The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesThe Table Spread [Al-Maeda] - Macedonian translation - a group of Macedonian scholars
Surah The Table Spread [Al-Maeda] Ayah 120 Location Madanah Number 5
1. О, верници, исполнувајте ги обврските! Ви се дозволува добитокот, со исклучок на тој за којшто ќе ви биде соопштено. Не ви е дозволено да ловите додека ги извршувате обредите на аџилакот! Навистина, Аллах пропишува што Тој сака.
2. О, верници, не ги омаловажувајте Аллаховите обреди на аџилакот, ниту светиот месец, ни курбаните, особено тие со оглав обележани, ниту луѓето кои тргнале кон Светиот Храм сакајќи награда и наклоност од Господарот свој. А кога обредите на аџилакот ќе ги извршите, тогаш смеете да ловите. И омразата што ја имате кон одредени луѓе, затоа што ви го оневозможија пристапот кон Светиот Храм,[110] никако нека не ве наведе да извршите насилство! Едни на други помагајте си во добродетелството и во богобојазливоста, а не соучествувајте во гревот и непријателството; и плашете се од Аллах, бидејќи Аллах страшно казнува!
3. Ви се забранува мрша, крв, свинско месо и тоа што е заклано во нечие друго име, а не во Аллаховото, и тоа што е задавено и убиено, и што при пад е загинато, и со рог забодено, или од ѕвер начнато, освен ако сте го заклале пред да умре, и што на жртвениците е жртвувано[111], и ви се забранува гатање со стрелички.[112] Тоа е порок! Денес неверниците изгубија секаква надеж дека вие од својата вера ќе отпаднете, затоа не плашете се од нив, туку плашете се од Мене. Денес верата ваша ви ја усовршив и благодaтта Своја спрема вас ја надополнив и задоволен Сум исламот да ви биде вера. А на тој што ќе биде принуден, кога има глад, без намера да стори грев, Аллах ќе му прости и Милостив ќе биде.
4. Те прашуваат што им се дозволува. Кажи: „Ви се дозволува убавата храна и тоа што ќе ви го уловат животните кои на лов сте ги подучиле, така како што Аллах вас ве научил. Јадете го тоа што тие ќе ви го уловат и споменете Го Аллаховото име при тоа, и плашете се од Аллах, бидејќи Аллах, навистина, брзо ги сведува сметките!“
5. Од сега ви се дозволува сета убава храна; и ви се дозволува храната на тие на кои им е дадена Книгата, и вашата храна им е дозволена на нив; и чедните вернички ви се дозволени, и чедните ќерки на тие на кои им е дадена Книгата пред вас, кога нивните венчални дарови ќе им ги дадете со намера со нив да се ожените, а не со нив да блудничите и за љубовници да ги земате. А тој што ќе отпадне од вистинската вера – залудни ќе му бидат делата негови и тој, на оној свет, ќе биде губитник.
6. О, верници, кога ќе сакате намазот (молитвата) да го извршите, лицата свои и рацете свои до зад лактите измијте ги – а дел од главите свои допрете ги – и нозете свои до над зглобовите, а ако сте џунуб, тогаш искапете се; а ако сте болни или на пат или ако сте извршиле физиолошка потреба или ако со сопругите сте се состанувале, а не можете да најдете вода, тогаш со рацете свои чиста земја допрете и со нив допрете ги лицата свои и рацете свои. Аллах не сака да ви причинува потешкотии, туку сака чисти да ве направи и благодaтта Своја да ви ја надополни, за да бидете благодарни!
7. И сетете се на Аллаховата милост со која ве опсипа и на заветот со кој ве обврза,[113] кога рековте: „Слушаме и се покоруваме!“ И плашете се од Аллах, бидејќи Аллах ги знае мислите сечии!
8. О, верници, должностите кон Аллах извршувајте ги и праведно сведочете! Омразата која кон некои луѓе ја имате нека не ве натера неправедни да бидете! Праведни бидете, тоа е најблиску до богобојазливоста, и плашете се од Аллах, бидејќи Аллах добро знае што правите!
