ги покриеме вашите лоши дела и ќе ве воведеме во прекрасно место!
32. И не го посакувајте тоа со што Аллах некои од вас ги одликувал над останатите: на мажите им припаѓа награда за тоа што ќе го сторат, а на жените награда за тоа што тие ќе го сторат. И молете Го Аллах за Неговото изобилство! Аллах, навистина, сè добро знае!
33. За сè сме одредиле наследници за сето тоа што ќе го остават родителите и роднините. На тие со кои сте врзани со договор, дајте им го нивниот дел! Аллах е навистина сведок на сè!
34. Мажите се надредени над жените затоа што Аллах ги одликувал едните над другите и затоа што тие ги трошат имотите свои. Поради тоа честитите жени се послушни и за време на отсуството на сопругот го чуваат тоа што Аллах одредил да се чува. Тие за чијашто непослушност се плашите, посоветувајте ги, а потоа напуштете ги постелите нивни, па и удрете ги! Ако ви станат послушни, против нив ништо не правете! Аллах е навистина Возвишен и Голем!
35. А ако се плашите од раздор помеѓу нив двајца, тогаш испратете еден посредник од неговото, а еден посредник од нејзиното семејство. Ако тие сакаат помирување, Аллах ќе ги смири, бидејќи Аллах знае сè и е известен за сè!
36. И обожувајте Го Аллах и ништо не Му здружувајте! А на родителите правете им добро, и на роднините, и на сирачињата, и на сиромашните, и на блискиот сосед и на далечниот сосед, и на пријателот, и на патникот, и на тој што е во ваша сопственост! Аллах, навистина, не ги сака горделивите и фалбаџиите!
37. Тоа се тие кои се скржави и им заповедаат на другите да бидат скржави и кои го кријат тоа што Аллах од изобилството Свое им го дарил, а Ние на неверниците им подготвивме срамна казна!
38. И тие што ги трошат имотите свои за да се покажат пред луѓето, а во Аллах и во оној свет не веруваат! А на кого шејтанот му е пријател, тој му е лош пријател!
39. А што ќе им биде ако во Аллах и во Судниот ден веруваат и ако од тоа што Аллах им го дал даваат, кога Аллах за нив знае сè?
40. Аллах нема ни тронка неправда да стори. Тој доброто дело ќе го умножи и уште од Себе голема награда ќе даде!
فَكَيۡفَ إِذَا جِئۡنَا مِن كُلِّ أُمَّةِۭ بِشَهِيدٖ وَجِئۡنَا بِكَ عَلَىٰ هَٰٓؤُلَآءِ شَهِيدٗا [٤١]
41. А што ќе биде, кога од секој народ ќе доведеме сведок, а тебе ќе те доведеме како сведок против овие народи?
42. На тој ден тие што не веруваа и што против Пратеникот се креваа, ќе посакаат земјата над нив да е порамнета, а од Аллах нема да можат ниту еден збор да сокријат!
43. О, верници, не пристапувајте на намаз (молитва) пијани сè додека не бидете свесни што изговарате, ниту кога сте џунуб[99], освен ако сте на поминување[100], сè додека не се искапете. А ако сте болни, или сте на пат, или после извршена физиолошка потреба, или ако сте биле во допир со жените[101], а не најдете вода, тогаш со дланките чистата земја допрете ја и лицата ваши и рацете ваши допрете ги.[102] Аллах, навистина, поминува преку гревовите и простува!
44. Зарем не гледаш како тие на кои им е даден дел од Книгата ја купуваат заблудата и сакаат и вие од Вистинскиот пат да скршнете?
45. Аллах најдобро ги познава вашите непријатели; Аллах е доволен Заштитник и Аллах е доволен Помагач!
46. Од eвреите има такви кои ја извртуваат смислата на зборовите велејќи: „Слушаме, но не се покоруваме!“ и „Слушај, да не те чуеме!“ и „Раина“, превртувајќи со јазиците свои и хулејќи ја верата! А да кажат: „Слушаме и се покоруваме!“ и „Слушај!“ и „Погледни нè!“ – за нив би било подобро и поисправно! Но, поради неверувањето нивно Аллах ги проколна и малкумина од нив веруваат!
