عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

Council, Consultation [Ash-Shura] - Macedonian Translation

Surah Council, Consultation [Ash-Shura] Ayah 53 Location Maccah Number 42

1. Ха-мим.

2. Ајн-син-каф.

3. Ете, така Аллах, Силниот и Мудриот, ти објавува тебе, како и на тие пред тебе.

4. Негово е тоа што е на небесата и тоа што е на Земјата, и Тој е Севишниот, Величествениот!

5. Небесата само што не се распаднале едни над други! А мелеците Го величаат и Го слават Господарот свој и молат прошка за тие што се на Земјата. – Аллах, навистина, е Тој Кој простува и Кој е Милостив.

6. Аллах внимава на тие кои, покрај Него, други заштитници земаат, а ти не си задолжен за нив.

7. Ете, така Ние ти го објавуваме тебе Куранот, на арапски јазик, за да ја опоменуваш Мајката на градовите (Мека) и тие околу неа, и да ги предупредиш за Денот кога ќе се соберат – во кој нема никаков сомнеж. Едните ќе одат во Џенетот, а другите во Џехенемот.

8. А да сака Аллах, би ги направил вистински верници, но, Тој во милоста Своја воведува кого сака, а неверниците немаат ниту заштитник, ниту помошник.

9. Зарем тие други, а не Него, за заштитници да земаат?! А Аллах е Единиот заштитник! Тој ќе ги оживее мртвите, само Тој е способен за сè.

10. Во што и да не се согласувате, пресудата за тоа е кај Аллах! Тоа ви е, ете, Аллах, Господарот мој – на Него се потпирам и Нему Му се обраќам –

11. Создателот на небесата и на Земјата! Тој како парови ве создава – а создава парови и од животните – за така да ве размножува. Ништо Нему не му е слично! Тој сè слуша и сè гледа.

12. Кај Него се клучевите од небесата и од Земјата, Тој кому сака му дава снабдување во изобилство, а и ускратува; Тој навистина знае сè.

13. Тој ви го пропишува во верата истото тоа што му го наредил и на Нух и тоа што ти го објавуваме тебе, и тоа што му го наредивме на Ибрахим и на Муса и на Иса: „Вистинската вера исповедајте ја и во тоа не се раздвојувајте!“ Тешко им е на многубошците да се одѕвијат на твојот повик. Аллах за Својата вера одбира кого Тој сака и го упатува во неа тој што искрено ќе Му се обрати.

14. А тие се раздвоија поради меѓусебната злоба токму тогаш кога им дојде знаењето. И да не е Зборот на Господарот твој претходно изречен, до означениот рок, на нив ќе им беше веќе пресудено. А тие на коишто, после нив, Книгата им се остава во наследство, многу се сомневаат во неа.

15. Затоа ти повикувај и биди истраен кон тоа, така како што ти се наредува, а не се поведувај по нивните страсти, и кажи: „Јас верувам во сите книги кои ги објавил Аллах, и наредено ми е праведно да ви судам; Аллах е и наш и ваш Господар, нам нашите, а вам вашите дела; нема препирање меѓу нас и вас; Аллах сите ќе нè собере и Нему сите ќе Му се вратат.“

16. А тие што се расправаат за Аллах откако Му се одѕвија, нивните докази се ништожни кај нивниот Господар; над нив е гневот и ги чека тешко страдање.

17. Аллах е Тој што Книгата со Вистина и праведност ја објави! А што знаеш ти – можеби Крајот на светот е блиску?!

18. Го избрзуваат тие што не веруваат во него, а оние кои веруваат, поради него стравуваат и знаат дека е вистина. Ете, навистина се во далечна заблуда тие што расправаат за Крајот на светот!

19. Аллах е добар кон робовите Свои; Тој дава снабдување кому сака и Тој е Моќниот и Силниот.

20. Кој ќе го сака посевот на оној свет, неговиот посев ќе го зголемиме! А кој ќе го сака посевот од овој свет, ќе му го дадеме, но на другиот свет тој нема никаков удел!

21. Зарем тие да имаат божества кои им пропишуваат да веруваат во тоа што Аллах не им го наредил? И да не е Зборот на Господарот твој претходно изречен, до означениот рок, на нив ќе им беше веќе пресудено. – А насилниците, навистина, ги чека неподносливо страдање.

22. Ќе ги видиш насилниците како треперат од страв поради тоа што го правеа, и казната ќе ги стигне; а тие што веруваа и правеа добри дела ќе бидат во прекрасните џенетски градини, сè што ќе посакаат кај Господарот свој ќе имаат; тоа ќе биде голема придобивка.

23. На овој начин Аллах им испраќа радосни вести на робовите Свои, на оние кои веруваат и прават добри дела. Кажи: „За ова не барам никаква награда од вас, освен роднинско внимание.“ А кој ќе стори добро, Ние за тоа ќе му го зголемиме доброто, бидејќи Аллах, навистина, многу простува и благодарен е.