وَعَدَ ٱللَّهُ ٱلَّذِينَ ءَامَنُواْ وَعَمِلُواْ ٱلصَّٰلِحَٰتِ لَهُم مَّغۡفِرَةٞ وَأَجۡرٌ عَظِيمٞ [٩]
9. На тие што ќе веруваат и што добри дела ќе чинат, Аллах им ветува прошка и награда голема;
10. А тие што нема да веруваат и доказите Наши ќе ги негираат, ќе бидат жители на Џехенемот!
11. О, верници, сетете се на Аллаховата благодaт кон вас во моментот кога некои луѓе сакаа да посегнат по вас, а Тој ги задржа рацете нивни.[114] И плашете се од Аллах, а верниците само на Аллах нека се потпираат!
12. Аллах го прифати заветот на синовите Израилови – а меѓу нив поставивме дванаесет старешини – и Аллах рече: „Јас сум со вас! Ако молитвата ја извршувате и милостина давате, и ако во Пратениците Мои верувате, и ако им помагате и ако драговолно заем на Аллах Му давате, сигурно ќе преминам преку лошите постапки ваши и ќе ве воведам во џенетските градини низ кои течат реки. А тој меѓу вас кој ниту после ова нема да верува, од Вистинскиот пат скршнал!“
13. Но, бидејќи заветот свој го прекршија, Ние ги проколнавме и срцата нивни крути ги сторивме. Тие, зборовите од местото на кое што беа ги отстрануваа, а добар дел од тоа со што беа опоменувани го изоставија. И ти кај нив, освен кај малкумина од нив, непрекинато на ерес ќе наидуваш, но прости им и не карај ги! Аллах, навистина, ги сака добродетелите.
14. Ние заветот го прифативме и од тие што велат: „Ние сме христијани!“ – но и тие, голем дел од тоа со што беа опоменувани го изоставија, затоа меѓу нив вметнавме непријателство и омраза сè до Судниот ден; а Аллах сигурно ќе ги извести за тоа што го правеа.
15. О, следбеници на Книгата, ви дојде Пратеник Наш да ви укаже на многу нешта кои вие од Книгата ги криете, а преку многу и ќе помине! А од Аллах ви доаѓа светлина и Книга јасна
16. со која Аллах ги упатува на патиштата на спасението тие што настојуваат да го стекнат задоволството Негово и ги изведува, според волјата Своја, од темнината на светлина и ги упатува на Правиот пат.
17. Неверници се тие што велат: „Бог е Месих, синот Мерјемин!“ Кажи: „Кој може да Го спречи Аллах, ако сака, да го уништи Месих, синот Мерјемин, и мајката негова, и сите што се на Земјата? Аллахова е власта и на небесата и на Земјата и на тоа што е помеѓу нив! Тој создава што сака и Аллах може сè.
18. И eвреите и христијаните велат: „Ние сме деца Божји и миленици Негови.“ Кажи: „Па тогаш зошто Тој ве казнува поради гревовите ваши?“ А не е така! Вие сте како и останатите луѓе кои Тој ги создава: кому сака Тој ќе му прости, а кого сака Тој ќе го казни. Аллахова е власта на небесата и на Земјата и на тоа што е помеѓу нив, и Нему сите ќе Му се вратат.
19. О, следбеници на Книгата, ви дојде Пратеникот Наш – откако некое време е прекинато испраќањето Пратеници – да ви објасни, за да не кажете: „Не ни дојде ниту тој што носи радосни вести, ниту тој што опоменува!“ Па ете, ви дојде тој што носи радосни вести и што опоменува! А Аллах може сè.
20. А кога Муса му рече на народот свој: „О, народе мој, сетете се на Аллаховата благодaт кон вас, кога некои од вас веровесници ги направи, а многумина од вас владетели, и ви го даде тоа што на ниту еден народ не му го дал!
