The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesSpoils of war, booty [Al-Anfal] - Macedonian Translation
Surah Spoils of war, booty [Al-Anfal] Ayah 75 Location Madanah Number 8
1. Те прашуваат за пленот. Кажи: „Пленот им припаѓа на Аллах и на Пратеникот“. Затоа плашете се од Аллах и израмнете ги меѓусебните несогласувања, и покорувајте им се на Аллах и на Неговиот Пратеник, ако сте вистински верници.
2. Вистински верници се само тие чиишто срца со страв се исполнуваат кога Аллах се спомнува, а кога зборовите Негови им се кажуваат, верувањето им го зголемуваат и само на Господарот свој се потпираат,
3. тие што намазот (молитвата) го извршуваат и дел од тоа што Ние им го даваме го даваат.
4. Тие се навистина вистински верници! Нив почести и прошка и благородно изобилство кај Господарот нивен ги чекаат.
5. Така беше и тогаш кога Господарот твој со право од домот твој те изведе, а што на една група верници никако по волја не им беше.
6. Се расправаа со тебе за борбата, иако очигледно им беше дека ќе победат, на некои од нив им изгледаше како пред свои очи во смрт да се гонат.
7. И кога Аллах ви вети дека ваша ќе биде една од двете групи, а вие повеќе сакавте да ви падне в раце таа што не е вооружена, Аллах сакаше со зборовите Свои вистината да ја зацврсне и неверниците во корен да ги истреби,[129]
8. вистината да ја зацврсне, а невистината да ја уништи, макар тоа да не им е по волја на злосторниците.
9. И кога од Господарот свој помош побаравте, Тој ви се одѕва: „Ќе ви пратам на помош илјада мелеци кои едни по други ќе доаѓаат.“
10. Аллах тоа го стори за да ве израдува и со тоа срцата ваши да се смират; а победата е само од Аллах. Аллах е навистина Силен и Мудар!
11. Кога Тој направи сонот, како спокојство од Него, да ве обземе и од небото дожд ви спушти за со него да ве исчисти, и од вас шејтановото вознемирување да го отстрани, и срцата ваши силни да ги направи и со него чекорите да ви ги зацврсти.
12. Кога Господарот твој им вдахна на мелеците: „Јас сум со вас, па зацврстете ги тие што веруваат! Во срцата на неверниците Јас страв ќе влеам, па вие по вратовите удрете ги и по прстите удрете ги!“
13. Затоа што им се спротивставуваа на Аллах и на Пратеникот Негов; а тој што ќе им се спротивстави на Аллах и на Пратеникот Негов, Аллах навистина страшно ќе го казни!
14. Тоа ви е казната, па искусете ја, а неверниците ги чека страдање во Огнот.
15. О, верници, кога со неверниците во борба ќе се судрите, а тие се многубројни, не вртете им грб;
16. тој што тогаш ќе им сврти грб, освен тој што ќе се повлече со намера пак да се бори или пак на друга чета да ѝ пристапи, ќе се врати натоварен со Аллаховиот грев; живеалиштето негово ќе биде Џехенемот, а тоа е ужасно престојувалиште.
17. Вие не ги убивавте нив, туку Аллах; и ти не фрли кога фрлаше, туку Аллах фрли, за да ги искуша верниците со убаво искушение. Аллах, навистина, сè слуша и сè знае.
18. Така беше тоа, а навистина Аллах е Тој што ги ослабнува интригите на неверниците.
19. Ако се молевте да победите, па ете, ви дојде „победата“! А подобро би ви било да се откажете! И ако повторно се вратите, Ние повторно ќе се вратиме и ни малку нема да ви користи таборот ваш, колку и да е многуброен, бидејќи Аллах е на страната на верниците.
20. О, верници, покорувајте им се на Аллах и на Неговиот Пратеник, и не напуштајте го, та вие слушате што говори тој,
21. и не бидете како тие што велат: „Слушаме!“ – а не слушаат!
22. Најлоши суштества кај Аллах се тие кои се глуви и неми, кои не сакаат да сфаќаат.
23. Да знае Аллах дека од нив може да има некакво добро, би направил да слушаат, а и да сторел да слушаат, тие повторно би се свртеле, бидејќи тие и така главите ги вртат.
24. О, верници, одѕвијте им се на Аллах и на Пратеникот кога од васќе побара да го сторите тоа што ве оживува; и знајте дека Аллах се вплеткува помеѓу човекот и срцето негово, и дека сите пред Него ќе се соберете;
25. И чувајте се од искушенијата кои нема да ги погоди само тие меѓу вас кои правеа насилство, и знајте дека Аллах страшно казнува.
26. И сетете се кога бевте малкумина, кога на Земјата бевте угнетени, се плашевте луѓето да не ве фатат, па Тој засолниште ви даде и со Својата помош ви помогна и со убаво снабдување ве снабди, за да бидете благодарни.
