The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesThe moon [Al-Qamar] - Macedonian Translation
Surah The moon [Al-Qamar] Ayah 55 Location Maccah Number 54
1. Се ближи Часот и Месечината се преполови!
2. А тие, секогаш кога ќе видат чудо, се вртат и велат: „Непрекината маѓија!“
3. Тие не веруваат и се поведуваат по своите желби, а сè е веќе одредено.
4. И им дојдоа вести кои треба да ги одвратат –
5. совршена мудрост – но, опомените не користат,
6. Затоа сврти се од нив! На Денот кога гласникот ќе ги повика на нешто ужасно
7. тие со спуштени погледи од гробовите ќе излегуваат, како расеани скакулци,
8. брзајќи кон гласникот, неверниците ќе велат: „Ова е тежок ден!“
9. Нуховиот народ не веруваше пред нив и робот Наш за лага го клеветеа, велејќи: „Лудак!“ – и Нух беше одбиен.
10. И Тој Господарот свој Го замоли: „Јас сум победен, па Ти помогни ми!“
11. И Ние портите небески ги отворивме за водата која непрекинато лиеше,
12. и сторивме од земјата изворите да провиреат, и водите се составија како што беше одредено,
13. а него го носевме на тој брод од даски и шајки изграден
14. којшто пловеше пред Нашите очи, – тоа беше награда за тој што го отфрлија.
15. И Ние тоа го оставивме како поука – па има ли некој да прими поука?
16. И какви беа казната Моја и опомените Мои?!
17. И Ние Куранот го направивме лесен за поука – па има ли некој да прими поука?
18. Не веруваше ни Ад, какви беа казната Моја и опомените Мои?!
19. Еден кобен ден над нив пративме леден ветар кој непрекинато дуваше
20. и луѓето ги креваше, како да се искорнати палмини стебла,
21. и какви беа казната Моја и опомените Мои?!
22. А Ние Куранот го направивме достапен за учење наизуст и поука, па има ли некој да прими поука?
23. И Семуд во опомените не веруваше.
24. „Зарем да следиме некого од нас?!“ – говореа. „Тогаш, навистина, би биле во заблуда и на мака.
25. Зарем токму нему, од сите нас, да му биде пратена Објавата? Не, тој е вообразен лажливец!“
26. Тие утре ќе дознаат кој е вообразен лажливец!
27. Ние ќе пратиме камила за да ги искушаме, па почекај ги и биди трпелив.
28. И предупреди ги дека водата ќе ја делат и тие и таа, на секој оброк ќе му пристапи тој што е на ред!
29. Но тие повикаа еден од нив, па тој се осмели и ја закла –
30. и какви беа казната Моја и опомените Мои?!
31. Ние на нив им пративме еден единствен крик, па тие станаа како здробени суви лисја, кои ги собира тој што има плевна.
32. А Ние го направивме Куранот достапен за учење наизуст и поука, па има ли некој да прими поука?
33. И Лутовиот народ во опомените не веруваше.
34. На нив им пративме ветер полн со песок – освен на Лутовото семејство, нив во мугрите ги спасивме,
35. од милоста Наша. Ете, Ние така ги наградуваме тие што заблагодаруваат.
36. А тој им се закануваше со силата Наша, но тие во заканите се сомневаа.
37. Тие од него гостите негови ги бараа, па Ние ги ослепевме: „Искусете ја казната Моја и заканите Мои!“
38. А рано наутро ги стигна казната постојана.
39. „Искусете ја казната Моја и заканите Мои!“
40. А Ние Куранот го направивме достапен за учење наизуст и поука, па има ли некој да прими поука?
41. И на фараоновите луѓе опомените им доаѓаа,
42. но тие ги негираа сите Наши знаци, па Ние ги казнивме така како што казнува Силниот и Моќниот.
43. Дали неверниците ваши се подобри од нив, или вие во книгите небески имате некаква гаранција?
44. Зарем тие да велат: „Ние сме непобедлива група!“
45. Групата сигурно поразена ќе биде, а тие ќе се дадат во бегство!
46. Меѓутоа, Крајот на светот им е закажан, а Крајот на светот е поужасен и погорчлив.
47. Злосторниците сигурно во заблуда и на мака беа, и ќе бидат
48. на Денот кога во Огнот ќе бидат одвлечени, со лицата надолу свртени: „Искусете го допирот на Огнот!“
49. Ние навистина сè со мерка создаваме,
50. и наредбата Наша е само еден збор – сè се случува за миг.
51. А Ние веќе ги уништивме сличните на вас, па има ли некој да прими поука?!
52. И сè што направија во книгата е,
53. сè, мало и големо, во редови е ставено.
54. Тие што се плашеа од Аллах ќе бидат во џенетските градини и покрај реките
55. на местото на Вистината, кај Семоќниот Владетел.