21. О, народе мој, влезете во Светата земја, која Аллах ви ја додели, и не повлекувајте се назад, па да се вратите загубени!“
22. Тие рекоа: „О, Муса! Во неа има немилосрден народ и ние во неа нема да влеземе сè додека тие од неа не излезат; па, ако тие излезат од неа, тогаш ние сигурно ќе влеземе.“
23. Двајца мажи, кои од Аллах се плашеа и на кои Тој им ја подари милоста Своја, рекоа: „Навалете им на портата, па кога низ неа ќе поминете, сигурно ќе бидете победници; а на Аллах потпрете се, ако сте верници!“
24. „О, Муса,“ – рекоа тие – „сè додека се тие во неа, ние нема во неа да влеземе! Отидете ти и Господарот твој па борете сe, ние овде ќе останеме!“
25. „Господару мој,“ – рече Муса – „јас освен на себеси, имам моќ само над братот свој; затоа пресуди ни нам и на народот грешен!“
26. „Четириесет години тие по земјата ќе талкаат,“ – рече Тој – „бидејќи Светата земја забранета ќе им биде, а ти не тагувај по народот грешен!“
27. И раскажи им за двајцата Адемови синови, така како што беше, кога тие двајцата жртва принесоа, па кога од едниот беше примена, а од другиот не, па рече: „Сигурно ќе те убијам!“ „Аллах прима само од богобојазливите!“ – рече првиот.
28. „И кога би ја пружил ти раката кон мене за да ме убиеш, јас не би ја пружил својата кон тебе за да те убијам, бидејќи јас се плашам од Аллах, Господарот на световите.
29. Јас сакам ти да го понесеш и мојот и твојот грев и да бидеш жител на Огнот. А тој е казна за сите насилници“.
30. И страста негова го наведе да го убие братот свој, па го уби и стана еден од изгубените.
31. Тогаш Аллах испрати гавран да копа по земјата за да му покаже како да го закопа мртвото тело на својот брат. „Тешко мене!“ – рече тој – „зарем и јас не можам, како овој гавран, да го закопам мртвото тело на својот брат?!“ И се покаја.
32. Заради тоа Ние им пропишавме на синовите Израилови: ако некој убие некого кој не убил никого, или таков што не прави неред на Земјата – како сите луѓе да ги убил; а ако некој биде причина за нечиј живот да се сочува – како на сите луѓе животот да им го сочувал! Нашите Пратеници јасни докази им носеа, но многумина од нив, и покрај тоа, на Земјата сите граници на злото ги преминуваа.
33. Казната за тие кои против Аллах и Пратеникот Негов војуваат и кои неред на Земјата чинат[115] е: да бидат убиени, или распнати, или вкрстено рацете и нозете да им се отсечат или од земјата да се прогонат! Тоа им е понижување на овој свет, а на оној свет ги чека големо страдање,
34. но не и за тие што ќе се покајат пред да паднат во ваши раце! И знајте дека Аллах простува и дека е Милостив!
35. О, верници, плашете сè од Аллах и барајте го тоа што кон Него ќе ве приближи и борете сe на патот Негов за да го постигнете тоа што го сакате!
36. Кога сè што е на Земјата би било во посед на неверниците, и уште толку, и би сакале да се откупат од страдањата на оној свет, не би им се уважило. Нив ги чека неиздржлива мака!
37. Ќе посакаат тие да излезат од огнот, но излез нема да имаат, за нив ќе има непрекинато страдање!
38. На крадецот и на крадачката отсечете им ги рацете нивни, тоа нека им биде казна за тоа што го сториле и опомена од Аллах! А Аллах е Силниот и Мудриот!
39. А тој што по своето недело ќе се покае и ќе се поправи, Аллах сигурно ќе му прости. Аллах, навистина, простува и Милостив е.
40. Ти сигурно знаеш дека само Аллах има власт на небесата и на Земјата. Тој казнува кого сака, а простува кому сака. Аллах може сè!
41. О, Пратенику, нека не те загрижува тоа што брзо го покажуваат неверувањето тие кои со устите свои велат „веруваме“, а со срцето не веруваат, и eвреите кои измислиците многу ги слушаат и кои туѓите зборови радо ги прифаќаат, а кај тебе не доаѓаат, кои смислата на зборовите од местата нивни ги извртуваат и велат: „Ако вака ви се пресуди, тогаш прифатете, а ако не ви се пресуди, тогаш не прифаќајте!“ А кого Аллах сака во заблуда да го остави, ти наспроти Аллах не можеш никако да му помогнеш. Тоа се тие чиишто срца Аллах не сака да ги исчисти; нив на овој свет ги чека понижување, а на оној свет големо страдање!
