The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesOrnaments of Gold [Az-Zukhruf] - Macedonian Translation
Surah Ornaments of Gold [Az-Zukhruf] Ayah 89 Location Maccah Number 43
1. Ха-мим!
2. Се колнам во Книгата јасна!
3. Ние ја објавуваме како Куран на арапски јазик, за да разберете,
4. а тој во Главната Книга, кај Нас, е ценет и совршен.[236]
5. Зарем да се откажеме Опомената да ви ја соопштуваме затоа што секоја граница на злото ја поминувате?
6. А колку веровесници Ние им испративме на претходните народи
7. и ниту еден веровесник не им дојде, а да не му се исмеваа!
8. Затоа ги уништувавме тие што беа помоќни од овие, а им е спомнат примерот за претходните народи.
9. Па ако ги запрашаш кој ги создаде небесата и Земјата, тие сигурно ќе речат: „Ги создаде Силниот и Сезнајниот!“
ٱلَّذِي جَعَلَ لَكُمُ ٱلۡأَرۡضَ مَهۡدٗا وَجَعَلَ لَكُمۡ فِيهَا سُبُلٗا لَّعَلَّكُمۡ تَهۡتَدُونَ [١٠]
10. Тој што Земјата колевка ви ја направи и по неа патишта ви создаде, за да се упатувате.
11. Тој што од небото водата со мерка ја спушта, со чија помош во живот ги враќаме мртвите предели – така и вие од гробовите ќе бидете оживеани.
12. Тој што создава секаков вид на суштества во парови и ви дава бродови и животни за на нив да патувате,
13. на палубите и на грбовите нивни да се сместите и, потоа, кога ќе се исправите на нив, да се сетите на благодатите од Господарот свој и да кажете: „Славен и Возвишен нека е Тој што ова ни го потчини, ние не би можеле тоа сами да го постигнеме,
14. и ние кај Господарот свој сигурно ќе се вратиме!“
15. А тие Му припишуваат Нему дел од робовите Негови. Човекот, навистина, е очигледен неблагодарник.
16. Зарем од тие коишто Тој ги создава за Себе да земе ќерки, а вас да ве дарува со синови?
17. А кога некој од нив бива известен за тоа што на Семилосниот слично Му припишува (дека добил ќерка), лицето му се замрачува и тој се полни со гнев.
18. Зарем тие (ќерките) коишто растат во украси и коишто во расправа се беспомошни, Му ги припишувате на Аллах?
19. Тие ги сметаат мелеците, кои се робови на Семилосниот, за жени. Зарем тие присуствувале при создавањето нивно? – Нивните тврдења ќе бидат запишани и тие ќе одговараат!
20. Тие велат: „А да сакаше Семилосниот, ние нив немаше да ги обожуваме“. Тие за тоа ништо не знаат, тие само лажат.
21. Зарем Ние предходно им дадовме Книга, па се придржуваат кон неа?
22. Тие дури и велат: „Ние ги затекнавме предците наши како ја исповедаат верата и следејќи ги стапките нивни ние сме на Вистинскиот пат.“
23. Исто така, пред тебе, Ние ниту во еден град не испративме Опоменувач, а тие коишто живееја со раскошен живот да не зборуваа: „Ги затекнавме предците наши како ја исповедаат верата и ние стапките нивни ги следиме.“
24. „Зарем и тогаш“ – ќе велеше тој – „кога јас ви носам подобра (вера) од таа којашто од предците ваши сте ја запамтиле?“ А тие ќе одговараа: „Ние не веруваме во тоа што е пратено по вас!“[237]
25. И Ние ги казнувавме, па види како завршија тие кои пратениците ги клеветеа за лага.
26. А кога Ибрахим му рече на таткото свој и на народот свој: „Јас се одрекувам од тие коишто вие ги обожувате,
27. јас Го обожувам само Тој што ме создаде, бидејќи Тој, навистина, на Вистинскиот пат ќе ме упати.“
28. Тој ги направи зборовите на тевхидот (монотеизмот) трајни за потомството свое, за да се враќаат (кон тие зборови).