47. О, вие на кои ви е дадена Книгата, поверувајте во ова што го објавуваме потврдувајќи го тоа што веќе го имате, пред да ги избришеме цртите на лицето и пред да ги вратиме назад, или пред да ги проколнеме како што ги проколнавме тие кои не ја почитуваа саботата. А Аллаховата заповед мора да се изврши!
48. Аллах нема да прости ако нешто Му се здружува, а ќе прости сè освен тоа кому Тој сака! А тој што на Аллах Му припишува здруженик, тој прави клевета и голем грев.
49. Зарем не ги гледаш тие кои се сметаат себеси за чисти од гревови? Меѓутоа, Аллах чисти од гревови кого сака и никому нема, ни колку една тронка, неправда да му се направи.
50. Погледни како измислуваат лага за Аллах! А тоа за Аллах е доволно како јасен грев!
51. Зарем не гледаш како оние на кои им е даден еден дел од Книгата во киповите и во тагутот веруваат, а за незнабошците велат: „Тие се на поисправниот пат од верниците“.
52. Нив Аллах ги проколнал, а на тој кого Аллах го проколнал нема да му најдеш никој кој би му помогнал!
53. Дали можеби тие имаат некаков удел во власта! А кога тие би имале каков било удел во власта, на луѓето ништо не би им дале
54. и дали им завидуваат на луѓето на кои Аллах од изобилието Свое им дарил. А Ние на Ибрахимовите потомци Книга и мудрост им дадовме, и голема власт им подаривме!
55. Па имаше од тие што веруваа, а имаше и такви што од тоа одвраќаа! А Џехенемот им е доволен како оган вжарен!
56. Тие што не веруваат во Доказите Наши Ние, сигурно, во оган ќе ги фрлиме, па кога кожите ќе им се испечат, ќе им ги замениме со други кожи, за да ја осетат вистинската казна! А Аллах е Силниот и Мудриот!
57. А тие што веруваат и што прават добри дела, Ние ќе ги воведеме во џенетските градини под кои реки течат. Таму вечно ќе останат и во нив чисти жени ќе имаат, и во дебела ладовина ќе ги внесеме.
58. Аллах ви наредува доверените работи да им ги дадете на тие што се способни, а кога на луѓето им судите – праведно да судите. Аллаховиот совет навистина е прекрасен и Аллах навистина сè слуша и сè гледа.
59. О, верници, покорувајте Му се на Аллах и покорувајте му се на Пратеникот и на вашите претпоставени. А ако не се сложувате во нешто, обратете им се на Аллах и на Пратеникот, ако верувате во Аллах и во оној свет! Тоа е подобро и последиците се поубави.
60. Зарем не ги гледаш тие што тврдат дека веруваат во тоа што ти се објавува тебе и во тоа што е објавено пред тебе, како сакаат пред тагутот да им се суди, иако им е наредено да не веруваат во него? А шејтанот сака само во голема заблуда да ги наведе!
61. И кога ќе им се каже: „Прифатете го тоа што Аллах ви го објавува и прифатете го Пратеникот!“ – ги гледаш лицемерите како од тебе сосема се свртуваат.
62. А што ли ќе биде кога ќе ги погоди некаква неволја поради делата на рацете нивни, па ќе ти дојдат колнејќи се во Аллах: „Ние само сакавме да сториме добрина и среќа.“
63. Аллах добро знае што има во срцата нивни, затоа ти не осврнувај се на нивните зборови и советувај ги, и кажи им го тоа што ќе ги трогне.
64. А Ние ниту еден Пратеник не испративме, освен за да му се покорувате со Аллаховото одобрение. А да ти дојдат кога самите себеси насилство ќе си сторат и да Го замолат Аллах да им прости, па и Пратеникот да замоли за нив, ќе видат дека Аллах, навистина, го прима покајанието и дека е Милостив!
65. И се колнам во Господарот твој, тие нема да бидат верници сè додека во меѓусебните спорови за судија тебе не те прифатат, а потоа во душите свои ни малку тешкотија да не почувствуваат за тоа што си го одредил и додека сосема не се покорат.
66. А да им пропишавме Ние: „Самите себеси убивајте се!“ или „Иселете се од родните места!“, малкумина од нив би го сториле тоа! А кога би постапиле така како што им се советува, би им било подобро и би биле поцврсти во верата!
67. И тогаш Ние, сигурно, голема награда би им дале
68. и на Правиот пат би ги упатиле!
