The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesThe Forgiver [Ghafir] - Macedonian Translation
Surah The Forgiver [Ghafir] Ayah 85 Location Maccah Number 40
1. Ха-мим!
2. Објавувањето на Книгата е од Аллах, Силниот и Сезнајниот,
3. Кој ги простува гревовите и го прима покајанието, Кој страшно казнува и обилно наградува; друг бог освен Него нема, кај Него сè се враќа.
4. За Аллaховите ајети расправаат само тие што не веруваат, па нека не те залажува тоа што тие по светот се движат.
5. И Нуховиот народ уште пред нив негираше, а и групите по него. Секој народ настојуваше да досегне до својот пратеник и се трудеше со невистина да ја загуши Вистината, па Јас го казнував – а каква само беше казната Моја!
6. И така зборот на Господарот твој ќе се исполни, дека тие што не сакаа да веруваат – жители на Огнот ќе бидат.
7. Мелеците кои го носат престолот и тие што се околу него Го величаат и Го фалат Господарот свој и веруваат во Него и се молат гревовите на верниците да им бидат простени: „Господару наш, Ти со милоста и со знаењето опфаќаш сè; затоа прости им на тие што Ти се покајаа и кои го следат Твојот пат и сочувај ги од страдањето во Огнот!
8. Господару наш, воведи ги во еденските градини, кои им ги вети, и предците нивни и жените нивни и потомството нивно – тие што беа добри; Ти си, навистина, Силен и Мудар.
9. И поштеди ги од казната за лошите дела, бидејќи кого Ти тој Ден ќе го поштедиш од казната за лошите дела – Ти си му се смилувал, а тоа, навистина, ќе биде голем успех!“
10. На тие што не верувале ќе им се викне: „Аллаховиот презир кон вас кога бевте повикани да верувате, а останавте неверници, беше навистина поголем од вашиот презир сега кон самите себеси.“
11. „Господару наш!“ – ќе речат тие – „Двапати нè усмрти и двапати нè оживеа; ние ги признаваме гревовите наши, па има ли некаков излез (од казнава)?“
12. Тоа ви е затоа што не верувавте кога се повикуваше во Единиот Аллах, а верувавте во политеизмот! Пресудата Му припаѓа само на Аллах, Возвишениот и Големиот.“
13. Тој ви ги покажува доказите Свои и ви спушта снабдување од небото, а поуката ќе ја прифати само тој што Нему Му се обраќа.
14. Затоа молете Го Аллах, искрено исповедувајќи Му ја верата – па макар тоа и да го мразат неверниците.
15. Тој дарува високи степени на верниците, Господар на Аршот Кој го испраќа Џибрил со одредбата Своја – кому сака од робовите Свои, да ги опомене за Денот на меѓусебната средба,
16. на Денот кога тие ќе се појават, кога на Аллах нема за нив ништо скриено да Му биде. Кому му припаѓа власта денес? – На Аллах, Единиот, над сè Надмоќниот.
17. Тој Ден секој човек според заслугата казнет или награден ќе биде; тој Ден нема да има неправда! Аллах, навистина, брзо ќе пресмета.
18. И опомени ги за Блискиот ден, кога срцето до гркланот ќе допре и ќе се попречи, кога насилниците нема да имаат ни близок пријател, ни посредник, кој ќе биде чуен.
19. Тој ги знае погледите кои во тоа што е забрането скришно гледаат, а и тоа што во градите го кријат;
20. Аллах според правдата ќе пресуди, а тие на кои што, покрај Него, им се молат – нема да судат според ништо. Аллах, навистина, сè слуша и сè гледа.
21. Зошто тие не патуваат по Земјата, па да видат каков им бил крајот на тие пред нив? Беа помоќни од нив и повеќе траги оставија на Земјата, но Аллах, поради гревовите нивни, ги казни и никој од Аллаховата казна не ги заштити.
22. Аллах ги казни затоа што ги негираа јасните докази кои Пратениците нивни им ги носеа; Тој, навистина, е Моќен, Тој жестоко казнува.
23. Ние го испративме Муса со знаците Наши и со јасен доказ
24. до фараонот и до Хаман и до Карун, но тие рекоа: „Маѓепсник и лажливец!“
25. А кога тој им ја донесе Вистината од Нас, рекоа: „Убивајте ги машките деца на тие што веруваат со него, а оставајте ги во живот нивните женски деца!“ – Но лукавствата на неверниците секогаш се залудни.
26. „Оставете ме мене“ – рече фараонот – „да го убијам Муса, а тој нека бара помош од Господарот свој, бидејќи се плашам тој верата ваша да не ви ја измени или на Земјата неред да не предизвика.“
27. Муса рече: „Го молам Господарот свој и Господарот ваш да ме заштити од секој вообразеник кој не верува во Денот во кој сметката ќе се полага!“
28. А еден човек, верник, од семејството на фараонот, кој го криеше верувањето свое, рече: „Зарем да го убиете човекот затоа што вели: „Мојот Господар е Аллах!“, а ви донесе јасни докази од Господарот ваш? Ако е лажливец, неговата лага нему ќе му наштети, а ако ја говори вистината, тогаш ќе ве стигне барем нешто од тоа што ви се ветува; Навистина Аллах нема да го упати на Вистинскиот пат тој што претерува во зло и кој многу лаже.
