The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesThe Event, The Inevitable [Al-Waqia] - Macedonian Translation
Surah The Event, The Inevitable [Al-Waqia] Ayah 96 Location Maccah Number 56
1. Кога Случувањето ќе се случи,
2. случувањето негово никој нема да го негира,
3. некои ќе ги понижи, а некои ќе ги возвиши;
4. кога Земјата силно ќе се стресе
5. и планините во парчиња ќе се здробат,
6. и ќе станат прашина расфрлена,
7. вас ќе ве има три вида:
8. тие оддесно – кои се тие оддесно?!
9. И тие одлево – кои се тие одлево?!
10. И тие првите – секогаш први!
11. Тие ќе Му бидат блиски на Аллах
12. во џенетските градини на насладувањето.
13. Ќе има многу од првите,
14. а малку од последните,
15. на диваните извезени,
16. едни кон други на нив потпрени ќе бидат;
17. ќе ги служат вечно млади момчиња,
18. со чаши и ибрици и со пехар полн со пијалак од изворите проточни
19. од кој глава нема да ги боли и поради кој умот нема да го загубат,
20. и со овошје коешто самите ќе го одбираат,
21. и со птичје месо какво што ќе посакаат.
22. Со нив ќе бидат и хуриите со крупни очи,
23. слични на бисер во школките скриен –
24. како награда за тоа што го правеле.
25. Во нив нема да слушаат празни беседи и грешен говор,
26. туку само зборовите: „Селам, селам!“
27. А тие оддесно – што е со тие оддесно?
28. Ќе бидат меѓу лотосовите дрвја без боцки,
29. и меѓу дрвјата на багремот со плодови нанижени,
30. и под сенката пространа,
31. покрај водата проточна
32. и среде овошјето разновидно
33. коешто секогаш ќе го има и коешто нема забрането да биде,
34. и на постелите високо кренати.
35. Со новото создавање Ние ќе создадеме хурии
36. и ќе ги направиме девици
37. мили на мажите нивни и со исти години
38. за тие оддесно.
39. Ќе ги има многу од првите,
40. а многу и од подоцнежните.
41. А тие одлево – што е со тие одлево?!
42. Тие ќе бидат во оган вжарен и во вода зовриена
43. и во сенката на чадот темен,
44. каде нема да има свежина ни каква било удобност.
45. Тие пред тоа со раскошен живот живееја
46. и упорно тешки гревови чинеа,
47. и велеа: „Зарем кога ќе умреме и кога земја и коски ќе станеме – зарем навистина ќе бидеме оживеани,
48. зарем и нашите древни предци?“
49. Кажи: „И древните и подоцнежните,
50. во одредено време, еден одреден ден ќе бидат собрани,
51. и тогаш вие, о заблудени, кои го негиравте оживувањето,
52. сигурно од дрвото Зекум ќе јадете,
53. и со него стомаците ќе ги полните,
54. а потоа на тоа зовриена вода ќе пиете,
55. како камили кои не можат жедта да ја изгаснат;
56. тоа на оној свет ќе биде гостењето нивно!
57. Ние ве создадовме – па зошто не поверувате?“
58. Кажете Ми вие Мене: дали на семето кое го уфрлате
59. вие облик му давате или Ние тоа го правиме?
60. Ние одредуваме кога кој од вас ќе умре, и никој не може да Нè спречи
61. ликовите ваши да ги измениме и одново во ликови кои вие нема да ги познаете да ве создадеме.
62. Познато ви е како првиот пат сте создадени, па зошто не се вразумите?
63. Кажете Ми вие Мене: што станува со тоа што ќе го посадите?
64. Дали вие му давате сила да никнува, или Ние тоа го правиме?
65. Ако сакаме можеме во суво растение да го претвориме, па би се вчудоневиделе:
66. „Ние навистина сме оштетени,
67. дури сме и лишени од сè!“
68. Кажете Ми вие Мене: водата што ја пиете –
69. дали вие или Ние од облаците ја спуштаме?
70. Ако сакаме можеме да ја направиме солена – па зошто не сте благодарни?
71. Кажете Ми вие Мене: огнот што го палите –
72. дали дрвото за него вие или Ние го создаваме?
73. Ние правиме тој да потсетува и да биде корисен за патниците кои престојуваат;
74. затоа слави го и величај го името на Господарот свој, Величествениот!
75. И се колнам во местата на постепеното спуштање на Куранот,
76. а тоа, да знаете, е голема заклетва.
77. Тоа е, навистина, благородниот Куран
78. во грижливо чуваната Книга.
79. Смеат да го допрат само тие што се чисти!
80. Тој е Објава од Господарот на световите,
81. па како овој говор го омаловажувате
82. и наместо благодарност што ви е подарено снабдувањето, вие во него не верувате?
83. А зошто вие, кога душата до гркланот ќе достигне,
84. и вие тогаш ќе гледате –
85. а Ние сме поблиску до тоа од вас, но вие не гледате
86. – зошто тогаш, ако сметката не мислите да ја полагате,
87. не ја повратите, доколку вистината ја зборувате?
88. И ако биде еден од тие што Му се блиски на Аллах –
89. удобност и убаво снабдување и џенетски благодати за него!
90. А ако биде еден од тие што се десно –
91. па, селам до тебе од тие што се десно!
92. А ако биде еден од заблудените, што негираа
93. па со зовриена вода ќе биде нагостен
94. и во огнот ќе биде пржен.
95. Навистина сето ова е чиста вистина!
96. Па слави го и величај го името на Господарот свој, Величествениот!