29. А Јас дури и им допуштив на овие, а и на предците нивни, да уживаат сè додека не им дојде Вистината и очигледниот Пратеник.
30. А кога Вистината им дојде, рекоа: „Ова е маѓија, и ние во неа никако не веруваме!“
31. И уште рекоа: „Зошто не му е објавен овој Куран на некој угледен човек од овие два града?“
32. Зарем тие jа расподелуваат милоста на Господарот твој? Ние им даваме сè што им е потребно за животот на овој свет и Ние едните над другите ги издигнуваме за неколку степени, за едните да ги служат другите. – А милоста на Господарот твој е подобра од тоа што тие го натрупуваат.
33. А да немаше сите луѓе да станат неверници, Ние на тие што не веруваат во Семилосниот покривите на куќите од сребро ќе им ги направевме, а и скалите по кои се качуваат,
34. и вратите на куќите нивни и диваните на коишто се потпираат,
35. и украси од злато би им дале, бидејќи сето тоа е уживање во животот на овој свет, а оној свет кај Господарот твој ќе биде за тие што ќе ги извршуваат Неговите наредби, а ќе се чуваат од Неговите забрани.
36. Тој што ќе сврти грб на Опомената на Семилосниот, Ние шејтанот ќе му го натовариме, па тој неразделен другар ќе му стане;
37. тие луѓето од Вистинскиот пат ќе ги одвраќаат, а луѓето ќе мислат дека се на Вистинскиот пат.
38. И кога некој од нив ќе дојде пред Нас, ќе рече: „Камо среќа меѓу мене и тебе да имаше раздалеченост колку што има меѓу истокот и западот! Колку злобен другар си бил ти!“
39. Тој ден нема да ви е од корист што во маката заедно ќе бидете, кога правевте неправда.
40. Зар ти да направиш глувите да слушаат и да ги упатиш слепите и тие што се во јасна заблуда?!
41. Ако ти ја земевме душата, нив сигурно ќе ги казневме,
42. или, да сакавме да ти го покажеме тоа што им го ветивме – па Ние можеме нив со секаква казна да ги казниме.
43. Затоа држи се до тоа што ти се објавува, ти навистина си на Правиот пат.
44. Куранот навистина е чест и за тебе и за твојот народ; вие (за него) ќе одговарате.
45. Погледни во одредбите објавени на Пратениците Наши, кои пред тебе ги праќавме, дали наредивме, покрај Семилосниот, да се обожуваат други божества.
46. Уште одамна Ние го пративме Муса со доказите Наши кај фараонот и кај главатарите негови, и тој рече: „Јас сум, навистина, Пратеник од Господарот на световите!“
47. И бидејќи им ги донесе доказите Наши, тие, одеднаш, почнаа да ги исмејуваат.
48. И Ние доказите им ги покажувавме, сè еден поголем од друг! И со казна ги опфаќавме, за да се повратат (на Вистинскиот пат).
49. Тие велеа: „О, ти маѓепснику! Замоли Го Господарот свој, во наше име, врз основа на ветувањето што ти го дал, и ние сигурно по Вистинскиот пат ќе појдеме!“
50. А штом од неволјата ќе ги ослободевме, за миг ветувањето го прекршуваа.
51. И фараонот му се обрати на народот свој: „О, народе мој,“ – рече тој – „зарем не ми припаѓа мене царството во Египет и овие реки кои под мене течат – сфаќате ли?
52. И зарем јас не сум подобар од овој бедник кој едвај умее да говори?
53. Зошто не му се ставени белезици од злато или зошто заедно со него не дошле мелеци?“
54. И тој го заведе народот свој, па му се покорија; тие навистина беа грешен народ.
55. А кога го предизвикаа Нашиот гнев, Ние ги казнивме и сите ги потопивме,
56. и ги направивме пример и поука за подоцнежните народи.
57. А кога на народот твој како пример им беше наведен синот Мерјемин, тие одеднаш поради тоа кренаа врева
58. и рекоа: „Дали се подобри нашите кипови или тој?“ А ти го наведоа како пример само за да предизвикаат кавга, бидејќи тие се кавгаџиски народ.
