عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

The Iron [Al-Hadid] - Macedonian Translation

Surah The Iron [Al-Hadid] Ayah 29 Location Madanah Number 57

1. Тоа што е на небесата и тоа што е на Земјата Го слави и Го велича Аллах, Тој е Силниот и Мудриот!

2. Негова е власта на небесата и на Земјата; Тој живот и смрт дава, и Тој може сè.

3. Тој е Првиот и Последниот, и Видливиот и Невидливиот; Тој знае сè!

4. Тоа е Тој што ги создаде небесата и Земјата за шест временски периоди, а потоа се возвиши над Аршот: Тој знае што влегува во земјата и што излегува од неа, и што од небото слегува и што кон него се крева, Тој е со вас каде и да сте, и Аллах гледа сè што правите.

5. Негова е власта на небесата и на Земјата, и кај Аллах сè ќе се врати!

6. Тој ја воведува ноќта во денот и денот во ноќта, и Тој ги знае мислите сечии.

7. Верувајте во Аллах и во Пратеникот Негов и давајте од тоа што Тој ви го дал да го наследите, бидејќи тие од вас што ќе веруваат и што ќе даваат ги чека голема награда.

8. Што ви е што не верувате во Аллах? Пратеникот ве повикува да верувате во Господарот свој, а Тој веќе зеде завет од вас, ако сакате да бидете верници.

9. Тој на Својот роб му објавува јасни ајети за да ве изведе од темнините на светлина, а Аллах навистина е Благ и Милостив кон вас.

10. И што ви е што одбивате да трошите на Аллаховиот пат, а на Аллах Му припаѓа наследството на небесата и Земјата? Не се еднакви тие меѓу вас кои даваа прилози пред победата и лично се бореа – тие се на повисок степен од тие што после тоа даваа прилози и лично се бореа, а Аллах на сите им ветува најубава награда; Аллах добро го знае тоа што го правите.

11. Кој е тој што доброволно ќе Му даде заем на Аллах за Тој многукратно да му го врати, а со тоа и благородна награда да добие (во Џенетот)?

12. На Денот кога ќе видиш како пред верниците и верничките, и од нивната десна страна, светлото нивно ќе се движи: „Блазе си ви денес: џенетски градини, низ кои реки течат, во коишто вечно ќе живеете – тоа е голем успех!“

13. На Денот кога лицемерите и лицемерките ќе им велат на верниците: „Причекајте нè за да се послужиме со светлото ваше!“ – „Вратете се назад, па друго светло побарајте!“ – ќе се рече. И помеѓу нив ќе се постави преграда која ќе има врата; во неа ќе биде милоста, а вон неа страдањето.

14. „Зарем не бевме со вас?“ – ќе ги довикуваат. – „Бевте,“ – ќе одговорат – „но се доведовте во искушение, го исчекувавте нашето уништување, имавте сомнеж (во верата) и пустите желби ве залажуваа, сè додека не дојде Аллаховата наредба, а шејтанот ве измами во врска со Аллах.

15. Денес никаква откупнина нема да се прими од вас, а ниту од тие што не веруваа; огнот ќе биде живеалиште ваше, тој токму ви одговара, а тој е ужасно живеалиште!

16. Зарем не е време срцата на верниците да омекнат кога се спомнуваат Аллах и Вистината која се објавува, и тие да не бидат како оние на коишто уште одамна им е дадена Книгата, па срцата нивни, бидејќи помина многу време, сурови станаа и многу од нив се непослушни грешници.

17. Знајте дека Аллах ѝ дава живот на веќе мртвата земја! Ние ви ги објаснуваме доказите за да разберете.

18. На тие што ќе даваат милостина и зекат, од мажи и жени, и коишто доброволно на Аллах заем ќе Му даваат – многукратно ќе им се врати и нив ги чека благородна награда.

19. Тие што веруваат во Аллах и во Пратениците Негови – тие се искрени! А на шехидите – нивната награда и светлото нивно им припаѓа кај нивниот Господар! А тие што нема да веруваат и кои доказите Наши ќе ги негираат, тие ќе бидат жители на Огнот.

20. Знајте дека животот на овој свет е игра, и забава, и разубавување, и гордо натпреварување меѓу вас, и натпреварување со мноштвото имоти и деца! Пример за тоа е дождот, и растенијата од него ги восхитува сејачите, и тоа, по дождот, станува бујно, но потоа ќе го видиш пожолтено и потоа бива исушено. На овој свет има тешко страдание (за неверниците), а има и прошка и задоволство од Аллах (за верниците). А овосветскиот живот е лажно уживање!

21. Натпреварувајте се за да заслужите кај својот Господар прошка и Џенет, простран колку што се пространи небото и Земјата, и подготвен за тие што веруваат во Аллах и во Пратениците Негови. Тоа е Аллаховата благодат којашто ќе му ја даде на тој што Тој сака; а кај Аллах има голема благодат.

22. Нема неволја која ќе ја погоди Земјата и вас, а која не е, пред да ја дадеме, запишана во Книгата – тоа за Аллах е навистина лесно –

23. за да не тагувате по тоа што ви одминало, а и да не се радувате премногу на тоа што Тој ќе ви го даде. Аллах не сака никакви прекумерни трошачи, фалбаџии,

24. коишто се скржави и кои од луѓето бараат скржавост. А оној кој не сака да дава – па, Аллах е навистина независен и достоен за благодарност.

25. Ние Пратениците Наши со јасни докази ги праќавме и по нив Книга и Мерка – правда праќавме, за луѓето да постапуваат праведно – а железото го создадовме, во кое има голема моќ и кое на луѓето им користи – и за да укаже Аллах на тие што ја помагаат верата Негова и пратениците Негови кога не Го гледаат. Аллах, навистина, е Моќен и Силен.

26. Ние Нух и Ибрахим ги пративме и на некои од потомците нивни веровесништво и објава им дадовме; некои од потомците нивни се на Вистинскиот пат, а многу од нив се непослушни грешници.

27. Потоа, по нив, еден по друг Нашите Пратеници ги праќавме, додека Иса, синот Мерјемин, не го пративме, кому Инџилот му го дадовме, а во срцата на следбениците негови благост и сомилост влеавме, додека монаштвото тие самите, како новотарија го воведоа – Ние не им го пропишавме со желба да се стекне Аллаховото задоволство; но тие за тоа не водат грижа така како што треба, па тие меѓу нив коишто ќе веруваат исправно, ќе ги наградиме, а многу од нив се непослушни грешници.

28. О, вие коишто верувате – плашете се од Аллах и во Пратеникот Негов верувајте, Тој Својата двократна милост ќе ви ја подари, и ќе ви даде светло со чија помош ќе одите, и ќе ви прости, бидејќи Аллах простува и милостив е.

29. И нека знаат следбениците на Книгата дека тие никаква Аллахова благодат нема да добијат, бидејќи благодатта е само во Аллаховата рака – им ја дава на тие на коишто Тој сака; а кај Аллах е најголемата благодат.