29. „О, народе мој, денес вам ви припаѓа власта и вие доминирате во земјата, па кој ќе нè одбрани од Аллаховата казна ако таа нè стигне?“ А фараонот рече: „Ве советувам како што мислам, а само на вистинскиот пат ќе ве упатам.“
30. А тогаш верникот рече: „О народе мој, се плашам да не ве стигне и вас тоа што ги стигна народите кои против Пратениците ковале заговори,
31. како што беше со народот на Нух и на Ад и на Семуд, и на тие по нив. – А Аллах не е неправеден кон робовите Свои.
32. О, народе мој, јас се плашам што ќе биде со вас на Денот кога едни со други ќе се довикувате[235],
33. на Денот кога со свртени грбови ќе бегате, кога од Аллах нема да може никој да ве заштити. А кого Аллах ќе го заблуди, нема кој да го упати.
34. Јусуф, уште одамна, ви носеше јасни докази, но вие постојано се сомневавте во тоа што ви го донесе. А кога тој умре, вие рековте: „Аллах по него веќе нема да испрати Пратеник!“ Ете така Аллах ги заблудува тие што во злото претеруваат и кои се сомневаат,
35. тие што расправаат за Аллаховите знаци, иако никаков доказ не им дошол. Расправањето е многу презрено кај Аллах и кај тие што веруваат. – Така Аллах го запечатува срцето на секој вообразен насилник.
36. „О, Хамане,“ – рече фараонот – „изгради ми една кула за да стигнам до патеките,
37. патеките небески, за да се искачам до Мусаовиот Бог, а јас сметам дека тој навистина е лажливец.“ И ете така на фараонот неговите лоши дела му се сторија убави и тој беше одвратен од Вистинскиот пат, а лукавството на фараонот заврши на негова штета.
38. И тогаш верникот рече: „О народе мој, мене следете ме, јас ќе ве упатам на Вистинскиот пат!“
39. О, народе мој, животот на овој свет е само минливо уживање, а оној свет е навистина вечната Куќа.
40. Кој ќе стори зло, соодветно ќе биде казнет, а кој ќе стори добро – било маж или жена, а верник е – во Џенетот ќе влезе; во него сè ќе имаат во изобилство, без сметка.
41. О, народе мој! Што е ова? Јас ве повикувам да ве спасам, а вие мене ме повикувате во огнот;
42. ме повикувате да не верувам во Аллах и да прифатам некого за кого баш ништо не знам Нему за рамен, а јас ве повикувам кон Силниот, кон Тој што многу простува.
43. Нема ни малку сомнеж во тоа дека тоа кон кое ме повикувате нема никому, ни на овој ни на оној свет, да му се одѕвие и дека кај Аллах сите ќе се вратиме, и дека расипниците ќе бидат жители на огнот.
44. Ќе се сеќавате на ова што ви го кажувам! А јас на Аллах Му го препуштам мојот случај; Аллах, навистина, робовите Свои ги гледа.“
45. И Аллах го сочува од неволјата која тие му ја приредија, а фараоновите следбеници злострадание ги снајде.
46. Тие и наутро и навечер во огнот ќе се пржат, а кога ќе настапи Часот: „Воведете ги фараоновите луѓе во најтешкото страдање!“
47. И кога во Огнот ќе се препираат, па тие што беа потчинети ќе им речат на водачите свои: „Ние по вас се поведовме, можете ли барем малку од огнот да нè ослободите?“
48. Тогаш водачите ќе речат: „Еве нè и нас, и ние сме во него! Аллах им пресуди на робовите Свои.“
49. А тие што ќе бидат во огнот ќе им зборуваат на стражарите на Џехенемот: „Замолете Го Господарот свој барем на еден ден страдањето да ни го ублажи!“
50. „А зарем Пратениците ваши не ви носеа јасни докази? – ќе запрашаат тие. – „Да, носеа!“ – ќе одговорат. – „Молете тогаш!“ – ќе речат тие. Но молбата на тие што не веруваа залудна ќе биде.
51. Ние навистина ќе им помогнеме на Пратениците Наши и на верниците во животот на овој свет, а и на Денот кога ќе станат сведоците,
52. на Денот кога на насилниците правдањето нивно нема од корист да им биде; нив ќе ги чека проклетството и најлошото престојувалиште.
53. Ние на Муса упатство му дадовме и на синовите Израилови во наследство Книгата им ја оставивме
54. да им биде упатство и опомена на тие кои ќе имаат разум.
55. Па, ти биди трпелив – Аллаховото ветување е вистина – и моли се да ти бидат простени твоите гревови, и Господарот свој на крајот и на почетокот на денот величај Го и слави Го!