69. Тие што им се покорни на Аллах и на Пратеникот, ќе бидат во друштвото со оние на кои Аллах Своите благодати им ги дарил: веровесниците, праведниците, шехидите и добрите луѓе. А тоа е прекрасно друштво!
70. Таа благодат е од Аллах, а доволно е тоа што Аллах сè знае!
71. О, верници, бидете внимателни и во борба одете во групи или сите одеднаш!
72. Меѓу вас има и такви кои сигурно ќе се колебаат, и кои, ако ве погоди некаква неволја, ќе кажат: „Аллах милоста Своја ми ја укажал што не бев со нив!“
73. А ако ви се случи добро од Аллах, тој сигурно, како меѓу вас и него да немало никакво пријателство, ќе рече: „Камо среќа да бев со нив, голем плен ќе добиев!“
74. Па затоа на Аллаховиот пат нека се борат верниците против тие што животот на овој свет го купуваат за оној свет, бидејќи кој ќе се бори на Аллаховиот пат, па макар да загине или победи, Ние сигурно со голема награда ќе го наградиме!
75. Што ви е, зошто не се борите на Аллаховиот пат за немоќните, мажите, жените и децата кои велат: „Господару наш, избави нè од овој град чиишто жители се насилници, одреди ни од Тебе заштитник и дај ни од Тебе помагач!“
76. Верниците се борат на Аллаховиот пат, а неверниците на патот на тагутот. Затоа борете се против шејтановите штитеници, бидејќи шејтановото лукавство е навистина слабо!
77. Зарем не ги виде тие на коишто им беше речено: „Подалеку од борба, туку намаз (молитва) извршувајте и зекат давајте!“ А кога им се пропиша борба,[103] одеднаш некои од нив се уплашија од луѓето, како што се плашат од Аллах, или уште повеќе, и рекоа: „Господару наш, зошто ни пропиша борба? Барем да ни го одложеше тоа на одредено време!“ Кажи: „Уживањето на овој свет е кратко, а оној свет е подобар за богобојазливите!“ А никому од вас нема неправда да му се стори!
78. Каде и да сте, смртта ќе ве стигне, па дури да сте и во кулите високи! Ако ги снајде нешто добро, тие велат: „Ова е од Аллах!“, а ако ги снајде нешто лошо, велат: „Ова е од тебе!“ Кажи: „Сè е од Аллах!“ Па што им е на овие луѓе?! Како да не разбираат што им се зборува!
79. Доброто кое ќе ти се случи е од Аллах, а лошото кое ќе те снајде е од тебе! Ние те испративме како пратеник на сите луѓе, а Аллах е доволен сведок!
80. Кој ќе му се покори на Пратеникот, Му се покорил и на Аллах; а кој главата ќе ја сврти, па Ние не те пративме да им бидеш чувар!
81. Лицемерите велат: „Се покоруваме!“, а кога ќе се тргнат од тебе, тогаш некои од нив во ноќта смислуваат нешто спротивно на тоа што ти го зборуваш! Аллах го запишува тоа што тие ноќе го смислуваат. Ти сврти се од нив и потпри се на Аллах, бидејќи Аллах е доволен како Заштитник!
82. А зошто тие не го проучуваат Куранот? Бидејќи, да е од некој друг, а не од Аллах, тие во него би нашле многу противречности!
83. Кога ќе им дојде нешто што се однесува до безбедноста или стравот, тие тоа го разгласуваат. А да го препуштат тоа на Пратеникот или на претпоставените свои, тоа сигурно од нив би го дознале тие што тоа го испитуваат. А да не е Аллаховата добрина кон вас и милоста Негова, вие сигурно, освен малкумина, шејтанот би го следеле!
84. Затоа бори се на Аллаховиот пат, не задолжувајќи никого освен себеси, а верниците поттикнувај ги! Можеби Аллах ќе ја сопре силата на неверниците, бидејќи Аллах е посилен и казните Негови се построги!
85. Кој ќе се залага за добро, и тој ќе има удел во тоа, а кој ќе се зазема за зло, и тој ќе има удел во тоа. А Аллах бдее над сè.
86. Кога со поздрав ќе бидете поздравени, со поубав од него отпоздравете, или поздравот возвратете го, бидејќи Аллах навистина сè пресметува!