42. Тие многу лаги слушаат и тоа што е забрането радо го јадат; па ако ти дојдат, ти или пресуди им или тргни се од нив; ако се тргнеш од нив, тие не можат ни малку да ти наштетат. А ако им судиш, пресуди им праведно бидејќи Аллах ги сака праведните!
43. А од каде тоа тие да ти бараат да им судиш кога го имаат Тевратот, во кој има Аллахови прописи? Тие ни по пресудата твоја не би биле задоволни бидејќи не се никакви верници!
44. Ние го објавивме Тевратот, кој содржи упатство и светлина. Според него на eвреите им судеа веровесниците, кои Му беа послушни на Аллах и честити луѓе, и учени, од кои е барано да ја чуваат Аллаховата Книга, и тие над неа бдееја. Затоа, кога ќе судите, не плашете се од луѓето, туку плашете се од Мене, и не заменувајте ги зборовите Мои за нешто што малку вреди! А тие што не судат според тоа што Аллах го објавил, тие се вистински неверници![116]
45. Ние во него им пропишавме: глава за глава, и око за око, и нос за нос, и уво за уво, и заб за заб, а и раните треба да се возвратат. А тој што ќе се откаже од одмаздата, тоа ќе му биде искупување од гревовите. Тие што не судат според тоа што Аллах го објавил се вистински насилници!
46. После нив, го испративме Иса, синот Мерјемин, кој го признаваше Тевратот, пред него објавен, а нему му го дадовме Инџилот, во кој имаше упатство и светлина, и да го потврди Тевратот, пред него објавен, во кој исто така имаше упатство и поука за тие кои од Аллах се плашеа,
47. и на следбениците на Инџилот им наредивме да судат според тоа што Аллах го објавил во него. Тие што не судеа според тоа што Аллах го објавил се вистински грешници!
48. А тебе ти објавуваме Книга, со Вистината, да ги потврди книгите пред неа објавени и над нив да бдее. И ти суди им според тоа што го објавува Аллах и не следи ги желбите нивни, и не отстапувај од Вистината која ти доаѓа; на сите вас закон и правец ви пропишавме! А да сакаше Аллах, ќе ве направеше следбеници на една вера, но, Тој сака да ве искуша во тоа што ви го пропишува, затоа натпреварувајте се кој повеќе добрини ќе прави; кај Аллах сите ќе се вратите, па Тој ќе ве извести за тоа за што не се согласувавте.
49. И суди им според тоа што Аллах го објавува и не следи ги желбите нивни, и чувај се од нив да не те одвратат од нешто што Аллах ти го објавува! А ако ти свртат грб, тогаш знај дека Аллах сака, поради некои гревови нивни, да ги казни. А многумина од луѓето се, навистина, грешници.
أَفَحُكۡمَ ٱلۡجَٰهِلِيَّةِ يَبۡغُونَۚ وَمَنۡ أَحۡسَنُ مِنَ ٱللَّهِ حُكۡمٗا لِّقَوۡمٖ يُوقِنُونَ [٥٠]
50. Зарем тие да бараат како во паганско време да им се суди? А кој е подобар судија од Аллах на народ кој цврсто верува?
51. О, верници, не земајте ги за заштитници eвреите и христијаните! Тие се заштитници на самите себеси! А нивен е и тој меѓу вас кој за заштитници ќе ги прифати; Аллах, навистина, нема да им укаже на Вистинскиот пат на луѓето кои сами на себе неправда си чинат!
52. Затоа ти ги гледаш тие чии срца се болни како брзаат да склопат пријателство со нив, велејќи: „Се плашиме некаква неволја да не нè снајде.“ А Аллах сигурно победа или нешто друго од Себе ќе даде, па тие ќе се каат поради тоа што во душите свои го криеја,
53. а тие што веруваат ќе речат: „Зарем тоа се тие што се колнеа во Аллах, со својата најтешка заклетва дека навистина се со вас?“ Делата нивни ќе бидат поништени, и тие ќе настрадаат!
54. О, верници, ако некој од вас од верата своја отпадне, – па Аллах сигурно наместо нив ќе доведе луѓе кои Тој ги сака и кои Него Го сакаат, понизни кон верниците, а горди кон неверниците; тие на Аллаховиот пат ќе се борат и од ничиј прекор нема да се плашат! Тоа е Аллаховиот дар, кој Тој го дава кому сака, а Аллах е неизмерно добар и знае сè!