56. Тие што расправаат за Аллаховите знаци, иако никаков доказ не им дошол, во срцата нивни имаат само горделивост која нема да ги доведе до саканата цел, затоа моли Го Аллах за заштита, бидејќи Тој навистина сè слуша и сè гледа.
57. Создавањето на небесата и Земјата е сигурно поголемо отколку создавањето на човековиот род, но повеќето луѓе не знаат.
58. Не се исти слепецот и тој што гледа, не се исти верниците кои прават добри дела и злосторниците. – Колку малку поука примате!
59. Ќе дојде Часот суден, во тоа нема сомнеж, но повеќето луѓе не сакаат да веруваат.
60. Господарот ваш рече: „Повикајте Ме и замолете, Јас ќе ви се одѕвијам! Тие што од вообразеност не сакаат да Ме обожуваат – сигурно понижени ќе влезат во Џехенем.“
61. Аллах ви ја даде ноќта за во неа да одмарате, а денот видлив. Аллах е неизмерно добар кон луѓето, но, повеќето луѓе не заблагодаруваат.
62. Тоа ви е, ете, Аллах, Господарот ваш, Создателот на сè, друг бог освен Него нема, па каде се одметнувате тогаш?
63. Така се одметнуваа и тие што Аллаховите докази ги негираа.
64. Аллах ви ја направи Земјата престојувалиште, а небото здание, и ве обликуваше, а ликовите ваши ги прави убави, и со пријатна храна ве снабдува. Тоа е Аллах, Господарот ваш, и нека е Возвишен Аллах, Господарот на световите!
65. Тој е Живиот, нема друг бог освен Него, па, молете Го, исповедајќи Му чиста вера: „Сета благодарност Му припаѓа на Аллах, Господар на световите!“
66. Кажи: „Мене ми е забрането да ги обожувам тие кои вие, покрај Аллах, ги молите, бидејќи ми дојдоа јасни докази од Господарот мој, а наредено ми е да Му се предадам на Господарот на световите.
67. Тоа е Тој што ве создаде од земја, потоа од капка семе, потоа од грутка, потоа како доенчиња ве изведува, и до мажественото доба да стигнете, и старци да станете – а некои од вас умираат и порано – и до одредениот рок да поживеете, за да можете да сфатите.
68. Тој живот и смрт дава! А кога нешто ќе одлучи, само ќе каже: „Биди!“ – и тоа бидува.“
69. Зарем не ги гледаш тие коишто расправаат за Аллаховите докази? Каде се вртат тие?
70. Тие што ја негираат Книгата и тоа што го праќавме по Пратениците – ќе ги дознаат последиците наскоро
71. кога со окови околу вратот, и со синџири, ќе бидат влечени
72. во водата што врие, а потоа во огнот пржени.
73. Потоа ќе бидат запрашани: „Каде се тие кои ги обожувавте,
74. покрај Аллах?“ – „Ни се изгубија од видот,“ – ќе одговорат – „та ние, всушност, претходно, на никого не се ни клањавме.“ – Ете така Аллах ги заблудува неверниците.
75. Тоа ви е затоа што без никаква основа на Земјата бевте весели и горделиви.
76. Влегувајте низ портите на Џехенемот, во него вечно ќе останете – а тоа е лошо престојувалиште на вообразените!
77. А ти стрпи се! Аллаховата закана сигурно е вистина! Било да ти покажеме дел од тоа со што им се закануваме, било претходно животот да ти го земеме – тие Нам ќе ни се вратат.
78. И пред тебе Пратеници испраќавме, за некои од нив ти кажувавме, а за некои не ти кажувавме. И ниеден Пратеник не можеше да направи никакво чудо без Аллахова волја. А кога Аллаховата закана ќе се исполни, ќе биде пресудено според правдата и тогаш лажливците ќе бидат губитници.
79. Аллах за вас ги создаде животните, на некои да јавате, а со некои да се храните.
80. Вие од нив имате корист и вие на нив носите товар – и на нив и на бродовите вие се пренесувате.
81. Тој ви ги покажува доказите за моќта Своја, па кои од Аллаховите докази не ги признавате?
82. Зошто тие не патуваат низ Земјата, па да видат како завршија тие пред нив? Тие беа помногубројни од нив и посилни, и оставија поголема трага на Земјата, и за ништо не им користеше тоа што го стекнаа.
83. Кога Пратениците нивни јасни докази им носеа, тие со знаењето што го имаа се гордееја, и ги снајде тоа на што постојано се потсмеваа.
84. А кога казната Наша ќе ја видеа, тогаш велеа: „Ние веруваме во Аллах, во Него Единиот, а се откажуваме од тие кои Му ги припишувавме!“
85. Но, верувањето нивно, кога казната Наша ќе ја видеа, не им беше од корист. Тоа е според Аллаховиот закон кој беше применет врз робовите Негови кои беа и исчезнаа – и тогаш неверниците ќе страдаа.