87. Аллах, освен Кого друг бог нема, сигурно ќе ве собере на Судниот ден, во тоа воопшто нема сомнеж! А чиј говор е повистинит од Аллаховиот?
88. Зошто се раздвојувате кога се во прашање лицемерите кои Аллах ги врати во неверство поради тоа што самите го заслужиле! Зарем сакате на Вистинскиот пат да ги упатите тие кои Аллах во заблуда ги оставил? А кого Аллах ќе го заблуди, ти нема да му го најдеш Патот.
89. Тие би сакале и вие да не верувате како што тие не веруваат, па да бидете еднакви. Затоа не прифаќајте ги како пријатели додека не се иселат заради Аллах! А ако го свртат грбот, тогаш фаќајте ги и убивајте ги каде и да ги најдете, и ниту еден од нив како пријател и помагач не прифаќајте!
90. Освен тие што ќе се засолнат кај некое племе со кое вие имате договор, или тие што ќе дојдат кај вас, бидејќи им е тешко да се борат против вас и против родот свој. А да сака Аллах, би ги свртел против вас, па тие би се бореле против вас! Ако тие ве остават на мира и не се борат против вас, туку ви понудат мир, тогаш Аллах не ви дава пат против нив.
91. Вие ќе наидувате и на тие кои сакаат да бидат безбедни и од вас и од народот свој, па кога и да бидат повикани во идолопоклонство, тие се враќаат во претходната состојба! Ако тие не се тргнат од вас и не ви понудат мир и ако не престанат да војуваат против вас, тогаш фаќајте ги и убивајте ги каде и да ги стигнете. Ние против нив ќе ви дадеме јасен доказ!
92. Верник не може да убие верник освен само по грешка, а кој убие верник по грешка, тој мора да ослободи од ропство еден роб верник, и да предаде крвнина на неговото семејство, освен ако тие му ја простат. Ако тој припаѓа на народ кој е ваш непријател, а верник е, тој мора да ослободи еден роб верник! А ако припаѓа на народ со кој сте во сојуз, мора да даде крвнина на неговото семејство и да ослободи од ропство еден роб верник. Доколку не најде, мора да пости два месеца еден по друг, покајувајќи Му се на Аллах! А Аллах сè знае и Мудар е!
93. Тој што намерно ќе убие верник, казната му е Џехенемот во кој вечно ќе остане! Аллах врз него гневот Свој ќе го спушти и ќе го проколне и голема казна ќе му подготви!
94. О, верници, кога ќе појдете во борба на Аллаховиот пат, сè добро проверете и на тој што ќе ве поздрави со селам[104] не велете: „Ти не си верник!“ – копнеејќи по минливите добра на овој свет, бидејќи кај Аллах има добра во изобилство! И вие бевте такви претходно, па Аллах ви ја подари Својата милост! Затоа, сè добро проверете, зашто Аллах е навистина известен за тоа што го правите!
95. Верниците кои не се борат, освен тие што се неспособни за борба, не се еднакви со тие кои на Аллаховиот пат се борат со имотите свои и со животите свои! Тие што се борат вложувајќи ги имотите свои и животите свои Аллах ги одликувал за степен над тие што не се борат, и Аллах на сите им ветува убава награда! Аллах ги одликувал борците над тие што не се борат со голема награда!
96. Од Него се степените, прошката и милоста, зашто Аллах простува и Милостив е!
97. Кога мелеците ќе им ги земаат душите на грешниците, ќе прашаат: „Што се случило со вас?“ „Бевме немоќни на Земјата!“ – ќе одговорат. „Зарем Аллаховата Земја не е пространа и зарем не можевте некаде да се иселите?“ – ќе им кажат тие. Затоа нивното престојувалиште ќе биде Џехенемот, а тој е ужасно живеалиште!
98. Освен за немоќните мажи, жени и деца, кои не можат да се снајдат и не можат да пронајдат излез.
99. За нив има надеж Аллах да им прости, бидејќи Аллах ги прекрива гревовите и простува!
100. Тој што ќе се исели на Аллаховиот пат, ќе најде многу места и изобилства на Земјата. А тој што ќе го напушти својот роден крај поради Аллах и Пратеникот Негов, па го стигне смртта, ќе добие награда од Аллах! Аллах многу простува и Милостив е!
