عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

Exile [Al-Hashr] - Macedonian Translation

Surah Exile [Al-Hashr] Ayah 24 Location Madanah Number 59

1. Тоа што е на небесата и тоа што е на Земјата Го слави и Го велича Аллах, Тој е Силниот и Мудриот!

2. Тој при првото прогонство од домовите нивни ги протера тие следбеници на Книгата кои не веруваа. Вие не мислевте дека ќе отидат, а тие мислеа дека нивните тврдини од Аллаховата казна ќе ги одбранат, но Аллаховата казна им дојде оттаму од каде што не се надеваа и Тој во срцата нивни влеа страв; со сопствените раце и со рацете на верниците своите домови ги рушеа. Затоа земете од тоа поука, о, вие кои гледате!

3. А Аллах да не пропишеше веќе прогонство за нив, Тој ќе ги казнеше уште на овој свет! А ним на оној свет им припаѓа казна во Огнот

4. затоа што на Аллах и на Пратеникот Негов им се спротивставуваа; а тој што на Аллах ќе Му се спротивстави, Аллах навистина жестоко ќе го казни.

5. Тоа што исековте некои палми или ги оставивте исправено да стојат – тоа со Аллахова дозвола го сторивте, и за Тој да ги понижи непослушните грешници.

6. А вие не ги теравте ниту коњите ниту камилите впрегнати заради тоа што Аллах од нив, како плен, го подарил на Пратеникот Свој, туку Аллах им ја препушта власта на пратениците Свои над тие над коишто сака Тој; Аллах може сè.

7. Пленот од жителите на селата и на градовите кои Аллах му ги дарува на Пратеникот Свој им припаѓа: на Аллах и на Пратеникот Негов, и на неговите ближни, и на сирачињата, и на сиромашните и на патниците-намерници, за да не преоѓа само од раце во рацете на вашите богаташи; тоа што Пратеникот ќе ви го даде – земете го, а тоа што ќе ви го забрани – оставете го; и плашете се од Аллах бидејќи Аллах навистина жестоко казнува.

8. И на сиромашните мухаџири кои од својот роден крај се протерани и од имотот свој лишени, кои сакаат Аллаховата милост и наклоност да ја стекнат, и на Аллах и на Пратеникот Негов им помагаат – тоа се навистина вистински верници.

9. И на тие што пред нив Медина ја населија и верувањето го прифатија; тие ги сакаат оние коишто им се доселуваат и во градите свои никаква тешкотија не чувствуваат, и сакаат повеќе за нив отколку за себе, иако и на нив самите им е потребно. А тие што ќе се сочуваат од лакомоста и скржавоста, тие сигурно ќе успеат.

10. Тие што доаѓаат по нив, велат: „Господару наш, прости ни нам и на браќата наши кои во верата нè претекнаа и не допуштај во срцата наши да има ниту малку злоба кон верниците; Господару наш, Ти си, навистина, добар и Милостив!“

11. Зарем не гледаш како лицемерите им говорат на своите пријатели, на следбениците на Книгата кои не веруваат: „Ако бидете протерани, ние сигурно со вас ќе појдеме и кога ќе се однесува на вас, никогаш никому нема да му се покориме; а ако бидете нападнати, сигурно на помош ќе ви дојдеме.“ – а Аллах е сведок дека тие навистина се лажливци:

12. Кога би биле протерани, тие не би тргнале со нив; кога би биле нападнати, тие не би им дошле на помош; и кога би им дошле на помош, сигурно би избегале и тие без помош би останале.

13. Тие повеќе се плашат од вас отколку од Аллах, затоа што тие се неразумни луѓе.

14. Само во утврдените градови или зад ѕидините, тие против вас смеат заедно да се борат. Нивното непријателство е жестоко меѓу нив. Ти мислиш дека тие се сложни, меѓутоа срцата нивни се разединети, затоа што тие се луѓе кои немаат ум.

15. Слични се на тие што неодамна тука сета погубност на постапките свои ја искусија – нив ги чека неподносливо страдање;

16. Слични се на шејтанот кога ќе му каже на човекот: „Биди неверник!“ – па кога тој ќе стане неверник, тој тогаш ќе рече: „Јас се одрекувам од тебе, и навистина се плашам од Аллах, Господарот на световите!“

17. Двајцата на крај ги чека огнот, во кој вечно ќе престојуваат, а тоа ќе биде казна за сите злосторници.

18. О, верници, плашете се од Аллах, и секој човек нека гледа што подготвил за утре и плашете се од Аллах, бидејќи Тој добро знае што правите.

19. И не бидете како тие што заборавија на Аллах, па Тој направи самите себеси да се заборават; тоа се вистински непослушни грешници.

20. Не се еднакви жителите на Џехенемот и жителите на Џенетот; жителите на Џенетот ќе го постигнат тоа што го сакаат.

21. Ако го објавиме овој Куран на некој рид, ти би видел како е полн со стравопочит и како би се распаднал од страв пред Аллах. Такви примери им наведуваме на луѓето за да размислат.

22. Тој е Аллах, нема друг бог освен Него, Тој е познавач на невидливиот и на видливиот свет, Тој е Семилосен, Милостив!

23. Тој е Аллах, нема друг бог освен Него, Владетелот, Светиот, Тој што е без недостатоци, Тој што го обезбедува секого, Тој што бдее над сите, Силниот, Возвишениот, Гордиот. Возвишен и Чист е Аллах од тоа што Му го припишуваат!

24. Тој е Аллах, Создателот, Тој што создава од ништо, Тој што му дава облик на сè, Тој има најубави имиња. Него Го слави и Го велича сè што е на небесата и на Земјата, Тој е Силниот и Мудриот.