55. Ваши заштитници се само Аллах и Пратеникот Негов и верниците кои понизно намазот (молитвата) го извршуваат и зекат даваат.
56. Тој што за заштитник ќе Го земе Аллах и Пратеникот Негов и верниците – па, Аллаховата страна, секако, ќе победи.
57. О, верници, не пријателувајте со тие кои верата ваша за потсмев и забава ја земаат, било да се тие на кои им е дадена Книгата пред вас, или да се идолопоклоници, – и од Аллах плашете се ако сте верници!
58. И кога повикувате на намаз (молитва), и тоа за потсмев и забава го земаат, затоа што тоа се луѓе кои не сфаќаат.
59. Кажи: „О, следбеници на Книгата, зарем нас да нè осудувате поради тоа што веруваме во Аллах и во тоа што ни се објавува, и во тоа што е објавено претходно, а повеќето сте грешници?“
60. Кажи: „Сакате ли да ви кажам кои се полоши од таквите и кои Аллах уште потешко ќе ги казни? Тие кои Аллах ги проколнал и на кои се разгневил и во мајмуни и свињи ги претворил, тие кои на тагутот му робувале – нив ги чека најлошото место, бидејќи тие најдалеку од Вистинскиот пат заталкале.“
61. А кога ви доаѓаат, велат: „Веруваме!“, но тие доаѓаат како неверници, и како такви и си одат, а Аллах добро го знае тоа што тие го кријат.
62. Гледаш многумина од нив како кон гревови и насилство се стремат и како тоа што е забрането го јадат; колку е лошо тоа како тие постапуваат!
63. Треба рабините и учените луѓе од лажниот говор и од забранетата храна да ги одвраќаат; колку е лошо тоа како тие постапуваат!
64. Евреите велат: „Аллаховата рака е стисната!“ Стиснати да се рацете нивни и проклети да се поради тоа што го велат! Не, двете Негови раце се отворени, Тој дава колку што сака! А тоа што ти го објавува Господарот твој ќе ја зголеми осиленоста и неверувањето кај многумина од нив. Ние вметнавме меѓу нив непријателство и омраза сè до Крајот на светот. Кога и да се обидат да го потпалат огнот на војната, Аллах го гасне. Тие настојуваат на Земјата пакост да прават, а Аллах не ги сака пакосниците.
65. А следбениците на Книгата да веруваат и од гревови да се чуваат, Ние би поминале преку лошите постапки нивни и сигурно би ги внеле во џенетските градини на уживањето.
66. Да се придржуваат кон Тевратот и Инџилот и до тоа што им го објавува Господарот нивен, би имале што да јадат, и од тоа што е над нив и од тоа што е под нозете нивни. Има и умерени меѓу нив, но лошо е тоа што повеќето од нив го прават!
67. О, Пратенику, кажувај го тоа што ти се објавува од Господарот твој! Ако не го сториш тоа, тогаш не си ја доставил Објавата Негова, а Аллах од луѓето ќе те штити. Аллах навистина нема да му укаже на Вистинскиот пат на народот кој не сака да верува.
68. Кажи: „О, следбеници на Книгата, вие немате никаква вера доколку не се придржувате до Тевратот, Инџилот и до тоа што ви го објавува Господарот ваш!“ А тоа што ти го објавува Господарот твој на повеќето од нив ќе им ја зголеми осиленоста и неверувањето, но, ти не очајувај поради народот кој не сака да верува.
69. Тие што веруваа, па тие што беа eвреи, и Сабијци, и христијани – тие што во Аллах и во оној свет веруваа и правеа добри дела – од ништо нема да се плашат и за ништо нема да тагуваат.
70. Ние од синовите Израилови завет зедовме и Пратеници им праќавме. Кога и да им донесеше некој Пратеник нешто што не им годеше на душите нивни, некои од нив за лаги ги клеветеа, а другите ги убиваа.
71. Мислеа дека нема да бидат ставени на маки, па беа и слепи и глуви, и тогаш кога Аллах го прими покајанието нивно, многумина од нив повторно беа и слепи и глуви; а Аллах добро го гледа тоа што тие го прават.
