عربيEnglish

The Noble Qur'an Encyclopedia

Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languages

Those who drag forth [An-Naziat] - Macedonian Translation

Surah Those who drag forth [An-Naziat] Ayah 46 Location Maccah Number 79

1. Се колнам во тие[258] што (душите ги) корнат грубо,

2. и во тие што (душите ги) вадат благо,

3. и во тие што пловат брзо,

4. па душите во одредиштата итајќи ги носат

5. и ги средуваат работите (со Аллахова дозвола)!

6. На Денот кога Земјата (со звукот на рогот) ќе се затресе,

7. по кој ќе се чуе следниот –

8. срцата тој ден ќе бидат исплашени,

9. а погледите нивни спуштени.

10. Ќе прашуваат: „Зарем навистина ќе бидеме вратени во првобитната состојба?

11. Зарем и кога изгниени коски ќе станеме?“

12. И уште велат: „Е, тогаш ние би биле изгубени!“

13. Тоа ќе биде само еден повик,

14. а тие веќе на површината на Земјата ќе бидат.

15. Дали до тебе допре веста за Муса,

16. кога Господарот негов го повика во светата долина Тува?

17. „Оди кај фараонот, затоа што се осилил,

18. и кажи му: ,Дали сакаш да се очистиш,

19. кон Господарот твој да те упатам, па да се плашиш од Него?‘“

20. И тогаш најголемото чудо му го покажа,

21. но тој го негираше и не го послуша,

22. туку се сврте и си замина брзајќи,

23. се собра и извика:

24. „Јас сум господарот ваш најголем!“ – рече тој,

25. и Аллах на овој и на оној свет го казни.

26. Тоа е поука за тој што од Аллах ќе се плаши!

27. А што е потешко: вас или небото да го создаде? Тој го создаде[259],

28. сводот негов високо го крена и го усоврши,

29. ноќите негови мрачни, а деновите светли ги направи.

30. Потоа Земјата ја распростре,

31. од неа вода и пасишта изведе,

32. и планините неподвижни ги направи –

33. за уживање ваше и за стоката ваша.

34. А кога ќе дојде најголемата неволја,

35. Денот кога човек ќе се сеќава на тоа што го правел,

36. и кога Џехенемот на секој што гледа ќе му се покаже,

37. тогаш на тој што се осилил

38. и животот на овој свет повеќе го сакал

39. Џехенемот сигурно ќе му стане престојувалиште.

40. А на тој што стравувал од стоењето пред Господарот свој и душата од страстите ја воздржал,

41. Џенетот сигурно живеалиште ќе му биде.

42. Те прашуваат за Крајот на светот: „Кога ќе се случи?“

43. Ти не знаеш, па како да зборуваш за него,

44. само Господарот твој знае за него.

45. Твојата опомена ќе му користи само на тој што ќе се плаши од него,[260]

46. а ним, кога ќе го доживеат тој Ден, ќе им се пристори дека останале само една вечер или само едно утро негово.