59. Тој беше само роб кого Ние со пратеништво го почестивме и како пример за поука на синовите Израилови го направивме.
60. А да сакаме, Ние ќе направиме наместо вас, мелеците на Земјата да ве наследат;
61. навистина тој (Иса) е предзнак за Крајот на светот, затоа никако не се сомневајте во него и следете го упатството Мое! Ова е Правиот пат,
62. и шејтанот нека не ве одвраќа никако, та тој, навистина, ви е отворен непријател.
63. А кога Иса очигледни докази донесе, рече: „Ви носам мудрост и доаѓам да ви го објаснам тоа за што не се согласувате. Затоа, плашете се од Аллах и мене покорувајте ми се,
64. навистина Аллах е мој и ваш Господар, па Него обожувајте Го! Ова е Правиот пат!“
65. Но сектите од нивните редови помеѓу себе се подвоија. Па тешко им на насилниците од казната на Денот на болката!
66. Чекаат ли тие нешто друго освен тоа Крајот на светот да им дојде ненадејно, а тие да не ни осетат?
67. Тој Ден, тие коишто си беа пријатели, непријатели ќе станат, освен тие кои се плашеа од Аллах и кои се чуваа од гревовите:
68. „О, робови Мои, денес за вас стравот нема да постои, ниту пак ќе тагувате“;
69. тие што веруваа во ајетите Наши и коишто беа муслимани (послушни) – ќе им биде речено:
70. „Влезете во Џенетот, вие и сопружниците ваши, радосни!“
71. Тие ќе бидат служени од садови и чаши од злато. Во него ќе има сè што душите ќе посакаат и сè со што очите се насладуваат, и во него вечно ќе престојувате.
72. „Ете, тоа е Џенетот кој ви е подарен како награда за тоа што го правевте,
73. во него разновидни овошја ќе имате од кои ќе јадете.“
74. Навистина злосторниците вечно ќе останат во страданието џехенемско,
75. тоа нема да им се ублажи и никаква надеж за спас нема да имаат, тие во него очајни ќе бидат.
76. Не бевме Ние неправедни кон нив, тие самите на себеси неправда си нанесоа.
77. Тие ќе довикуваат: „О, (мелеку) Малик! Господарот твој нека пресуди да умреме!“ – а тој ќе рече: „Вие тука вечно ќе останете!“
78. Ние ви ја праќаме Вистината, но повеќето од вас ја презираат вистината.
79. Ако тие подготвуваат замки, и Ние замки ќе им поставиме.
80. Зарем тие мислат дека Ние не слушаме што разговараат насамо и како меѓусебно се договараат? Ние слушаме, а мелеците наши пратени, кои се со нив, запишуваат.
81. Кажи: „Кога Семилосниот би имал дете, јас и тогаш прв би Го обожувал!“
82. Нека е Славен и Возвишен Господарот на небесата и на Земјата, и Господарот на Аршот, од тоа како тие Го опишуваат!
83. Па ти остави ги нека кажуваат празни зборови и нека се забавуваат додека не го доживеат Денот кој им се заканува,
84. Тој е Бог и на небото и на Земјата. Тој е Мудриот и Сезнајниот!
85. И нека е возвишен Тој чијашто власт е на небесата и на Земјата, и помеѓу нив, единствено Тој знае кога ќе биде Крајот на светот и Нему сите ќе Му се вратите!
86. Тие на коишто тие, освен Нему, им се молат – нема да можат за други да се заземаат; ќе можат само тие кои ја признаваат Вистината, тие кои знаат.
87. А ако ги запрашаш кој ги создаде нив, сигурно ќе речат: „Аллах!“ Па тогаш каде се одметнуваат?!
88. А Пратеникот ги кажа зборовите свои: „Господару мој, ова навистина се луѓе кои не сакаат да веруваат!“
89. Ти сврти се од нив и кажи: „Останете во мир!“ – та тие наскоро ќе дознаат!