27. О, верници, Аллах и Пратеникот не лажете ги и свесно со аманетите не поигрувајте си,
28. и да знаете дека богатството ваше и децата ваши се само искушение и дека само кај Аллах наградата е голема.
29. О, верници, ако се плашите од Аллах, Тој ќе ви подари способност за разделување на вистината од невистината и преку лошите постапки ваши ќе премине и ќе ви прости. А Аллаховата добрина е неизмерна!
30. И кога неверниците замките ги поставуваа за да те фрлат во темница или за да те убијат или за да те прогонат; тие поставуваа замки, па и Аллах им поставуваше замки на нив, бидејќи Аллах тоа најдобро го умее.
31. Кога зборовите наши им се кажуваат, велат: „Веќе чуено! Да сакаме, и ние ќе кажеме нешто такво; тоа се само измислици на народите древни“.
32. А кога рекоа: „Боже, ако ова навистина е вистина од Тебе, Ти прати врз нас камења од небото во вид на дожд или прати ни некое неподносливо страдание!“
33. Аллах не ги казни бидејќи ти беше меѓу нив; и Аллах нема да ги казни сè додека некои од нив сè уште молат да им се прости.
34. А заслужуваат Аллах да ги казни кога им забрануваат пристап на другите во Светиот Храм, а тие не се негови чувари. Чувари негови треба да бидат само тие што се богобојазливи, но мноштвото од нив не знае.
35. Молитвата нивна покрај Ќаба се сведува само на свиркање и ракоплескање; затоа, искусете ја казната бидејќи не верувате!
36. Тие што не веруваат ги трошат имотите свои за да одвраќаат од Аллаховиот пат. Тие сигурно ќе ги потрошат, потоа заради тоа ќе жалат и на крајот победени ќе бидат. А тие што нема да веруваат, во Џехенемот ќе бидат ставени,
37. за добрите од лошите Аллах да ги одвои, и лошите едни над други за да ги наталожи, и потоа сите во еден куп да ги збие и во Џехенемот да ги фрли! Тие навистина ќе бидат изгубени.
38. Кажи им на тие што не веруваат: ако престанат, ќе им биде простено тоа што било претходно; но ако не престанат, па се знае што се случи со древните народи.
39. И борете се против нив сè додека многубоштвото не исчезне и сè додека Аллаховата вера не остане. А ако престанат, Аллах добро гледа што прават тие,
40. а ако ги свртат грбовите свои, знајте дека Аллах е ваш заштитник, а Тој е прекрасен заштитник и Тој е прекрасен помагач!
41. И знајте дека од сè што ќе заплените за време на борба една петтина им припаѓа на Аллах и на Пратеникот, и на роднините негови, и на сирачињата, и на сиромашните, и на патниците, ако верувате во Аллах и во тоа што го објавивме на робот Наш на денот на одвојувањето на вистината од невистината, на денот кога се судрија двете војски, а Аллах може сè,
42. кога вие бевте во поблиската долина, а тие во пооддалечената долина, а караванот подолу од вас. И да се договаравте, немаше да се договорите за времето на борбата, но таа се случи за Аллах да даде да се исполни тоа што мораше да се случи, неверникот да остане неверник по очигледниот доказ и верникот да остане верник по очигледниот доказ, а Аллах навистина сè слуша и сè знае.
43. Кога Аллах во сон ти покажа дека нив ги има малку; а да ти покажеше дека се многу вие моралот ќе го изгубевте и за бојот ќе се расправавте, но Аллах ви го покажа спасот. Тој добро ги знае мислите сечии.
44. А кога се судривте, Тој во очите ваши ви ги прикажа во мал број, а и вас во очите нивни исто така во мал број, за Аллах да даде да се исполни тоа што мораше да се случи, а сè се враќа кон Аллах.
45. О, верници, кога ќе се судрите со каква било чета, бидете смели и непрестајно Аллах спомнувајте Го, за да го постигнете тоа што го сакате,
46. и покорувајте им се на Аллах и на Пратеникот Негов и не расправајте се за да не потклекнете и без борбениот дух да останете; и бидете издржливи, бидејќи Аллах е навистина на страна на издржливите!
47. И не бидете како тие кои за да му се покажат на светот, наметливо од градот свој излегоа за од Аллаховиот пат да одвраќаат. А Аллах добро знае што прават тие!
48. И кога шејтанот како убави им ги претстави нивните постапки и им рече: „Никој не може денес да ве победи и јас сум вашиот заштитник!“, тогаш тој, кога се судрија двете противнички групи, се повлече назад, и рече: „Јас немам ништо со вас, јас го гледам тоа што вие не можете да го видите, и јас се плашам од Аллах, бидејќи Аллах страшно казнува!“,
49. кога лицемерите и тие чиишто срца се болни велеа: „Нив ги заведе верата нивна!“ А тој што на Аллах ќе се потпре, па Аллах е навистина Силен и Мудар!