72. Неверници се тие што велат: „Бог е Месих, синот Мерјемин!“ А Месих говореше: „О, синови Израилови, обожувајте Го само Аллах, и мојот и вашиот Господар!“ Кој на Аллах ќе Му припишува здруженик, Аллах ќе му го забрани влезот во Џенетот и неговото живеалиште ќе биде Џехенемот; а на злосторниците нема никој да им помогне!
73. Неверници се тие што велат: „Бог е дел од тројството!“ А само еден е Бог! И доколку тие не се откажат од тоа што го велат, неиздржливо страдање, навистина, ќе го стигне секој од нив кој неверник ќе остане.
74. Зошто тие не се покајат кај Аллах и не замолат прошка од Него? А Аллах простува и Милостив е.
75. Месих, синот Мерјемин, е само Пратеник, и пред него доаѓаа и заминуваа Пратеници, а мајката негова беше вистинољубива; и двајцата јадеа храна. Погледни како Ние изнесуваме јасни докази и потоа погледни ги нив како се одметнуваат.
76. Кажи: „Како можете, освен Аллах, да обожувате некого кој не е во состојба ни да ви наштети ни да ви биде од корист, а Аллах е Тој што сè слуша и сè знае?“
77. Кажи: „О, следбеници на Книгата, не застранувајте во верувањето свое, спротивно на вистината, и не следете ги страстите на луѓето кои уште одамна заталкале, и многумина во заблуда одвеле, и самите од Вистинскиот пат скршнале!“
78. Со јазикот на Давуд и на Иса, синот Мерјемин, проколнати се тие од синовите Израилови кои не веруваа, затоа што се бунтуваа и границите на злото секогаш ги поминуваа,
79. едни со други не се одвраќаа од грешните постапки кои ги правеа. Лошо е, навистина, тоа како постапуваа!
80. Ти гледаш како многумина од нив пријателуваат со многубошците. Лошо е тоа што самите себеси си го подготвуваат: Аллах на нив да се разгневи и во страдание вечно да останат.
81. А да веруваат во Аллах и во Веровесникот и во тоа што нему му се објавува, тие со нив не би пријателувале, но, многумина од нив се грешници.
82. Ти сигурно ќе видиш дека на верниците најлути непријатели им се eвреите и многубошците; и секако ќе видиш дека на верниците најблиски пријатели им се тие што велат: „Ние сме христијани!“, затоа што меѓу нив има свештеници и монаси, и затоа што тие не се вообразени.
83. Кога го слушаат тоа што му се објавува на Пратеникот, гледаш како им течат солзи од очите бидејќи знаат дека тоа е Вистина, па велат: „Господару наш, ние веруваме, па запиши нè и нас меѓу тие што посведочиле!
84. Зошто да не веруваме во Аллах и во Вистината која ни доаѓа, кога едвај чекаме и нас Господарот наш да нè вброи меѓу добрите луѓе.“
85. Како награда поради тоа што го велат, Аллах ќе им даде џенетски градини, низ кои реки течат, во кои вечно ќе престојуваат; а тоа ќе биде награда за сите што прават добри дела!
86. А тие што нема да веруваат и доказите Наши ќе ги негираат, жители на Џехенемот ќе бидат!
87. О, верници, не ускратувајте си ги убавите нешта кои Аллах ви ги дозволил, само не преминувајте мерка, бидејќи Аллах не ги сака тие што претеруваат!
88. И јадете го тоа што ви го дава Аллах, што е дозволено и убаво; и плашете се од Аллах во Кого верувате.
89. Аллах нема да ве казни ако ненамерно се заколнете, но ќе ве казни ако намерно се заколнете. Откуп за прекршената заклетва е: да нахраните десет сиромаси со обична храна со која ги храните своите семејства, или да ги облечете, или роб од ропство да ослободите. А тој што нема да може, нека пости три дена. Така за заклетвите ваши откупувајте се кога ќе се заколнете; а за заклетвите ваши грижете се! Ете, така Аллах ви ги објаснува прописите Свои, за да бидете благодарни!
90. О, верници, виното, коцката, идолите и стреличките за гатање се одвратни нешта, шејтаново дело; затоа избегнувајте ги, за да постигнете што сакате.