24. Зарем тие да велат: „Тој измислува лаги за Аллах!“ А Аллах, ако сака, срцето твое ќе го запечати. Аллах ја поништува невистината и ја потврдува вистината со зборовите Свои; Тој добро ги знае мислите сечии;

25. Тој ги прима покајанијата од робовите Свои и ги простува лошите дела и знае што правите;

26. Тој им се одѕива на тие што веруваат и прават добри дела, и од добрината Своја им дава и повеќе, а неверниците ги чека жестоко страдање.

27. Кога Аллах сите Свои робови изобилно би ги снабдил, тие би станале насилници на Земјата, но Тој дава со мерка, толку колку што сака, бидејќи Тој добро ги познава и ги гледа Своите робови.

28. Тоа е Тој што го спушта дождот кога тие ќе загубат секаква надеж и ја распростира милоста Своја; Тој е вистинскиот заштитник и единиот достоен за благодарност.

29. И од доказите Негови е создавањето на небесата и на Земјата и на живите суштества кои ги расеа по нив; Тој е способен сите да ги собере кога ќе сака.

30. А несреќата која ќе ве снајде е поради гревовите кои сте ги направиле, а Тој многу од нив ги простува.

31. И вие нема да можете да Му избегате на Земјата, и освен Аллах немате ни заштитник, ни помошник!

32. И од доказите Негови се бродовите кои личат на планини кои пловат по морето.

33. Ако сака, Тој го смирува ветрот и тие остануваат неподвижни на површината негова – тоа се поуки за секого кој е стрплив и благодарен –

34. или ќе ги потопи поради гревовите што ги заработиле – а Тој многу од нив ги простува –

35. за да се уверат тие што ги негираат доказите Наши дека од казната Наша не можат да избегаат.

36. Сè што ви е дадено е само уживање во животот на овој свет, а тоа што е кај Аллах е подобро и потрајно за тие што веруваат и што на Господарот свој се потпираат;

37. и за тие што ги избегнуваат големите гревови и развратот и кои, кога некој ќе ги налути, простуваат;

38. и за тие што на Господарот свој Му се одѕиваат, и кои намаз извршуваат, и кои за работите свои се договараат, а дел од тоа со што сме ги снабдиле го даваат,

39. и за тие што им пружаат отпор на угнетувачите.

40. А казната за злото е слично зло, а тој што ќе прости и ќе се поправи Аллах ќе го награди; Тој навистина не ги сака тие што чинат неправда.

41. А тој што ќе возврати со иста мерка откако му е сторена неправда, па таквите не можат да бидат казнети,

42. а ќе бидат казнети тие што ги угнетуваат луѓето и тие што без никаква основа редот на Земјата го нарушуваат; нив ги чека болно страдање.

43. А кој ќе се стрпи и ќе прости – тоа навистина спаѓа во вистинските постапки.

44. А кого Аллах ќе го заблуди, за него помошник освен Него нема да има. И ти ќе видиш како ќе повикаат насилниците кога ќе го доживеат страдањето: „Постои ли некаков начин да се вратиме?“

45. И ќе видиш како понижени и истоштени се изложуваат на огнот, а тие под око го гледаат. Тие кои верувале, ќе речат: „Вистински страдалници се тие коишто на Судниот ден и себеси и децата свои ќе ги упропастат!“ А зарем насилниците нема да бидат во непрекидно страдање?

46. За нив нема да има помагачи да им помогнат, освен Аллах!; А кого Аллах ќе го заблуди, тој не е на Патот!

47. Одѕвијте Му се на Господарот свој пред да дојде Денот кој Аллах нема да го сопре. Тој Ден прибежиште нема да имате и нема да можете да негирате.

48. А ако главите ги свртат – па, Ние тебе не те пративме да бидеш нивен чувар, ти си должен само да известиш. Кога на човекот ќе му дадеме да ја почувствува милоста Наша, тој ѝ се радува, а кога ќе го снајде некаква несреќа поради тоа што ги сториле рацете нивни, тогаш човекот благодатите не ги признава.

49. Аллахова е власта на небесата и на Земјата. Тој создава сè што сака! Тојподарува женски деца кому сака, а кому сака – машки,

50. или им дава и машки и женски, а кого сака го остава без пород; Тој навистина сè знае и сè може.

51. На ниту еден човек не му е дадено Аллах да му се обраќа, освен преку вдахновение, или зад превез, или да прати пратеник кој, со Негова дозвола, го објавува тоа што Тој го сака! – Тој навистина е Возвишен и Мудар!

52. Ние на таков начин и тебе ти го објавуваме тоа што ти се објавува. Ти не знаеше што е Книга, ниту што е верување, но Ние ја направивме светла помош на која ги упатуваме од робовите Наши тие што сакаме. А ти, навистина, упатуваш на Правиот пат,

53. на Аллаховиот пат, Кому Му припаѓа сè што е на небесата и сè што е на Земјата. И ете, кај Аллах сè ќе се врати!