101. Немате грев ако намазот (молитвата) го скратите кога сте на пат, и кога се плашите дека неверниците некакво зло ќе ви сторат, бидејќи неверниците ви се навистина отворени непријатели.
102. Кога ти ќе бидеш меѓу нив и со нив намаз (молитва) ќе извршуваш, една група нека клања со тебе и своето оружје нека го земе: и додека бидат на сеџда, другите нека бидат зад вас, а потоа нека дојде другата група која не клањала и со тебе нека клањаат, но нека го држат оружјето свое и нека бидат внимателни! Неверниците едвај чекаат вие да го занемарите оружјето и орудието ваше, па на вас сите одеднаш да навалат! А ако ви пречи дождот или пак ако бидете болни, не правите грев ако го положите оружјето свое, со тоа што ќе бидете внимателни! Аллах на неверниците срамно страдање им подготвил!
103. А кога намазот (молитвата) ќе го завршите, Аллах спомнувајте Го, и стоејќи и седејќи и лежејќи. А кога ќе бидете безбедни, намазот во потполност извршувајте го, бидејќи на верниците им е пропишано во одредени временски интервали намазот да го извршуваат.
104. Немојте да се истоштувате трагајќи по непријателот: ако вие трпите болка, и тие трпат болка како вас, а вие уште од Аллах се надевате на тоа на што тие не се надеваат! А Аллах сè знае и Мудар е!
105. Ние тебе ти ја објавуваме Книгата со Вистината, за на луѓето да им судиш така како што Аллах ти покажува и не биди бранител на измамниците,[105]
106. и замоли прошка од Аллах, бидејќи Аллах, навистина, простува и Милостив е!
107. И не заземај се за тие кои самите себеси се издаваат, бидејќи Аллах, навистина, не го сака тој што е предавник и грешник!
108. Тие се кријат од луѓето, но не можат да се скријат од Аллах, а Тој е со нив кога во ноќта смислуваат зборови со кои Тој не е задоволен! Аллах навистина го опфаќа сето тоа што тие го прават!
109. Ете, вие се заземате за нив во животот на овој свет, а кој ќе се зазема за нив пред Аллах на Судниот ден, или кој ќе им биде застапник?!
110. А кој ќе стори некакво зло или кон себе ќе згреши, па потоа ќе Го замоли Аллах да му прости – ќе види дека Аллах простува и дека е Милостив!
111. Тој што ќе стори грев, на своја штета го сторил, бидејќи Аллах сè знае и Мудар е.
112. А кој некаков престап или грев ќе стори, а потоа на недолжен човек го префрли, на себеси си натоварил клетва и очигледен грев!
113. Да не е Аллаховата добрина и Неговата милост спрема тебе, една група од нив би настојувала да те заведе, но тие само себеси се заведуваат, тебе не можат ни малку да ти наштетат! Тебе Аллах ти објавува Книга и мудрост и те учи за тоа што не си го знаел, бидејќи Аллаховата добрина кон тебе е голема!
114. Нема добро во многуте нивни тајни разговори, освен кога бараат милостина да се дава или добри дела да се прават или пак мир меѓу луѓето да се воспостави. А кој тоа го прави со желба Аллаховото задоволство да го стекне, Ние голема награда ќе му дадеме!
115. Тој што ќе му се спротивстави на Пратеникот откако јасно ќе му се покаже Вистинскиот пат, и го следи патот кој не е патот на верниците, ќе го пуштиме да прави што наумил, и во Џехенемот ќе го фрлиме, а тоа е ужасно живеалиште!
116. Аллах, навистина, нема да прости некој да Му се здружува, а кому сака ќе прости сè освен тоа. А далеку заталкал тој што на Аллах Му припишува здруженик.
117. Тие, покрај Аллах, на женски кипови им се клањаат, а не му се клањаат на никој друг туку на шејтанот – бунтовникот!
118. Аллах го проколна, а тој рече: „Јас сигурно ќе преземам за себе одреден број од Твоите робови!
119. И сигурно ќе ги наведувам во заблуда, и сигурно со лажни надежи ќе ги примамувам, и сигурно ќе им заповедам да ги кратат ушите на добитокот, и ќе им наредам Аллаховите созданија да ги менуваат!“ А кој ќе го прифати шејтанот, наместо Аллах, за заштитник, тој навистина ќе пропадне!