91. Шејтанот сака со помош на виното и коцката меѓу вас да внесе непријателство и омраза, и да ве одврати од сеќавање на Аллах и од извршување на намазот (молитвата). Па, ќе престанете ли?
92. И бидете Му послушни на Аллах и бидете му послушни на Пратеникот и бидете внимателни! А ако главите ги свртите, тогаш знајте дека Пратеникот Наш е должен само јасно да обзнани.
93. Тие што веруваат и добри дела прават немаат никаков грев во тоа што го изеле и испиле пред забраната кога се чуваат од тоа што им е забрането и кога веруваат и добри дела прават, а потоа пак се плашат од Аллах и веруваат и од гревовите се чуваат и добрини прават. А Аллах ги сака тие што на другите добрина им прават.
94. О, верници, Аллах ќе ве доведува во искушение со дивечот кој ќе биде на дофат на рацете ваши и копјата ваши, за Аллах да укаже на тој што од Него се плаши кога никој не го гледа. А тој што и после тоа насилство ќе стори, го чека болно страдание.
95. О, верници, не убивајте го дивечот додека сте во ихрами[117]! Тој што намерно ќе убие, казната му е едно домашно животно, чија вредност ќе ја проценат двајца ваши праведни луѓе, како курбан да заколе покрај Ќаба, или да се искупи така што ќе нахрани сиромашни или ќе пости, за да ја осети погубноста на постапката своја. А Аллах веќе го простил тоа што било. Тој што повторно ќе го стори тоа, Аллах ќе го казни! Аллах е Силен и Строг!
96. Вам ви се допушта во морето да ловите и уловот да го јадете, со него вие и патниците да се користите, а ви се забранува на копно да ловите додека обредите на аџилакот ги извршувате. И плашете се од Аллах, пред Кого ќе се соберете!
97. Аллах ја направил Ќаба, Светиот Храм, да биде препород за луѓето, а така и светиот месец и курбаните, особено тие со оглав означени, за да знаете дека на Аллах Му е познато тоа што е на небесата и тоа што е на Земјата, дека Аллах, навистина, знае сè.
98. Знајте дека Аллах строго казнува, но и дека простува и дека е Милостив!
99. На Пратеникот должност му е единствено да објави, а Аллах го знае и тоа што јавно го правите и тоа што го криете.
100. Кажи: „Не е исто тоа што е забрането и тоа што е дозволено, иако те изненадува мноштвото од забранетото. Затоа плашете се од Аллах, о, вие кои сте обдарени со разум, за да го постигнете тоа што го сакате.
101. О, верници, не прашувајте за тоа што ќе ви причини непријатност ако ви се објасни; а ако прашате за тоа додека Куранот се објавува, ќе ви се објасни; тоа претходното Аллах веќе ви го прости. А Аллах простува и Благ е!
102. Некои луѓе прашаа за тоа пред вас, па потоа во тоа не поверуваа.
103. Аллах не пропишал да се сечат ушите од камилата која донела на свет пет младенчиња, ниту да се ослободи во име на некој идол, ниту да се жртвуваат овци кои петпати донеле на свет близначиња или пак камилата која петпати донела на свет машко[118]; тоа тие што не веруваат за Аллах кажуваат лаги и мноштвото од нив немаат памет.
104. А кога ќе им се каже: „Пристапете кон тоа што ви го објавува Аллах и кон Пратеникот!“, тие одговараат: „Доволно ни е тоа што од предците наши сме го запомниле.“ Зарем и ако предците нивни ништо не знаеjа и ако на Вистинскиот пат не беа?!
105. О, верници, грижете се за себе; ако сте на Вистинскиот пат, нема да ви наштети тој што заталкал! Кај Аллах сите ќе се вратите и Тој ќе ве извести за тоа што сте го правеле.