50. А да видеше само кога мелеците на неверниците душата им ја земаа и по лицата нивни и одназад ги удираа: „Вкусете го страданието во огнот!“
51. Тоа е за тоа што го подготвивте со рацете свои, бидејќи Аллах не е неправеден спрема робовите Свои!
52. Така беше и со фараоновите луѓе и со тие пред нив: во Аллаховите докази не веруваа, па Аллах, поради гревовите нивни ги казни. Аллах, навистина, е моќен и страшно казнува!
53. Тоа е затоа што Аллах нема да го лиши од благосостојба народот на кого Тој веќе им ја подарил, сè додека тој (народот) самиот не се промени. А Аллах сè слуша и сè знае.
54. Така беше и со фараоновите луѓе и со тие пред нив: доказите на Господарот свој не ги признаваа, па Ние, поради гревовите нивни, ги уништивме, а фараоновите луѓе ги потопивме, сите тие беа неверници!
55. Најлоши суштества кај Аллах се тие што негираат, тие што не сакаат да веруваат,
56. тие со коишто ти склопуваш договори, па тие секој пат, не плашејќи се од Аллах, го кршат договорот свој.
57. Ако во борбата се судриш со нив, казни ги така што поради нив да се разбегаат тие што се зад нив, за да примат поука!
58. Штом забележиш предавство кај некое племе, и ти нему исто така откажи му го договорот. Аллах сигурно не ги сака предавниците.
59. И нека не мислат тие што не веруваат дека ќе се спасат; тие навистина нема да можат да избегаат.
60. И против нив подгответе колку што можете сила и коњи за бој, за со тоа да ги заплашите Аллаховите и ваши непријатели, и другите освен нив – вие не ги познавате, Аллах ги знае. Сè што ќе потрошите на Аллаховиот пат, ќе ви биде надоместено, нема да ви се стори неправда.
61. Ако тие бидат склони кон мир, биди и ти склон и потпри се на Аллах, бидејќи Тој, навистина, сè слуша и сè знае.
62. А ако сакаат да те измамат, па, тебе навистина ти е доволен само Аллах; Тој те поддржува со Својата помош и со верниците,
63. и Тој ги соедини срцата нивни. Да го потрошеше сето тоа што постои на Земјата, ти немаше да ги соединиш срцата нивни, но Аллах ги соедини. Тој е навистина Силен и Мудар.
64. О, Веровеснику, Аллах ти е доволен тебе и на верниците кои те следат.
65. О, Веровеснику, бодри ги верниците на борба! Ако бидете дваесетмина издржливи, ќе победите двестемина; а ако бидете сто, ќе победите илјада од тие што не веруваат, затоа што тие се луѓе кои не сфаќаат!
66. Сега Аллах ви дава олеснување; Тој знае дека меѓу вас има слабост: ако бидете сто издржливи, ќе победите двестемина; ако бидете илјада, ќе победите, со Аллахова волја, две илјади. А Аллах е со тие што се издржливи.
67. На ниту еден веровесник не му е дозволено да задржува заробеници сè додека не извојува победа на Земјата; вие ги сакате минливите добра на овој свет, а Аллах го сака оној свет. Аллах е Силен и Мудар.
68. Да не е поранешната Аллахова одредба, ќе ве снајдеше големо страдање поради тоа што го зедовте.
69. Сега јадете од тоа што го запленивте, како допуштено и убаво, и плашете се од Аллах. Аллах навистина простува и Милостив е.
70. О, Веровеснику, кажи им на заробениците кои се наоѓаат во рацете ваши: „Ако Аллах знае дека во срцата ваши има какво било добро, ќе ви даде подобро од тоа што ви е земено и ќе ви прости.“ А Аллах простува и Милостив е.
71. А ако сакаат да те измамат, па тие и порано кон Аллах се послужија со измама, и затоа Тој ти овозможи да ги победиш. А Аллах знае сè и Мудар е.
72. Тие што веруваат, и се иселуваат, и во борбата на Аллаховиот пат ги заложуваат имотите свои и животите свои, и тие што даваат прибежиште и помагаат, тие меѓусебно се заштитници. А на тие коишто веруваат, а кои не се иселија, вие не можете, сè додека не се иселат, да им бидете заштитници. А ако ве замолат да им помогнете во верата, должни сте на помош да им излезете, освен против народот со кој имате склучен договор за ненапаѓање. А Аллах добро го гледа тоа што го правите.
73. Неверниците меѓусебно се заштитници. Ако не постапите така, ќе настане збрка на Земјата и голем неред!
74. Тие што веруваат и што ќе се иселат, и ќе се борат на Аллаховиот пат, и тие што даваат засолниште и помагаат – тие се, навистина, вистински верници. Нив ги чека прошка и благородно изобилство.
75. А тие што подоцна ќе станат верници, па ќе се иселат и во борбата заедно со вас ќе учествуваат – тие се ваши. А роднините, според Аллаховата Книга, меѓусебно се поважни. Аллах, навистина знае сè.[130]