120. Тој им ветува и со лажни надежи ги мами! А тоа што шејтанот им го ветува е само измама!
121. Нивно престојувалиште ќе биде Џехенемот и тие нема да најдат спас од него!
122. Тие што веруваат и прават добри дела ќе ги воведеме во џенетски градини, под кои реки течат, и во кои вечно ќе останат! Аллаховото ветување е вистинито, а чии зборови се повистинити од Аллаховите?!
123. Тоа нема да биде ни според вашите желби ниту според желбите на следбениците на Книгата; тој што ќе прави зло ќе биде казнет за тоа и нема да најде, освен Аллах, ни заштитник ни помошник,
124. а тој што прави добро, било да е маж или жена, а верник е, ќе влезе во Џенетот и нема да му се направи неправда.
125. Кој има подобра вера од тој што Му го предал своето лице на Аллах, а добродетел е и ја следи верата на Ибрахим чинејќи, уште, и добри дела, и кој ја следи верата Ибрахимова, верата чиста? А Аллах го зеде Ибрахим за пријател.
126. Аллахово е сè што е на небесата и тоа што е на Земјата. А Аллах опфаќа сè.
127. Тие од тебе бараат прописи за жените. Кажи: „Аллах ќе ви ги објасни прописите за нив и за тоа што ви се чита во Книгата за сирачките, на кои им го ускратувате тоа што им е пропишано,[106] а не сакате со нив да се ожените, и за немоќните деца, и за тоа дека со сирачињата треба праведно да постапувате. А Аллах сигурно знае за доброто што ќе го сторите!“
128. Ако некоја жена се плаши од суровоста и безобѕирноста од мажот, тогаш тие нема да се огрешат доколку меѓусебно се договорат; а договорот е најдобар. А душите на луѓето се склони кон алчност! И ако вие убаво постапувате и од Аллах се плашите – па, Аллах добро го знае тоа што го правите!
129. Вие нема да можете кон сопругите свои потполно еднакво да постапувате, колку и да го сакате тоа. Но не допуштајте си себеси таква наклонетост кон некоја, па некоја да оставите како да е без сопруг, а неразведена. А ако вие се поправите и се плашите од Аллах, па, Аллах, навистина, простува и Милостив е!
130. А ако тие двајца сепак се разведат, Аллах, од изобилството Свое, независни ќе ги стори. Аллах е неизмерно Добар и Мудар!
131. Аллахово е тоа што е на небесата и тоа што е на Земјата. Ние, на тие на кои им е дадена Книгата пред вас, а и на вас, ви заповедавме да се плашите од Аллах! А ако нема да верувате, па, навистина, Аллахово е тоа што е на небесата и тоа што е на Земјата, Аллах не е зависен од никого и Тој е Достојниот за благодарност!
132. Аллахово е тоа што е на небесата и тоа што е на Земјата, и Аллах е доволен како управител.
133. Ако Тој сака вас ќе ве искорени, о, луѓе, а други ќе донесе. Тој е способен тоа да го стори!
134. Тој што сака награда на овој свет, па, кај Аллах е наградата и за овој и за оној свет, а Аллах сè слуша и сè гледа.
135. О, верници, секогаш бидете праведни, сведочете поради Аллах, па дури и против вас самите или против родителите и роднините! Било да е тој за кого сведочите богат или сиромашен, па Аллахово е да се грижи за нив! Затоа, не следете ги страстите, за да не бидете неправедни! А ако лажно сведочите или сведочењето го избегнувате, па, Аллах, навистина, знае што правите!
136. О, верници, верувајте во Аллах и во Пратеникот Негов, и во Книгата која Тој на Својот Пратеник му ја објавува и во Книгите кои претходно ги објавил. А тој што нема да верува во Аллах, и во мелеците Негови, и во Книгите Негови, и во Пратениците Негови, и во оној свет, тој далеку заталкал!
137. На тие што биле верници, а потоа станале неверници, па повторно станале верници и потоа пак станале неверници, и неверувањето го зголемиле, Аллах навистина нема да им прости и на Вистинскиот пат нема да ги изведе!
138. Навести им болно страдање на лицемерите,
139. кои пријателуваат со неверниците, а не со верниците! Зарем кај нив бараат моќ, а сета моќ Му припаѓа само на Аллах?
