The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesThe Sovereignty [Al-Mulk] - Macedonian Translation
Surah The Sovereignty [Al-Mulk] Ayah 30 Location Maccah Number 67
1. Благословен е Тој во Чијашто рака е власта – Тој може сè!
2. Тој што ги даде смртта и животот за да ве искуша кој од вас подобро ќе постапува; Тој е Силниот, Тој што простува,
3. Тој што седумте неба едни врз други ги создаде како слоеви – ти во тоа што Семилосниот го создава не гледаш никаков несклад, па повторно погледни да не видиш некаков недостаток,
4. потоа повторно двапати погледни, погледот ќе ти се врати истоштен и уморен.
5. Ние најблиското небо со сјајни светилки го украсивме и ги направивме оган за гаѓање на шејтаните, за коишто подготвивме страдање во огнот.
6. А за тиe што не веруваат во својот Господар, им припаѓа казна во Џехенемот, а тој е ужасно престојувалиште!
7. Кога во него ќе бидат фрлени, бучењето негово ќе го чујат, и тој ќе врие,
8. скоро да се распадне од бес. Кога и да се фрли група на луѓе во него, стражарите во него ќе ги запрашаат: „Зарем никој не доаѓаше да ве опоменува?“
9. „Да, доаѓаше тој што нè опоменуваше“ – ќе одговорат – „а ние негиравме и велевме: ,Аллах не објавил ништо, вие сте во голема заблуда!‘“
10. И ќе речат: „Да слушавме или да размислувавме, немаше да бидеме меѓу жителите на огнот!“
11. И тие ќе ги признаат своите гревови – па, жителите на Џехенемот огнен далеку нека бидат од нас!
12. За тие коишто од Господарот свој се плашат, дури и кога никој не ги гледа, има прошка и награда голема!
13. Било да зборувате вие тивко или гласно – па Тој сигурно ги знае мислите сечии!
14. А како и не би знаел Тој што создава, Тој што сè детално знае, Којшто за сè е известен.
15. Тој Земјата погодна ви ја направи, па одете по пределите нејзини и хранете се со тоа што Тој го дава, Нему по оживувањето ќе Му одговарате.
16. Дали сте сигурни дека Тој што е на небесата нема в земја да ве втера, кога таа ќе почне ненадејно да се тресе?
17. Или, дали сте сигурни дека Тој што е на небесата нема вам ветер со камења да ви прати? Тогаш би дознале каква е заканата Моја!
18. А негираа и тие пред нив, па каква само беше казната Моја!
19. Зарем тие не ги гледаат птиците над себе како со раширени крилја летаат, а и ги собираат? Само Семилосниот ги држи; Тој навистина сè добро гледа.
20. Или кој е тој што ќе биде ваша војска и ќе ви помогне вам, освен Семилосниот?! – Неверниците себе се залажуваат.
21. Или, кој е тој што ќе ве нахрани, ако Тој храната своја ја скрати? – Но, тие се упорни во горделивоста и во бегањето од вистината.
22. Дали е поупатен тој што оди наведнат со лицето кон земјата или тој што по Правиот пат исправено оди?
23. Кажи: „Тој ве создава и ви дава слух и вид и ум, а вие малку заблагодарувате!“
24. Кажи: „Тој по Земјата ве расеа и пред Него ќе бидете собрани.“
25. А тие говорат: „Кога веќе еднаш ќе се случи таа закана, ако вистината ја зборувате?!“
26. Кажи: „Само Аллах знае! Јас сум должен само јавно да опоменувам.“
27. Кога казната одблизу ќе ја погледнат, очај ќе ги прекрие лицата на тие што не веруваа и ќе биде речено: „Еве, ова е тоа што го избрзувавте!“
28. Кажи: „Кажете ми вие мене: ако Аллах мене ми испрати смрт и на тие што се со мене, или ако ни се смилува, кој ќе ги заштити неверниците од неиздржливото страдање?“
29. Кажи: „Тој е Семилосниот, во Него веруваме и врз Него се потпираме, а вие сигурно ќе дознаете кој е во јасна заблуда.“
30. Кажи: „Што мислите, ако ви пресушат водите, кој ќе ви даде протечна вода?“