The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesThe Star [An-Najm] - Macedonian Translation
Surah The Star [An-Najm] Ayah 62 Location Maccah Number 53
1. Се колнам во ѕвездата кога заоѓа,
2. вашиот другар од Вистинскиот пат не скршна и не заталка!
3. Тој не зборува по своја волја.
4. Тоа е само Објавата која што му се доставува.
5. Го учи еден[245] со огромна моќ;
6. силен, кој се појави во ликот свој,
7. на највисокиот хоризонт,
8. потоа се приближи и се наведна,
9. блиску за два лака, или поблиску –
10. и го објави на Неговиот роб тоа што му го објави.
11. Срцето не го негираше тоа што го виде,
12. па зошто се расправате со него за тоа што го видел?
13. Тој и по вторпат го виде,
14. кај Сидретул Мунтеха[246],
15. каде што е џенетското престојувалиште.
16. Кога Сидр го прекриваше тоа што го прекриваше –
17. погледот не му скршна, ниту пречекори,
18. ги виде највеличествените знаменитости на својот Господар.
19. Што велите за Лат и Узат[247]
20. и за Менат, третата најмалку ценета?
21. Зарем за вас се синовите, а за Него ќерките?!
22. Тоа тогаш би била неправедна поделба.
23. Тоа се само имиња кои вие и предците ваши им ги дадовте, Аллах за нив никаков доказ не пратил; тие се поведуваат само по претпоставки и по тоа по што душите им копнеат, а од Господарот нивен веќе им дојде Упатство.
24. И зарем човекот да добие сè што ќе посака?
25. Па на Аллах Му припаѓаат и овој и оној свет!
26. А колку мелеци има на небесaтa чиешто посредување никому нема да му биде од корист, сè додека Аллах тоа не го дозволи на оној кому Тој сака и во корист на оној од кого е задоволен.
27. Тие што не веруваат во оној свет ги нарекуваат мелеците со женски имиња,
28. а за тоа ништо не знаат, само претпоставки следат, а претпоставката на вистината нималку не ѝ користи.
29. Затоа ти остави го тој што го одбегнува Куранот и кој само животот на овој свет го сака.
30. Тоа е врвот на нивното знаење – Господарот твој добро ги знае тие што скршнаа од Неговиот пат и Тој добро ги знае тие што се на Вистинскиот пат.
31. Аллахово е сè што е на небесата и на Земјата – за, според тоа што го правеле, да ги казни тие што прават зло, а со најубава награда да ги награди тие што прават добро,
32. тие што ги избегнуваат големите гревови и развратот, а на послушните Тој ќе им прости бидејќи Господарот твој, навистина, многу простува, – Тој добро знае сè за вас, откога ве создаде од земја и откога бевте ембриони во утробите на мајките ваши; затоа не фалете се со безгрешноста своја – Тој добро го знае тој што се чува од гревови.
33. Кажи Ми ти Мене за тој што ја одбегнува вистината
34. и малку дава па потоа сосема престанува да дава,
35. зарем тој го има знаењето за гајбот, па гледа?
36. Зарем тој не е известен за тоа што се наоѓа во листовите на Муса
37. и на Ибрахим – кој потполно ги исполнуваше обврските –
38. дека ниту еден грешник туѓите гревови нема да ги носи,
39. и дека на човекот му припаѓа само тоа што тој сам ќе го стори,
40. и дека трудот негов сигурно ќе се види,
41. и дека според него во потполност награден или казнет ќе биде,
42. и дека кај Господарот твој повторно ќе се врати,
43. и дека Тој на смеење и на плачење наведува,
44. и дека Тој усмртува и оживува,
45. и дека Тој создава пар, машко и женско,
46. од капка семе кога се исфрла;
47. и дека Тој повторно ќе ги оживее,
48. и дека Тој дава богатство и моќ да стекнуваат,
49. и дека е Тој Господарот на Сириус,[248]
50. и дека Тој древниот народ Ад го уништи,
51. и Семуд, и дека никого не поштеди,
52. и народот на Нух, претходно, кој беше свиреп и осилен;
53. и урнатите населби Тој ги преврте,
54. и ги снајде тоа што ги снајде,
55. па, во која благодат од Господарот твој сè уште се сомневаш?
56. Ова е опомена како и претходните опомени:
57. Крајот на светот се приближува,
58. освен Аллах никој не може да го открие, ниту да го отстрани!
59. Па зарем за овој говор сте зачудени,
60. и се смеете, а не плачете,
61. со гордо кренати глави?
62. Подобро поклонете се на сеџда пред Аллах и Него обожувајте Го!