140. Тој во Книгата веќе ви објави: „Кога ќе чуете дека Аллаховите зборови ги негираат и ги исмејуваат, не седете со таквите сè додека не ги променат зборовите, инаку, ќе бидете како нив!“ Аллах, сигурно, во Џехенемот заедно ќе ги здружи лицемерите и неверниците,
141. тие кои исчекуваат што ќе биде со вас. Па ако Аллах ви подари победа, тие ќе речат: „Зарем не бевме со вас?“, а ако среќата ги послужи неверниците, тогаш на нив им велат: „Зарем не можевме да ве победиме и зарем не ве одбранивме од верниците?“ На Судниот ден Аллах на сите ќе ви пресуди! А Аллах нема да им даде прилика на неверниците да ги уништат верниците!
142. Лицемерите настојуваат да го измамат Аллах, а Тој ќе ги надмудри. Кога стануваат намазот (молитвата) да го извршат, мрзеливо стануваат и тоа само за да се прикажат пред светот, а Аллах само малку Го спомнуваат;
143. се колебаат кому да се приклонат, дали на овие или на оние. А кого Аллах ќе го заблуди, тој нема да најде пат кон упатството.
144. О, верници, не пријателувајте со неверниците наместо со верниците! Зарем сакате да Му пружите на Аллах очигледен доказ против себе?
145. Лицемерите на самото дно на Џехенемот ќе бидат и ти нема да им најдеш помагач.
146. Освен тие кои ќе се покајат и ќе се поправат и кои цврсто Аллах ќе Го прифатат и верата своја во Аллах искрено ќе ја манифестираат. Тие ќе бидат со верниците, а Аллах на верниците, сигурно, голема награда ќе им даде!
147. Зошто Аллах би ве казнувал ако сте благодарни и ако верувате? Аллах е Тој што со благодати возвраќа и е Сезнаен!
148. Аллах не сака за злото гласно да се зборува, тоа му е дозволено само на тој што му е сторена неправда. А Аллах сè слуша и сè знае.
149. Сeедно дали вие доброто дело ќе го направите јавно или ќе го скриете, или неправдата ќе ја простите – па и Аллах многу простува и може сè.
150. Тие што не веруваат во Аллах и во Пратениците Негови и сакаат помеѓу Аллах и Пратениците Негови разлика во верувањето да направат, велат: „Во некои веруваме, а во некои не веруваме“, и сакаат помеѓу тие две некаков пат да изнајдат –
151. тие навистина се вистински неверници; а Ние на неверниците им подготвивме срамно страдање!
152. А тие што во Аллах и во пратениците Негови веруваат и ниту еден од нив не издвојуваат, Тој, сигурно, ќе ги награди. А Аллах простува и Милостив е!
153. Следбениците на Книгата бараат од тебе од небото да им спуштиш Книга. Па, од Муса бараа и повеќе од тоа, кога рекоа: „Покажи ни Го Аллах!“ Затоа, поради неправдата нивна, молња ги зашемети. Потоа, кога им беа покажани очигледни докази, телето за божество го прифатија, но и тоа го простивме, а на Муса очигледен доказ му дадовме,
154. и над нив планина кренавме, поради заветот кој го дадоа, и им рековме: „На портата со наведнати глави влезете!“ – и уште им рековме: „И за саботата не грешете!“ – и од нив цврсто ветување зедовме.
155. Но затоа што заветот го прекршија и затоа што во Аллаховите докази не поверуваа, што без причина веровесниците ги убиваа и што говореа: „Нашите срца се во обвивка!“ Аллах, поради нивното неверување, срцата им ги запечати, па само мал број од нив веруваат.
156. И поради неверувањето нивно и поради изнесување тешки клевети врз Мерјем.
157. И поради зборовите нивни: „Ние го убивме Месих, Иса, синот Мерјемин, Аллаховиот Пратеник.“ А ниту го убија ниту го распнаа, туку само им се причини! Тие што не се согласуваа во мислењата за него, тие за тоа само се сомневаа; за тоа ништо сигурно не знаеја, само нагаѓаа; а сигурно е дека не го убија,
158. туку Аллах го воздигна кон Себе! А Аллах е Силен и Мудар.