106. О, верници, кога ќе ви се приближи смртта, при диктирање на тестаментот нека ви посведочат двајца праведни роднини ваши или некои други двајца, кои не се ваши, – ако сте на пат, а се појават знаци на смртта. А ако се посомневате, задржете ги по извршениот намаз (молитва) и нека се заколнат во Аллах: „Ние заклетвата за ниедна цена нема да ја продадеме, дури и да се работи за некој роднина и сведочењето кое Аллах го пропишал нема да го ускратиме, бидејќи тогаш, навистина, би биле грешници!“
107. А ако се открие дека тие двајца згрешиле, тогаш нив ќе ги заменат други двајца од тие на кои штетата им е нанесена, и нека се заколнат во Аллах: „Нашите заклетви се поверодостојни од заклетвите нивни, ние не се заколнавме лажно, бидејќи тогаш, навистина, би биле неправедни!“
108. Тоа е најблиску до тоа дека ќе го извршат сведочењето свое така како што треба, и да не се плашат дека нивните заклетви со други заклетви ќе бидат побиени. И плашете се од Аллах и слушајте! А Аллах нема да им укаже на Вистинскиот пат на луѓето кои се големи грешници!
109. На Денот кога Аллах ќе ги собере Пратениците и ќе ги запраша: „Како ви се одѕвaa?“ – тие ќе речат: „Ние не знаеме, бидејќи Ти ги знаеш сите тајни.“
110. Кога Аллах ќе каже: „О, Иса, сине Мерјемин, сети се на благодaтта Моја кон тебе и кон мајката твоја: кога со Џибрил те помогнав, па со луѓето уште од колевка и како зрел маж разговараше; и кога на писменост и на мудрост, и на Тевратот и на Инџилот те научив; и кога со волјата Моја од глина направи нешто како птица и во неа вдахна, и кога таа со волјата Моја стана птица; и кога со волјата Моја од раѓање слеп и лепрозен исцелуваше; и кога со волјата Моја мртвите ги креваше; и кога од тебе синовите Израилови ги одбив, кога јасни докази им донесе, па тие меѓу нив кои не веруваа – викнаа: ,Ова не е ништо друго туку вистинска маѓија!‘“
111. И кога на учениците им наредив: „Верувајте во Мене и во Пратеникот Мој!“, тие одговорија; „Веруваме, а Ти биди сведок дека ние сме муслимани.“
112. А кога учениците рекоа: „О, Иса, сине Мерјемин, може ли Господарот твој трпеза од небо да ни спушти?“ – тој рече: „Плашете се од Аллах ако сте верници!“
113. „Ние сакаме“ – рекоа тие – „од неа да јадеме и нашите срца да бидат смирени и да се увериме дека вистината ни ја зборуваше, и за неа да бидеме сведоци.“
114. Иса, синот Мерјемин, рече: „О, Аллаху, Господару наш, спушти ни од небо трпеза да ни биде празник, и на првите од нас и на подоцнежните, и чудо Твое, и снабди нè, а Ти си најдобриот Снабдувач!“
115. „Јас ќе ви ја спуштам,“ – рече Аллах – „но тие од вас кои и потоа нема да веруваат ќе ги казнам со казна со каква никого на светот нема да казнам!“
116. А кога Аллах ќе рече: „О, Иса, сине Мерјемин, ти ли им говореше на луѓето: ,Прифатете ме мене и мајката моја како две божества покрај Бог?‘“ – тој ќе рече: „Чист си Ти од тоа! Мене не ми доликува да зборувам за тоа што немам право. Ако тоа јас сум го говорел, Ти тоа веќе го знаеш; Ти знаеш што има во мене, а јас не знам што има во Тебе; Само Ти, Единиот, знаеш сè што е скриено!
117. Јас им го велев само тоа што Ти им го нареди: ,Обожувајте Го Бога, и мојот и вашиот Господар!‘ И јас бдеев над нив додека бев меѓу нив, а кога Ти кај Себе ме зеде, само Ти ги наѕрнуваше; Ти бдееш над сè!
118. Ако ги казниш, робови се Твои, а ако им простиш, Силен и Мудар си Ти!“
119. Аллах ќе рече: „Ова е Денот во кој на искрените искреноста нивна ќе им биде од корист; ним ќе им припаднат џенетските градини низ кои реки течат; вечно и довека во нив ќе останат. Аллах ќе биде задоволен со нив, а и тие со Него. Тоа голем успех ќе биде!“
120. Аллахова е власта на небесата и на Земјата и над тоа што е на нив; Тој може сè!