159. И нема ниту еден следбеник на Книгата кој нема да поверува во него како што треба, пред неговата (Исаовата) смрт, а на Судниот ден тој против нив ќе сведочи.
160. И поради тешкото насилство на eвреите, Ние некои убави јадења кои им беа дозволени им ги забранивме, и поради тоа што многумина од Аллаховиот пат одвраќаа.
161. И затоа што земаа камата, а им беше забранета, и затоа што туѓите имоти на недозволен начин ги трошеа. А за неверниците меѓу нив, Ние болна казна подготвивме!
162. Но тие меѓу нив кои се сосема упатени во науката, и верниците кои веруваат во тоа што ти се објавува тебе и во тоа што е објавено пред тебе, особено тие што намазот (молитвата) го извршуваат и тие што зекат даваат и во Аллах и во оној свет веруваат, на нив сигурно голема награда ќе им дадеме!
163. Ние ти објавуваме тебе како што му објавувавме на Нух и на веровесниците по него, а му објавивме и на Ибрахим, и на Исмаил, и на Исхак, и на Јакуб и на внуците, и на Иса, и на Ејуб[107], и на Јунус[108], и на Харун, и на Сулејман, а на Давуд му го дадовме Зебурот[109],
164. и пративме Пратеници за кои претходно ти кажувавме и Пратеници за кои не ти кажавме. А Аллах, сигурно, разговараше со Муса.
165. Пративме Пратеници кои радосни вести и опомени донесуваа, за луѓето, после Пратеникот, никакво оправдување пред Аллах да немаат. А Аллах е Силен и Мудар!
166. Аллах сведочи дека е вистина тоа што ти го објавува, го објавува со Своето знаење, а и мелеците сведочат. А Аллах е доволен како сведок.
167. Тие коишто не веруваат и кои другите од Аллаховиот пат ги одвраќаат, далеку заталкале!
168. На тие кои не веруваат и кои чинат неправда, Аллах, навистина, нема да им прости и нема да ги упати на патот,
169. освен патот кон Џехенемот, во кој вечно и засекогаш ќе останат! Тоа на Аллах Му е лесно.
170. О, луѓе, Пратеникот веќе ви ја донесе Вистината од Господарот ваш; затоа верувајте – подобро е за вас! А ако не верувате, па Аллахово е тоа што е на небесата и на Земјата, и Аллах сè знае и Мудар е!
171. О, следбеници на Книгата, не застранувајте во своето верување и за Аллах зборувајте ја само вистината! Месих, Иса, синот Мерјемин, е само Аллахов Пратеник, создаден е со Зборот Негов кој на Мерјем ѝ го достави, и живот му даде; затоа верувајте во Аллах и во Неговите Пратеници и не велете: „Тројца се!“ Престанете, подобро е за вас! Аллах е само еден Бог, славен нека е Тој, зарем Тој да има дете?! Негово е тоа што е на небесата и тоа што е на Земјата, и Аллах е доволен сведок.
172. На Месих нема да му биде одбивно да признае дека е Аллахов роб, а ниту на мелеците, Нему најблиските. А тие на кои им е одбивно Нему да Му робуваат, и тие коишто ќе бидат вообразени, Аллах сите пред Себе ќе ги собере.
173. Верниците кои правеле добри дела Тој според заслугата ќе ги награди, и уште, од изобилството Свое, повеќе ќе им даде; а тие коишто биле одбивни и вообразени – на неподносливи маки ќе ги стави и тие нема да најдат, освен Аллах, ни заштитник ни помагач!
174. О, луѓе, Доказот од Господарот ваш веќе ви стигна и Ние ви ја објавивме Јасната Светлина!
175. Тие што во Аллах ќе веруваат и цврсто до Него ќе се придржуваат, Тој сигурно во Својата милост и благодат ќе ги воведе, и на Правиот пат кон Себе ќе ги упати!
176. Тие од тебе бараат толкување. Кажи: „Аллах ќе ви го каже прописотза келала: ако некој умре, а нема дете, но има сестра, нејзе ѝ припаѓа половина од неговото наследство, а тој ќе ја наследи неа ако таа нема дете; а ако се две сестри, на нив им припаѓаат две третини од неговото наследство. А ако се браќа и сестри, тогаш на машкото му припаѓа колку на две женски.“ Тоа Аллах ви го објаснува за да не заталкате. А Аллах знае сè!